Мојот пријател Мурис

Почитувани читатели, денешната колумна ќе ја посветам на мојот другар, пријател и бизнис партнер, Мурис Бегагиќ. Роден е во Бусовача во околината на Зеница, Босна и Херцеговина, но денес со своето семејство живее во Словенија, во градот Цеље.

За мојот пријател Мурис Бегагиќ немаше потреба од прекар, беше еден и единствен Мурис, познат како генерален директор на ,,Ватростална Бусовача”, фабрика за производство на огноотпорни материјали к употребувани во сите индустрии.

Неговата заслуга за јакнење на брендот Ватростална е огромна, бидејќи за време на својот мандат од 15 години успеа производството на огноотпорни материјали да го зголеми двојно повеќе, со додавање на нови производи кои со својата ефикасност беа многу посакувани во тие моменти.

Познанството со Мурис започна во далечната 1980 кога прв пат имав можност да ја посетам фабриката за огноотпорни материјали во Бусовача, со цел да се запознаам со нивното производство и секако тимот кој ја водеше оваа реномирана фирма.

Дочекан бев на многу пријателски и срдечен начин, бидејќи во тие моменти фирмата Технометл важеше за најголем извозник на огноотпорни материјали во бившата СФРЈ и сите поризводители во Југославија имаа посебен интерес за партнерки однос со мојата фирма. Кога говорам за производители мислам на Силика-Гостивар, Црвена Звезда-Пехчево, Шамот-Аранѓеловац, Магнохром-Краљево и Бедеховчина во Хрватска.

Првото видување со Мурис остави траен впечаток на нашиот другарски, пријателски и партнерски однос кој трае до ден денешен. По струка инженер и добар познавач не само на огноотпорната индустрија туку и на црната металургија, несебично ме подучуваше за производните процеси во железарите, само со една цел: „да знам што да нудам и од кого да понудам, да препознавам потенцијалниот купувач”.

Во бившата СФРЈ егзотермни плочи извезувавме во Полска, СССР и Бугарија. Распадот на СФРЈ страшно го погоди, посебно војната во Босна која со себе донесе многу беда и крв. Тоа беше причината тој конечно да замине од Бусовача. За појаснување, во 80-те години во времето на СФРЈ, фабриката во Бусовача беше водена од тим на Босанци, Хрвати и Срби и имаше прекрасна синергија. Војната ја уништи таа синергија и Мурис мораше да замине во Словенија. Како голем познавач на металургијата и огноотпорната индустрија веднаш се вработи во Ковинотехна –Љубљана.

Мурис со своето животно искуство како Босанец, кога во неговата земја се водеше крвава војна во првата половина на 90-те години, за мене беше вистинскиот и праведен толкувач на сето тоа што се случуваше во тие времиња меѓу Срби, Бошњаци и Хрвати. Во длабоко сеќавање ми е настанот кога во екот на војната Ватростална испорачуваше егзотермни плочи за Хута-Катовице во Полска. Проблемот не беше производството, проблемот беше транспортот. И денеска ми е во сеќавање какви сѐ маневри правеше Мурис со цел произведената роба да излезе надвор од вителот на војната. Денот поминат во мир кога се произведува, товари и испорачува робата, за Мурис беше празник. Жално што целиот договор не можевме да го реализираме, не поради неможност да се произведе, туку поради транспортот. Имено сите железнички пруги и нивните мостови беа минирани. Се сеќавам на неговите последни зборови кои по телефон ми ги кажа: „ Трифуне, жао ми је, не можемо више да испоручујемо, немамо излаз из Бусоваче и цео регион око Зенице”. Ова е грдото лице на војната, страв и неизвесност меѓу граѓаните при што мигот претставува вечност.

Убеден сум дека Мурис може да напише книга за неговото заминување од Бусовача. По неговото кажување, бил принуден да прави работи кои ни на сон не му доаѓале, само за да го спаси сопствениот и животот на неговото семејство.

Татко на две деца, со својата сопруга денеска живеат во Цеље со регулиран статус на државјанство кое пред се се должи на неговата стручност и професионално знаење во работата. Ќе се согласите дека Словенија има посебен пиетет кон кадар кој може да биде корисен за општеството.

Другарувањето со Мурис го практикувавме преку заеднички годишните одмори и дочеци на Нови години. И двајцата сме вљубеници во спортот и шахот. Вообичаена крилатица во нашите шаховски мечеви беше „нема шансе, убиЂу те гаде на крају ове баладе”.

Мурис беше присутен при формирањето на Кометал ГМБХ и несебично ми даваше поддршка да издржам во мојата работа.

Момент кој што никогаш нема да го заборавам во нашето дружење, покрај шаховската табла во мојот дом во Виена, е кога во текот на самата игра добив телефонски повик од кој ми се замрзнаа нозете. Имав обврска да затворам финансиска конструкција со моите партнери. Главната поддршка што ја очекував требаше да биде од човек кој многу добро го познавав и му верував. Се случи токму спротивното. Тој човек на патетичен начин ме пушти низ вода, меѓутоа тука беше Мурис кој застана целосно зад мене, секако не со финансии туку со морална поддршка. Во приватниот бизнис успеав, ама местото и улогата на Мурис во тој момент беше исклучително важна бидејќи се случи на самиот почеток кога сѐ уште мака-мачев да опстанам.

Неговите зборови и денеска ми звонат во уши „на муци се познају јунаци”. Всушност, Мурис е вистинскиот јунак.

Трифун Костовски

Back to top button
Close