Ковид -19 не е никаква историја

Ковид-19 не е никаква “историја”!
Како што населението се здоби со некаков имунитет, сега наликува дека луѓето развиваат полесна Ковид-19 болест, па и во иднина секоја нова варијанта ќе носи полесна клиничка слика.
Полесна.. Полесна ..
Ова само е илузија!
Многу пати овој вирус го измами човекот, не си го лажете паметот.
Морам со жалење да констатирам дека премногу луѓе паднаа на некаква “фатаморгана” во времето на првиот Омикрон (онаа дека тој е полесна варијанта), кој така потценет успеа да убие алармантен број на луѓе по светот.

Вишокот на смртност помага да се добие правата слика. Анализи за последиците во Омикрон има од доста земји, и секаде се поврзува со ниската вакцинација и лошите здравствени политики за заштита на здравјето на луѓето, како и масовното заразување во Омикрон при создавање на колективен имунитет.

Во моментов кај нас имаме мала активност на теренот, што одново ни дава шанса да пристапиме кон активна борба за навремена изолација на контактите.
Како што и порано објаснив, постои можност преку тестирање на отпадните води, да ги следиме локално епидемиите. Така брзо би можеле да ги приспособиме нашите одговори, пример да ставиме маска или да го намалиме капацитетот на собири во затворен простор, но за тоа треба да се знае точно кога и точно каде има потреба од овие мерки. Да можеме да го ограничиме со време. И треба ова да го правиме, бидејќи ако го правевме за време на Омикрон, можеше да спасиме многу животи кои и допрва ќе згаснуваат од касни компликации.

Загриженоста околу развојот на пандемијата се гледа во САД и Европа кои се во состојба на висока готовност. Последно Европскиот центар за превенција и контрола на болести ги означи подваријантите BA.4 и BA.5 за “варијанти на загриженост”.
Останува да се види дали BA.4 или BA.5 може да го надмине BA.2.12.1.
Но без разлика која од сите ќе продолжи да се шири, овие варијанти можат да претставуваат дополнителен предизвик за нашиот имунолошки систем, кој можеби и нема да ги препознае целосно, со оглед на минималниот вкрстен имунитет обезбеден од BA.1, оригиналниот Омикрон.

Колку и да ни е тешко ментално да се соочиме со предизвикот, ние мораме да планираме дека и нешто полошо може да ни се случи од Омикрон во следните месеци.

Неколку работи зошто велам може да биде многу неповолна сликата со Ковид-19, па ако сакате и во блиска иднина:

1. Еволуцијата на коронавирусот се забрзува.
2. Варијантите се поспособни да го избегнат имунитетот.
3. Преносливоста и заразноста се повисоки.
4. Вакцините и бустерите нудат мала заштита во делот на трансмисијата.
5. Имаме одредено намалување во вакциналната заштита за хоспитализација/смрт Ковид-19.
6. Луѓето кои имале имунитет, а кои не биле бустирани во последните 6 месеци, одново се рранливи.
7. Веројатно е дека ќе се појавуват и поопасни варијанти.
8. Долг Ковид-19.
9. Одвишната смртност.
10. Реинфекциите се чести.
11. Нема промени во квалитетот на воздухот во затворениот простор.
12. Превозот и патниците ги скратија сите мерки на заштита, што значи одново варијанти патуваат низ светот.

Пандемијата Ковид-19 е кошмар низ кој сите кои денес читате преживеавме, и се уште го живееме, но ако не преземеме нешто да промениме, тогаш за што ли сме воопшто преживеани?

Ширењето на вируси како мајмунските сипаници во неендемски делови на светот, само покажува колку ништо немаме променето во главите и државите. Тоа е директно поврзано со нашата неспособност, или неподготвеност, да управуваме со овие ризици многу порано во нивниот циклус на создавање епидемија.
Актуелно е со мајмунските сипаници, a тоа се само 200-300 случаеви потврдени надвор од ендемичните делови на Африка.
Би требало системите за алармирање и епидемиолошките служби доста брзо да ги изолираат контактите, како не би се дозволило да се прошири во епидемија или пандемија. И толку. Не е воопшто комплицирано.
Како да не ви е на сите јасно дека вирус кој на едно место е ендемски како пример “мајмунските” сипаници во западна и централна Африка, кога ќе биде воведен во популација која е подложна на инфекција без никаков имунитет кон болеста, дека истата може да екплодира доколку е неконтролирана.

И уште нешто кое е актуелно.
Тестирањето за Ковид драматично опадна во многу земји во последниве месеци, што значи дека вирусот би можел да се шири и да мутира сега и под радарот.

Докторски муабет на поискусен колега –
“Си глумиме слепци за иднината на оваа пандемија и се држиме до слепилото за појавата на идните.”

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close