Македонија е бугарската Виа Долороса, дајте им нека ја изодат!?

 

Социјалните  мрежи вријат, прегореја, од коментари и осуди – револт и неверување за денешниот престој и активностите на бугарската државно-владина делегација во Битола.

Така е кога се во прашање Македонците. Исто е и во Бугарија, само што таму, потегот се велича, дежурните аналитичари на Фејсбук и Твитер, “обихновените хора”, граѓанството  се во една невидена еуфорија, речиси егзалтација.

Разликата е во тоа што, таму, на еуфоријата подлегнаа и мејнстрим медиумите, кои, од оваа страна, главно, молчат, го пренесуваат ставот на официјално Скопје, своевидно, страмежливо, појаснување дека бројната високо репрезентативна делегација, “ќе промовира владини проекти на Бугарија на кои ќе им претходи средба на Петков со бугарски здруженија на граѓани во земјава. Петков ќе биде прв бугарски премиер кој ќе престојува во градот под Пелистер”.

Предвидено е, заедно со македонските министри за надворешни работи Бујар Османи и за транспорт и врски Благој Бочварски, да го посетат електро-енергетскиот проект „Битола 2“ кој е во рамки на Коридор-8 и е наменет за реализација на интерконекција меѓу Северна Македонија и Албанија..

Во делегацијата од Софија, покрај премиерот Петков, се најавени уште и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, како и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и нејзината заменичка.

Ајде, нека биде ова досега напишано – храброст и добронамерност, ајде да заборавиме чии гости се во Битола и каква им е намерата? Но, поканата од Ботола, дел од делегацијата, предводена од актуелниот премиер,  да биде и поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, дури и кај нас поотпорните,  влева сомнеж, буди тешки сеќавања, отвора простор тоа да го третираме како директна провокација, зашто да не – малку и одмазда. И сомнеж – во добрите намери со  отворањето на Клуб, кој ќе работи во состав на културниот центар „Иван Михаилов“ во Битола.

Тогаш што да се прави, што да се чини!?

И покрај големата болка (сеуште се живи роднините на страдалниците од Втората Светска војна и бугарската “администрација!”), постојаните провокативните бодежи од страна на бугарскиот претседател Радев, треба да останеме со ладни  глави. Ако е провокација, нек им биде, ние да не наседнуваме на тоа.

ЈAСНО Е КАКО ДЕН ДЕКА БУГАРСКИТЕ ВЛАСТИ ГИ НАЧЕКААТ СВОИТЕ 5 МИНУТИ, ЗА ДА СЕ ОБИДАТ, ОД НАС,  ДА ИЗНУДАТ ОТСТАПКИ, САМО ЗАТОА ШТО СЕ ДЕЛ ОД ДРУШТВОТО КАДЕ НИЕ ЦЕЛИМЕ-ЕУ.

“Тази” друштво, е затворено друштво. Во “тази” друштво, има и диви, кои на питомите не им дозволуваат да влезат. “Тази” друштво е како досетката, охридскиот виц за славите и визитите. Кога ќе надојдат визитари повеќе, оние што веќе дошле порани, мораат да станат и покрај внатрешното противиње. А тоа го чинат со “оправдувањето” : дојдоа питомите, нека станат дивите!

Тоа е тоа!  Да останеме мирни, да ги оставиме Бугарите да се изживеат на “своите пет минути”(и над нас!), да почекаме да се види што понатаму со ЕУ. Ако треба да чекаме се додека не биде примена Турција, тогаш да им сервираме на Бугарите едно ладно (не мора да е одмаздничко) СИКТЕР КАФЕ,  и да си го бараме чарето.

Ќе наведам една споредба, едно искуство. Кога командантот на бившата ЈНА, во Скопје, побарал да биде примен од тогашниот претседател, Киро Глигоров, овој го примил срдечно. Му кажал се да земат со себе, вклучително и штекерите! На чудењето на “воинот без коњ!“, нашиот голем државник Глигоров, му одбрусил: ич да не се чудиш, се ќе ви дадеме, дури и ќе ве испратиме свечено – о едно СИКТЕР КАФЕ!

Сиктер кафе – за сва времена!

Ако тргневме по акалот на Димитар Црномаров, оној со мустаците што ги врти божем е Гоце Делчев, партискиот и мисловен собрат на Коле Бикчето од Охрид  (истиот оној  – ДОМАЌИНОТ, ДЕНЕШЕН, НА БУГАРСКИТЕ ДРЖАВНИ ГЛАВИ), ќе завршевме како Хрватите и Босанците, со неколку Вуковари и Сребреници!

Овој шегобиец, последниот ден на март, по повод пописот, во посебна Декларација на Културниот центар “Иван Михајлов” од Битола,  напиша дека 20 години живее   во нашата измачена Родина, а 30 се шлепа на ВМРО ДПМНЕ, а во  истата ќе констатира: Но, ние сепак ќе бидеме тука и уште ќе сакаме:

– Македонските Бугари во Уставот !!!

– Историската вистина/целата ! / – во учебниците на нашите деца !!!

– Договорот со Бугарија – е меѓу условите за почеток на преговори за членство во Европа!!!

 

Јас ги разбирам Бугарите, иако не ги оправдувам. Тие носат тешко историско бреме – секогаш биле на страната на посилниот во моментот, без никакво чувство за емпатија, секогаш на мрачната страна. Брисел и ЕУ, за нив денеска се една пералница, во која сакаат да си ги исперат гревовите, со тоа што ќе треба кај нас да остане КАЛОТИНАТА!

Нека!

Да бидеме големи во духот и опстојноста. Затоа што сме од Бугарија помала земја, внатре етнички шаренолика (не секогаш со истоветни интереси и стремежи кон иднината – Бујар во Битола ќе им гопокаже далноводот кој го гради газда Нефи од Охрид), затоа што Бугарија како ТЕРИТОРИЈА е стратешки позначајна за НАТО и Вашингтон посебно, затоа што се допира до Русија, затоа што, гледано од Брисел и Вашингтон,  е на првата линија од јужното натовско крило.

Тоа е реалноста, ни се бендисувала,или не.

Денеска, со светот владеат големите, владеат интересите, владее капиталот, владее воената машинерија ( И ИНДУСТРИЈА). Бугарија, ниту во сон, не би ни го чинела ова што ни го чини (а нели сме браќа – “сашто като исто” со Русите и Украинците), да беше поинаку, да имаше пореален и поправичен  мегународен попредок.

Таа цена ние ќе ја платиме во овој момент, после – “отом, потом”!

Како народ, како нација, како долг кон историјата и вистината, денеска е “достатачно” да застанеме зад ставот на Боречката организација од Битола. И самиот сум член на истата во Охрид и Дебрца, како поддржувач на светлите традиции од НОВ и ПОМ.

 

Боречката организација од Битола е најразвиена во земјава. Тие велат, ние застануваме зад тоа дека: “Ванчо Михајлов директно и индиректно ја помагал фашистичката, eкспанзионистичката и денационализаторската политика кон Македонија и Македонците на фашистичка Бугарија предводена од царот Борис III, тогашниот премиер Богдан Филов како сојузници и соработници на Адолф хитлер и Бенито Мусолини”.

ИЗБОРМАКЕДОНИЈА

Општинскиот Сојуз на борците од НОБ на Битола, се спротивставува (вербално – декларативноне со тупаници) на  доаѓањето на премиерот на Бугарија, Кирил Петков, по повод денешното отворање на културен центар „Иван Михајлов“.  Од Сојузот на борците сметаат дека со тоа се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија милитаризмот и антимакедонските политики од Втората светска војна.

Борците протестираат и против молкот и индолентниот однос на македонските власти и политичките партии за формирањето на клуб што го носи името на „Ванчо Михајлов“, соопштуваат од Сојузот на борците- Битола.

Протестираме и ние. Како? Со едно големо – ИГНОРЕ!

И со една мала порака: никогаш, ама никогаш, нема да успеете да го уништите македонскиот дух и македонската опстојност!

И со една честитка, за денешниот роденден на Стојан Стојков: Честити рани ЈУНАКУ!

 

Веле Митаноски

 

 

Back to top button
Close