Мала непријатност

Замислете, да сте некој дојденец и онака од страна да сте следеле како полицијата, судот и обвинителството како муви без глави ја решаваат кризата кога им исчезна Мијалков неколку дена пред изрекувањето пресуда. Не знаеш што е посмешно.

Дали нивното однесување тогаш, или нивните објаснувања откако избеганиот се појави пред Обвинителството да си го земе решението за домашен притвор. Една изолација и веднаш паника да се дигало. Башка што, човекот пак имаше доблест како во 2015.

Пак ѝ се извини на јавноста, ама овој пат и на Владата, на премиерот, министрите, правосудните органи за непријатностите што ги доживеале додека имал температура над 40. Кому му дошло до телефон и до вести на телевизија ако имаш треска и се плашиш да не си добил ковид-19 по вторпат? Би сакал да верувам дека „правда ќе има – и уште повеќе“, како што вели Заев. Аман, се изначекавме на таа правда уште од првиот ден кога почна да ги објавува бомбите.

Би сакал да верувам и дека ја извлекле поуката од случајот со бегството на Груевски, како што исто така рече Заев. И дека иако системот со бегството на Мијалков малку затаил, како што се правдаше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кога премиерот се налутил и силно треснал на маса, системот пак профункционирал. 2Море ќути, и покрај „малата непријатност“ работата се заврши. Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека е „исклучително задоволен и горд што настанот имаше свој позитивен епилог“.

Иако пред тоа бил „силно засегнат од последните случувања изминативе денови кои ја разбрануваа јавноста и за момент ја поткопаа довербата во институциите“. За момент!? Верува ли Маричиќ во ова што го зборува? Или мисли дека сме глупави. Оти ние ништо не знаеме, па тие ни кажаа. Ама како ни раскажаа што се случувало, поарно да си седевме во незнаење. Па, тој момент на недоверба кон институциите трае само триесет години.

Чудно функционира мозокот на политичарите. Ќе смислат нешто, ќе го кажат и бидејќи упорно ќе го повторуваат си мислат дека ние го прифаќаме како единствена вистина. Падот на секоја власт почнува оној момент кога ќе почне да мисли дека народот е глупав. Сашо Мијалков дочека Канал 5 и Сител, каде што слушавме дека им беше главен уредник на вестите и каде што тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ истури милиони наши пари, први да го емитуваат неговото спроведување во Шутка. Космичка правда ли е? Или навистина каменот од блиску доаѓа?

Целата колумна можете да ја прочитате на СДК.мк

Back to top button
Close