МААЕ: Иран започнува со збогатување ураниум користејќи илјадници напредни центрифуги

Иран ќе започне со збогатување ураниум користејќи илјадници напредни центрифуги во две големи нуклеарни постројки, соопшти денеска Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Ова дополнително ги зголемува тензиите во врска со нуклеарната програма на Техеран, кој долго време збогатува ураниум до нивоа на чистота што се блиску до доволно за производство на нуклеарно оружје. Нуклеарното оружје бара нивоа на збогатување ураниум од 90 проценти чистота.

Во соопштението на МААЕ, агенцијата на Обединетите нации (ОН), се споменува само дека Иран збогатува ураниум со нови центрифуги до ниво од пет проценти чистота, што е далеку пониско од претходните 60 проценти, што веројатно сигнализира дека сепак сака да преговара со Западот и администрацијата на избраниот американски претседател Доналд Трамп.

Сепак, сè уште не е познато како Трамп ќе му пристапи на Иран кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, особено кога Техеран продолжува да се заканува дека ќе го нападне Израел, во екот на војната на таа земја против палестинскиот Хамас во Појасот Газа и веднаш по почеток на прекин на огнот во израелскиот конфликт и либанскиот Хезболах. Во 2018 година, Трамп ги повлече САД од меѓународниот нуклеарен договор на големите сили со Иран, што беше проследено со серија напади и инциденти низ Блискиот Исток.

Откако Бордот на гувернери на МААЕ во ноември го осуди Иран дека не соработува целосно со агенцијата на ОН, Техеран се закани дека брзо ќе ја унапреди својата нуклеарна програма.

Во денешното соопштение МААЕ ги претстави плановите за кои Иран ги информирал. Тие планови вклучуваат вчитување на ураниум во повеќе каскади на иранските напредни центрифуги ИР-2M, ИР-4 и ИР-6.

Од 2018 година, кога пропадна иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со светските сили по едностраното повлекување на САД, Техеран збогатува ураниум на ниво што е малку помалку од она што е потребно за производство на нуклеарно оружје. Американските разузнавачки агенции и други проценуваат дека Иран сè уште не започнал програма за нуклеарно оружје.

Back to top button
Close