Марк Хармон се враќа како Гибс во претпродолжението на „Нејви“

 По повеќе од две десетлетија емитување, криминалистичката серија „Нејви“ (NCIS) останува една од најгледаните во светот, а името на Марк Хармон е синоним за нејзиниот успех. Затоа веста за неговото враќање во приказната одекна кај милиони обожаватели. Глумецот ќе го повтори ликот што ја одбележа неговата кариера – истражителот Лерој Џетро Гибс, но овојпат во серија што претходи на оригиналот – „Нејви: Почетоци“ (NCIS: Origins).

Враќањето на Хармон беше објавено и на официјалните профили на приказната „Нејви / НЦИС“, со пораката: „Приказната никогаш нераскажана – влегува во новото поглавје“.

Марк Хармон, сега 74-годишен, ја напушти главната серија во 2021 година за време на 19-та сезона. Неговиот лик потоа се пензионираше во Аљаска во емотивно збогување откако го реши последниот случај, со што заврши едно од клучните поглавја во историјата на серијата. Иако Хармон остана извршен продуцент, тој сега се враќа пред камерата – во претпродолжението што ги следи раните денови на Гибс во службата. Притоа, Хармон ќе глуми во секоја епизода од третата сезона.

Многумина на интернет-просторот коментираат дека едвај чекаат да го видат легендарниот детектив повторно на малите екрани. „Најдобри вести досега! Многу ни недостигаше Гибс“, „Обожавателите имаат причина да слават денес“ – гласат дел од реакциите.

Досега, инаку, холивудскиот ветеран се појави и како наратор што ги водеше гледачите низ приказната за помладиот Гибс, одглумен од Остин Стоувел.

Новата, 3. сезона ќе следи две временски линии: Едната ќе го прикаже помладиот Гибс како гради кариера во Камп Пендлтон во 90-тите, а другата ќе се сосредоточи на сегашната верзија на ликот, кој се соочува со тајна што ја криел со години. Продуцентите најавуваат дека оваа мистерија – дел од минатото на Гибс што не е откриен досега, ќе биде главниот столб на целата сезона.

Back to top button
Close