Еуростандард банка-пиун

Почитувани читатели, минатиот викенд го поминав со мојот пријател Милан Ристоски, еминентен онколог,  кој во разговор ми предочи една мудрост, дека не од  секој  пиун во шаховската игра може да испадне кралица. Токму оваа мудра мисла од мојот пријател Мики ме инспирира да го напишам денешниов текст, секако  поврзан со стечајот на Еуростандард банка.

Во денешната колумна ќе се осврнам на местото и улогата на ОЈО. Истрагата  поведена од страна на Основното Јавно Обвинителство околу стечајот на Еуростандард банка сѐ  уште трае. Јавноста е запознаена дека се води истрага за 4 особи врзани со овој стечај. Едната од овие 4 особи сум јас, Трифун Костовски.

Истрагата која се води во оваа институција се потпира исклучиво на извештајот од страна на Народна банка, без да се земат во предвид несомнени факти кои ќе укажат дека јас и мојот син сме ставени како колатерали (читајте пиуни во шахот) кои треба да се жртвуваат во интерес на поединци и институции, длабоко замешани во организираниот криминал.

 

Ќе споменам неколку факти кои што неможе да се сокријат. Најнапред, цела година пред  стечајот на Еуростандард банка, јас не членував  во ниту еден орган за управување на банката и истата година како акционер го сменив стариот Управен одбор, именувајќи нов, само со цел да се излезе од шемата на позајмици во банкарскиот сектор како недозволени со закон  трансакции. Во втората половина од 2019 година  до денот кога се воведе вонредна состојба во Македонија, поради пандемијата Ковид-19 , февруари 2020 година, присилната наплата на незаконските одлеани средства бележеше голем пораст. Токму во февруар месец 2020 година, ние акционерите вложивме нови 13 милиони евра свежи пари како докапитализација на банката, со цел да ја зајакнеме банката и да ги пратиме препораките од Народна банка. За мене е несфатливо да вложам 13 милиони евра и да ја однесам банката во стечај за само 6 месеци период. Господа јавни обвинители, по докапитализацијата, 97 дена имаше вонредна состојба кога ни беше одземено и правото за присилна наплата, што претставува вистински удар врз банката, бидејќи предходно Народна банка ни го одзема правото за работа со правни и физички лица. Со овој чин на Народна банка евме осудени на смрт.

Господо обвинители ве уптувам да го анализирате чинот на Техничката Влада која во време на вонредната состојба носи две уредби со сила на закон и тоа првата објавена на 24 февруар 2020 година во која се наложува да нема стечај на ниту едно правно лице минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба. Со иста ваква уредба, овој пат објавена во Службен весник на 29 мај 2020 година,  претходната уредба се укинува , што значи моментален стечај. Додатен факт кој  обвинителството треба да го земе предвид е прашањето зошто Народна банка не ја однела во стечај Еуростандард банка во мај 2019 година, кога состојбата на банката била многу полоша отколку на  12 август 2020 година кога банката е однесена во стечај? Банката е однесена во стечај без формирано Собрание и Влада на Република Македонија, после предвремените парламентарни избори, а Народна банка со инструментите кои ѝ стојат на располагање за реагирање во банкарскиот сектор, прескокнува две суштински мерки, а тоа се вонредни мерки и администрација.

Господа обвинители, немате факти за вмешаност на нас акционерите во стечајот на Еуростандард банка. Само да биде појасно на јавноста и вам обвинителите, јас функционирав како претседател на петчлениот Надзорен одбор. Мојот глас важеше како еден од гласовите за гласање. Коста Костовски беше претседател на Комисијата за одобрување на кредити која  исто така е повеќечлена комисија, а претпоставувам јасно е дека таа комисија работи на база материјали кои се презентирани од секторот за кредитирање. Вие не покренувате истрага за креаторите на овој  законски неиздржан чин, а тоа се позајмици, туку ги истражувате луѓето кои што сакале да ја  вратат банката во нормален колосек. Дали сте свесни каква порака праќате за себе како обвинителство, како држава Македонија во светот, а особено меѓу граѓаните во Република Македонија. Се трудите мене да ми го извалкате ликот кој цел живот го чувам? Ако најдете едно нешто во вашата истрага за моја криминална вмешаност, слободно ставете ме на обвинителна клупа. Верувајте, мала ќе ми биде сатисфакцијата доколку нас акционерите нѐ ослободите од истрагата, но барем ќе бидам убеден дека ви се враќа моралот и етиката.

Господа обвинители, вратете ни ја правната држава, токму од вас зависи дали Македонија и понатаму ќе биде заложник на организираниот криминал и корупција. јас и понатаму меѓу моите сограѓани останувам како Трифун, пиун не сум, а вие размислете.

Tрифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close