Еуростандард банка, жртва на криминалот
Почитувани читатели, денес во овие жешки Јулски денови, македонската јавност целосно е свртена кон веќе усвоениот Француски предлог од Собранието на Р. Македонија, за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија со цел подигнување на ветото од соседна Бугарија за отпочнување на преговорите со ЕУ.
Несомнено, оваа состојба која веќе ескалира со денови, ги фрла во заден план аномалиите кои се сеприсутни во нашето секојдневие како криминалот и корупцијата. Направив сопствена анализа како криминалот и корупцијата се инфилтрираа во секојдневието на Р. Македонија и дојдов до несомнен заклучок дека нашава држава е киднапирана токму од криминалци кои исклучиво функционираат да ограбат и уништат свои сограѓани поради нивните ниски лукративни материјални интереси. Криминалот и корупцијата беа присутни од самото осамостојување на РМ како посебна држава. Првите криминогени деанија се појавија во т.н трансформација на општествениот капитал во приватен, која повеќе или помалку заврши во првата декада на самостојна Македонија. Во оваа декада имаше многу сомнителни криминогени деанија. Останаа неказнети бидејќи беа умешно покривани од институциите на системот во Р. Македонија, без разлика дали на власт беше СДСМ или ВМРО. Темелите на вистинскиот организиран криминал и корупција ги удри бившиот Премиер Љубчо Георгиевски, денеска претседател на партијата ВМРО Народна, кој пред целата македонска јавност обзнани дека се збогатил и е богат колку еден средно богат етаблиран бизнисмен. Партискиот содружник на Љубчо Георгиевски, Даравелски е во бегство, а тоа е човекот кој што многу помагал во богатењето на Љубчо Георгиевски. Приватизацијата на ОКТА, Цементарницата УСЈЕ и други, се посебна приказна за замешаноста на Георгиевски и неговиот личен интерес, кој доаѓа во преден план. Итрецот Георгиевски нема оставено никаде траги за присвојувањето на овие нелгално стекнати средства.
Георгиевски во ниту еден момент не беше ставен под истрага за неговиот стекнат имот во времетраењето на неговиот мандат и подоцна. Денеска овој човек е почитуван претседател на партија, дел од Владината коалиција во која има несомнено големо влијание во обезличувањето на нашата македонска посебност, бидејќи Георгиевски е еден од првите Македонци кој доби бугарско државјанство и беше кандидат за Градоначалник на Благоевград, Р. Бугарија, во првата декада од овој милениум. Организираниот криминал и корупција, поставени од Љубчо Георгиевски се надоградени од сите Влади кои дојдоа после него, на кормилото на Р. Македонија. До ден денес, ние граѓаните во Р. Македонија само ги трпиме последиците од ваквите криминогени политичари со натрупано богатство, буквално украдено од своите сонародници.
Почитувани читатели, во мене веќе се појавува сомнеж дека организираниот криминал и корупција во Македонија нема само за цел да го украде туѓиот имот, туку има уште пострашна позадина, а таа е македонско обезличување во сите сфери на нашето општествено живеење. Не е тајна дека во светот бизнисот ја креира државната стратегија. Впечатокот е евидентен: бројот на македонски силни бизнисмени е драстично намален или уништен од структурите во Р. Македонија во последните две декади.
Најотворено прашувам: да не бев етнички Македонец дали ова ќе ми се случеше? Преку ноќ без никакви индикации банката да се носи во стечај каде се направени низа пропусти од страна на Техничката Влада, Народна банка, Собрание на РМ и други институции.
Мојата љубов кон Македонија и Македонците е општо позната меѓу граѓаните, не според моите зборови туку според моите дела. Кому му пречев? На Заев тогаш, а сега на Ковачевски, или пак на сивата еминенција која денеска суверено владее со Р. Македонија. Хари Костов?
Почитувани читатели, факторот време дава можност за подлабоко навлегување во генезата на поривите за моето уништување. Поводот не е само материјален, туку и национален. Вие размислете…
Tрифун Костовски