Конески, Вангелов и македонската нова проза
Пребарувајќи деновиве стари дигитални пораки, ја препочитав мојата последна преписка со Атанас Вангелов. Сега, кога тој не е повеќе меѓу нас, секој негов пишан збор за мене се преобразува во сведоштво, шифра и завет. Затоа што и тој живееше и твореше, небаре остваруваше личен завет кон Конески. Последните години од животот за него мора да станале концентрирано време, постојано насочено врз дијалогот со Конески. Но и со сета европска мисла која, впрочем, отсекогаш беше присутна во неговото мислење. Во исто време, тој дијалог со Конески е тоа што Атанас Вангелов сакал го изговори за сите нас, со својата богата ерудиција и луцидна мисла, како негов завет за нас, неговите современици.
Непрекинат дијалог со европската литература
Во 2020-та ја објави обемната студија „Лирската биографија на Конески”, а во јуни 2021-та, само пет месеци пред неговата прерана смрт, и студијата „Филолошката критика на Конески”. Преписката со мене ја започна тој, со неговата порака на 16 јануари 2021-та, со која ми го испрати својот осврт за мојот роман „Витезот и Византијката”. Тој само што беше излегол од печат, кон средината на ноември 2020-та. Тоа за мене значи дека Атанас Вангелов бил меѓу првите читатели на мојот роман, за кој веднаш напиша кус есеј, во кој уште еднаш дојде до израз неговата суптилна аналитичка дарба и раскошното познавање на современата теорија на литературата. Токму затоа овој есеј многу ми значи, затоа што на критичкото перо на Вангелов му се восхитував од времето кога почнав да работам на Филоозфскиот факултет, како асистентка по естетика. Тоа што тогаш го насетував, ми стана многу јасно не само во есејот за мојот роман, туку и во неговите куси анализи на неколку македонски автори од помладата генерација, како, на пример, Румена Бужаровска, Лидија Димковска и Петар Андоновски. Тие анализи не се обични осврти, туку прекрасни есеи, во кои Атанас Вангелов за последен пат, на најубавиот начин, во восхитот за своите помлади колеги, го пројави своето неверојатно познавање на европската култура. За таков достоинствен третман на писател, научник и професор од негов формат, на делата на своите помлади колеги, е потребна човечка големина, но и целосно отсуство на авторска суета. Атанас Вангелов во младоста умеeше да пишува со остар критички суд, но сега, пред заминување во вечноста, пишуваше за нашата проза, таа на писателите помлади од него, со многу благост, мудрост и радост. Да, радост! Затоа што сознал дека во нашите прозни дела го продолжуваме тоа што го положиле во своите дела и живот Конески и тој самиот. Беше сознал дека неговиот непрекинат дијалог со европската литература ние веќе го практикуваме.
Најфранцускиот научен и литературен ум во Македонија
Тој ја беше запознал европската литература и одблизу, за време на научните престои во Париз. Во таа смисла, Атанас Вангелов, покрај Влада Урошевиќ и Милан Ѓурчинов, беше најфранцускиот научен и литературен ум во Македонија. Денес, препрочитувајќи ги неговите пораки, но, пред сѐ, есејот за мојот роман, со наслов „Роман за гордоста”, жалам што немаше време да ја напише споредбената анализа на мојот роман со тој на од него почитуваната Јулија Кристева, „Убиство во Византија”. Каков блескав есеј ќе беше тој текст! Ретко кој македонски теоретичар на литературата ја имаше дарбата на Атанас Вангелов за восхит, не само за европската литература, туку за можноста неа да ја постави во дијалог со македонската.
Ние уште не сме свесни дека со тоа Атанас Вангелов ни ја остави толку потребна парадигма за тоа што значи автентичен европски интелектуалец. Тој не мора да е во Париз за да размислува за литературата на европско ниво. Уште поголем подвиг е тој на научниците, писателите како Вангелов, кои во Скопје се мереа себеси со мерилата на некој што е во Париз, на Сорбона. Уште поважно е што тој многу јасно укажа во студиите за Конески дека тој животен и творечки став бил типичен и за Конески. Всушност, Конески беше првиот што ни го покажа примерот на мислење и творење кое е во постојан дијалог со светот и со Европа. Вангелов пишува дека „Конески е светот и Европа” и дека само така може да се создава автентична култура и литература. Затоа што, според примерот на Конески, тој и самиот е уверен дека „културата го дава идентитетот на еден посебен народ”, но не со тоа што се затвора во своите национални рамки, туку со тоа што постојано е во интеракција со светот и Европа. Тој го истакнува сознанието на Конески за културата, која по својот карактер е „наднационална и супранационална”. Се чини парадоксално, но една национална култура може јасно да ја докаже својата посебност само во интеракција со другите култури, со светот и Европа. „Кога пишувате на македонски јазик литература, тоа го правите како што се прави во Европа и во светот”, вели Вангелов во едно интервју. Литература која е затворена во строги национални рамки, не се развива и умира. Затоа што нема свој соговорник во светот и Европа, како што секогаш го имаше Конески. Ова сознание на Конески, Вангелов го примени во својата анализа на македонската нова проза и покажа дека таа „и по темите и по стилот е далеку од тоа да зборува само за работи кои се исклучиво од интерес за нашата земја, на нашиот регион. Едноставно таа говори за прашања кои се актуелни за човекот не само во Македонија, туку каде било во светот, во Европа”, заклучува тој во едно интервју.
„Мораме да сториме тоа што можеме сега и тука“
На моето сознание за тоа дека ние, македонските писателки и писатели, пишуваме на мал јазик, Вангелов повторно ми го препорача Конески како решение. Ми укажа дека Конески го дал одговорот на оваа дилема на 17 ноември 1993-та, „еден месец пред да почине, во својот духовен тестамент „Што значи да се пишува на мал јазик”. „Нашата сегашна проза, како и Конески во лингвистиката и литературата, го има за свој директен контекст, искуството на светот. И во тоа ја гледам живата врска на сегашните писатели со животното и уметничкото искуство на Конески”, ми напиша Вангелов во една од последните пораки во февруари 2021-та. Спомна дека работи на книга за прозата на Конески. „Многу важно е што јас открив мошне силни врски на сегашната наша нова проза (за твојата книга веќе пишував) и искуството на Конески (уметничко и животно), што ме поттикна да почнам систематски да ја читам таа нова проза во која наидов на чудесни уметнички вредности“, ми напиша во претпоследната порака.
Преписката ја завршивме со неговата загадочна порака, во која не зборуваше во еднина, туку во множина: „Мораме да сториме тоа што можеме сега и тука.“ Му одговорив, „секако, затоа и продолжуваме да пишуваме!“ Тогаш не можев да помислам дека оваа загадочна реченица ќе биде последната мисла која Атанас ја сподели со мене. Тогаш уште помалку ја поставував во констелација со кусоста на неговото житејско време, која, разбирливо, ја знаел само тој и нему најближните. Сега таа за мене одеднаш доби значење на завет од Атанас Вангелов за нас, македонските прозаисти, од сите генарации. Така како што со сета своја дарба, алкрибија и ерудиција тој постојано се мереше со мерата на Конески, така и ние ќе му бидеме верни и на Конески и на Вангелов, ако не го заборавиме нивното кредо. „Мораме да сториме тоа што можеме сега и тука.“ И тоа на најдобриот начин, како што тоа го чинеа Блаже Конески и Атанас Вангелов.
Кица Колбе