Нема предавање на македонската демократија, каква и да е

На крајот од интервјуто посветено на победата на Доналд Трамп, Боб Вудворд кој заедно со Карл Бернстин, ја обелоденија аферата „Вотергејт“, што доведе до падот на претседателот Никсон во август 1974, порачува: „Don’t give up on American democracy“ („Не ја предавајте американската демократија“). Причина е изборот на Трамп за претседател. Во тукушто објавената книга посветена на Трамп, Вудворд го опишува новоизбраниот претседател на Америка како „опасен“,„импулсивен“,„управуван од страв и бес“… А сепак, Вудворд има верба, како во можноста возрасен човек „да порасне“, така и во американската демократија. Америка имала лоши претседатели и порано, па и прв мандат на Трамп, но демократскиот систем се покажал како посилен од штетата што ја направиле или можеле да ја направат. Во земјата сепак постојат ефикасни системи за одбрана на демократијата: од системот на поделба на власта на врвот, до цивилно општество на дното, независно новинарство и интелектуалци посветени на вистината, како силни бариери против самоволието на поединецот во политиката.

Иако ги немаме овие одбрамбени механизми и ние во Македонија не смееме да да ја предадеме нашата кревка демократија. Нашата битка е потешка од американската зашто кај нас нема изградени демократски институции кои би не спасиле од опасни, импулсивни и управувани од бес политичари на највисоките државни функции. Кога велам „институции“, не мислам на згради, ходници и канцеларии, туку на луѓето кои ги сочинуваат. Немаме доволно луѓе посветени на слободата и на демократијата. А, од интегритетот на луѓето, зависи дали имаме вистинска поделба на власта во нашата држава, каде извршната, законодавната и судската власт се контролираат меѓусебно, цивилно општество посветено на демократската кауза,а не платени демократи, и независно новинарство и интелектуалци посветени на вистината а не измамници за лична ќар . Само луѓе со интегритет можат да го бранат интегритетот на институцијата и на државата. Ги имаме ли доволно? Не.

Мислам дека нашиот ориентален менталитет, кој подразбира секогаш да си со власта заради личната корист ( да си блиску до султанот), е најголемиот проблем за нашата демократија. И тоа нема врска ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со СДСМ, ниту со ДУИ. Тој менталитет сече преку партиските и етничките поделби. Новиот премиер Мицкоски, кој во последно време повторува дека денешниот состав на уставниот суд е оној изгласан од СДСМ и ДУИ, како да сака да каже: ете, сепак судот носи одлуки согласно политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои се исправни. Но, тоа може да се протолкува и поинаку. Додека премиерот мисли дека одлуката за поништување на балансерот и најавената седница за промени во законот за јазиците е доказ за незвисноста на Уставниот суд, мојот став е дека нема граници кои некои луѓе не би ги поминале за да се доближат до извршната власт, заради лична промоција и лична корист. Ако пак, веруваат во она што го прават, тоа е последица на начинот на кој биле избрани во највисоката судска институција.

Најблаго речено, квалитетот и интегритетот на повеќето уставни судии во Македонија ни е сосема непознат. Она што малку го знаеме за некои од нив е поразително. Во хаотичната атмосфера на надгласување во надлежната комисија во собранието и на пленарна седница,основна задача е да се „протнат“ партиски лојалисти за уставни судии. Иако таквата лојалност не трае подолго од смената на власта, секогаш се повторува истата грешка. Како на лотарија, се фрлаат на страна имињата на оние што не поминале и се земаат нови топчиња, додека партискиот барабан врти. Наместо да ги бараат најдобрите правни умови, кои не можете да ги изброите ниту на прстите од една рака, личности лојални на правдата а не на партијата, и да ги стават под лупата на јавноста, владеачката партија, која и да е, секогаш бара „свои“ луѓе кои треба лесно да се „протнат“ низ површни и хаотични изборни процедури. Се плашам дека таквите институции, поточно таквите луѓе, не само што не можат да ја бранат македонската демократија, туку треба да ја браниме демократијата и од нив.

Еве какви уставни судии би можеле да ја бранат. Името на номинираниот судија на Врховниот суд на САД од страна на претседателот, заедно со негова фотографија, осамнува на првата страница на „Њујорк тајмс“ наредниот ден. Кандидатот минува низ тежок процес на јавно сослушување во Конгресот, пренесувано со денови на телевизијата. Јавноста дознава се за нивниот професионален и приватен живот – од ставовите и успесите во правната професија, преку нивните конзервативни или либерални погледи, до тоа дали на некоја игранка се опијаниле и се однесувале насилно кон девојка во време на школувањето. На крајот на овој процес следи гласање.

Споредбата со нашата пракса е страшна. Тешко е да се живее во општество во кое толку лесно се станува уставен судија. Но, демократската трансформација на едно општество е тежок и спор процес. Затоа нема предавање на македонската демократија, каква и да е.

Денко Малески

Back to top button
Close