Македонија лизга кон конфликтен национализам

 

Денко Малески

Ги препознавам тие манифестации на национализам од годините на распадот на Југославија. Тоа е онаа егзалтација со својата нација исполнета со чувства на супериорност или чувство на жртва.Тоа е оној претеран патриотизам кој толку често води до конфликт. За националистите во југословенските републики виновни за се беа другите а жртва на федералното уредување беа само тие. Процесот на еманципација на југословенските народи беше прогласен за загрозување на српската нација и држава и беше причина за војните. Така, другите национализми добија доволно храна за и тие да кренат глава. Се почна со неумерени зборови на политичарите и на интелектуалците за онеправданоста на нивната нација, зборови  кои  се прелија на улиците и стадионите за, на крај, да ја земат формата на убивање на припадници на други национални заедници. И додека сите зборуваа колку загубиле со федерална Југославија, ние во Македонија, го зборувавме обратното: за поддршката која ја имавме од другите југословенски народи во создавањето на нашата држава и нација и за повоениот брз развој на “земјата на камења и диви круши“, како што ќе напише Мисирков за Македонија. Политиката на претседателот Глигоров доведе до мирно раздвојување од Југославија и го отвори патот кон евроатлантските интеграции. Денес, некогашното „бебе од катран“, израз кој го употреби американскиот претставник  Роберт Фровик за Македонија, вообичаен за крајно проблематични држави, е членка на НАТО. Секој кој малку се разбира од меѓународна политика знае дека мирот и членството во НАТО  претставуваат фантастичен успех за младата држава и за македонската нација.

Но, сега кога мислиме дека сме безбедни, кога одбиваме да признаеме успех и во се гледаме само понижување, ни се повторува старата прикзна од древен Рим. Римски император склучил мир со варварите и го спасил царството од тежок пораз.Но, како што минувало времето и како што се одалечувала опасноста од војна, растеле критиките кон царот за „предавничкиот“ договор со варварите. Така е и со сите наши компромиси кои се прогласени за „предавнички“денес, па ретко кој пропушта приликата  да собере „национална дидиденда“ користејќи националистички јазик, оној карактеристичен за ехгзалтираниот и прекумерен патриотизам. Еве едан мал список на „предавства“. Предлогот Глигоров-Изетбеговиќ за конфедерација, таа умна иницијатива, и денес е „предавничка“во Македонија. „Предавничко“ е и членството во ОН со референцата ПЈРМ, тоа најголемо достигнување на македонскиот народ  да има своја меѓународно призната држава. „Предавнички“ е и  Охридскиот договор, иако останува едниствено решение за внатрешното уредување на државата на која  ќе и биде лојална и албанската заедница. Така е и со „предавничкиот “Преспанскиот договор, кој не направи членка на НАТО, најмоќниот воен сојуз во историјата на човештвото и ни ги отвори вратите кон ЕУ. „Најпредавнички“ е Договорот со Бугарија, со кој треба да се затворат историските теми за двата народи спокојно да зачекорат кон својата европска иднина како пријатели.

Партијата која, заедно со западните сојузници, го подметна својот грб за да се постигнат овие компромиси,СДСМ, е денес сардисана. Конечно, сите „предавнички договори“ се должат на нивното „попуштање“. А мирот и опстанокот на државата? Навистина, верува ли некој во паролата „Македонија вечна“? Вистина е само дека држави настануваат но и исчезнуваат ако не го следат ритамот на времето. Најлесно е да капитализираш на патриотизам, ама тоа ја лизга државата кон национализам, синонимот за конфликт. Малку кој кај нас би го разбрал Ками кога вели дека премногу ја сака својата нација за да биде националист. Претераниот, егзалтираниот патриотизам, имено, води кон несреќа на народот кој ќе и подлегне на оваа болест на душата. Во деведесеттите, кога Југославија се рушеше под ударот на подивеаните национализми, ние бевме за мирно преуредување на односите меѓу народите врз демократски основи. Секое претерување во тоа колку Југославија била штетна ни беше страно зашто не е вистинито и би не одвело во погрешна насока, во национализам. Денес, без трошка милост кон сопствената држава , таа кршлива демократија во настанување, удираме со сета сила по неа.Па така, од корупцијата, „името“, Албанците, греењето, струјата и Бугарите, направивме едно  џиновско замрсено балканско клопче кое се тркала кон национализам. Во обид да дојдеме на власт, раководени сме од омразата, претерувањето а не умереноста и разумот. Со нашите екстремни зборови го протеравме здравиот разум, политичкиот дијалог, толеранцијата и помирувањето и така, свесни  или не, се определуваме за национализам, второто име за насилство.

Сепак, со зачленувањето во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ македонската геополитика е сосема поинаква од првите години на независноста.Сега имаме сојузници, па домашната политиката која турка во заедничката насока, ја има поддршката на Сојузот, а онаа другата ја нема. Конечно, сите наши големи успеси се производ на соработка со земјите на Западот чии вредности, велиме, ги споделуваме. Измама е да се каже дека сите партии во Македонија се за НАТО и за ЕУ а да не се пропушта прилика да се осуди или да се изрази несогласување со Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, заеднички дела на македонската држава и на сојузниците. Спротивно на предупредувањата запишани во извршната наредба на претседателот на САД Џо Бајден,  дека политичари кои не ги поддржуваат овие компромиси не се пожелни соговорници на Америка,  мнозина во Македонија работат токму во таа насока. Во услови на страшна економска криза и страшна војна во Украина, македонски политичари, новинари и интелектуалци секојдневно и упорно го туркаат тоа џиновско балканско замрсено клопче на „неуспеси“ во настојување да предизвикаат националистичка лавина на следните избори. Директното инволвирање на американската амбасада во составувањето на владата е доказ дека работите стануваат сериозни. Дури и во време кога требаше да го решиме спорот со Грција како услов за членство во НАТО, американскиот амбасадор настојуваше да ги влече конците позади сцената. Денес, сегашната амбасадорка тоа го прави отворено иако такво поведение не е популарно ни во либералните демократии а камоли земји како Македонија. Имено, секаде важи правилото „што поголем отпорот кон надвор, тоа поголем аплаузот дома“. Може ли да се спречи националистичкиот бран на наредните избори со поддршка од надвор? Не знам што ќе биде. Знам за она што било: дека после Втората светска војна најпопуларна партија во Италија беше Комунистичката партија која освојуваше и до 40 проценти од гласовите. Под притисок на Америка и на Западот оваа партија никогаш не влезе во владата заради врските со Москва, се до крајот на Студената војна, падот на комунизмот и нејзиното реформирање. Тоа треба да го има на ум ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ и ДУИ, пак, не можат да сметаат на попуст во борбата со корупцијата само затоа што нивните чекори се во согласност со Америка и со Западот.

 

Back to top button
Close