Мојот другар Томе

Почитувани читатели, денеска ќе пишувам за мојот другар, академик Томе Серафимовски кој физички не е меѓу нас, но неговите дела и животни мудрости, длабоко врежани во колективната меморија на Македонија, го направија бесмртен. Убеден сум дека многумина како мене го споделуваат восхитот за грандиозниот уметник и човечиште од човек, што би рекле соседите ,,људина”. Тој умееше за себе да каже, она шеретски ,,Ich komme aus Sharplan” (јас сум шарпланинец).

Роден во подножјето на Шарпланина, село Зубовце, гостиварско, израснат во многудетно семејство со браќа и сестри, Томе се изгради како вистински бренд во Македонија но и во соседството. Со неговите вајарски остварувања и монументални дела, Македонија доби маестрален скулптор, често споредуван со Иван Мештровиќ. Академик Томе Серафимовски е голем македонски бренд.

Спомениците: Браќата Свети Кирил и Методиј и Климент Охридски во Охрид, Мајка Тереза во Скопје, Нирнберг и Ватикан, Кочо Рацин во Велес и многу други, се само дел од неговиот животен порив и подвиг да го обликува минатото додавајќи му повисока вредност во сегашноста и иднината.

Студиите ги завршува во Загреб, во класата на тогаш еминентниот и многу познат хрватски скулптор Антун Аугустинчиќ. Како француски стипендист се дообразува во Париз, Франција.

Моето познанство со Томе започнува во раните 80-ти години од минатиот век кога ја отпочнав работна обврска да бидам делегат на фирмата Технометал-Вардар во Полска.

Првите средби беа емотивни, топли и уште од самиот почеток сфатив дека е привилегија ваков човек да ти биде пријател. Другарувањето со него е неописливо задоволство, јакнење на трајни и вистински пријателски вредности.

Животното мото од кое црпеше сила, беше неговата мајка Зуна. Немаше прилика, а да не ја спомене во било каков разговор својата мајка, дури и кога беше длабоко навлезен во својата осма деценија од животот.

Го красеа, како вајарски орнаменти, мудрост и знаења од многу области, стекнати низ целиот живот. Во својот професионален однос, тој не се зафаќаше да изработи било какво дело доколку не навлезеше длабоко во животниот пат и суштината на ликот кој му беше инспирација да ги овековечи во бронза.

Сакам да потенцирам дека пред неговото заминување на sвезденото небо, активно работеше да направи спомен обележје на патописецот Евлија Челебија, од некогашната Турска Империја на овие простори.

Низ кафе-моабет во неговото ателје при МАНУ, на работна маса видов над 20 книги и пишани изданија врзани за овој патописец. На моето прашање зарем навистина ги прочитал сите овие книги, тој сосема мирно ми одговори дека не може да изработи лик, ако не го спознае неговиот карактер исцрпен од напишаните документи и книги.

Томе беше човек што не трпеше неправда и незнаење. Нетрпеливоста кон неправдите беше негов внатрешен, човечки порив, дел од неговиот карактер. Со својот лик, става и говор, беше неприкосновено доминантен, владееше во круговите каде се движевме и дружевме. Томе беше иницијатор за формирање на мојата Фондација при МАНУ. Чувствувајќи ја мојата љубов кон татковината и моите сограѓани, тој ми предложи проект да формирам Фондација при МАНУ, со цел да се канализираат моите желби за вистинска поддршка на нашето македонско самобитие.

Томе беше навистина многу мудар човек, неговите мудри мисли беа изворни и инспиративни.

Ќе споменам една од неговите мудрости која во животот ми е големо школо.

Бев тукушто избран градоначалник на Град Скопје во 2005 година и почнав да го служам својот мандат.

Прв пат во животот осетив на своја кожа, какви се непринципиелни политички игри на партиите во Град Скопје.

За нашите политички партии освојувањето власт претставува добробит и личен интерес на поединци и групи. За мене функцијата Градоначалник беше обврска, никако привилегија. Требаше да бидам татко на градот. Партијата која ја поддржа мојата кандидатура за Градоначалник, ВМРО-ДПМНЕ, настојуваше по секоја цена да ја валоризира таа поддршка, барајќи да ги добие клучните позиции во градот и јавните претпријатија кои функционираат во Град Скопје.

За мене немаше никакви дилеми. Барав квалитетни кадри, чесен и професионален однос кон извршувањето на своите задачи. Многумина од кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и денеска се мои пријатели, меѓутоа имаше и такви кои одработуваа исклучиво за партиските интереси. Не можев да го истрпам ваквиот однос и барав да се повлечат такви кадри. Тоа доведе до заладување на нашите односи и соработката помеѓу мене како Градоначалник на Град Скопје и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Заладените односи со ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, предводена од СДСМ, во Советот на Град Скопје ми донесе еден тотален хаос. Изминаа само 8 месеци од моето стапување на функција Градоначалник на Град Скопје, соочен со нефункционалноста на Советот на Град Скопје кај мене се појави желба да се откажам од функцијата, бидејќи самите конфликти во водењето на градот не носеа ништо добро за граѓаните на Град Скопје. Со блокирање на сите активности вклучително и реализација на проекти, во секојдневното работење на градската администрација и јавните претпријатија најмногу страдаа граѓаните. Во тие моменти си земав за право еден час за себе и седнав во ателјето при МАНУ кај мојот другар Томе. Веднаш ја забележа мојата вознемиреност и само со две реченици ме убеди дека не смеам ниту да помислам да дадам оставка од функцијата Градоначалник на Град Скопје. Првата негова реченица гласеше: „бабата дава 5 пари за да се фати на оро, ама 100 пари за да излезе од него. Те избрале, си се нафатил и ќе одработиш” Втората негова мудра мисла гласеше: „Није се таки родија, који је свима угодија”, автентична далматинска мудрост која и денеска одsвонува во моите уши.

Секој поминат момент во друштво со мојот Томе го чувствував како собирање на знаење, кое овој човек умееше да го истури околу себе како бисери на мудрост. Неговата сопруга Иванка, по род автентична Далматинка, неговите ќерки Соња и Маја, внуките и внуците се вистинското богатството кое Томе го остави зад себе, неговите најдобро извајани ремек-дела. Ако со заминувањето на Жана Османли замина дел од мене, тогаш со заминувањето на Томе од овој свет, секна еден извор од кој многу учев.

Вечна ти слава, мој пријателе…

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close