Неподнослива леснотија на одлучувањето

Не може човек да не се восхитува на брзината и леснотијата со која Министерството за култура наоѓа излезни „решенија“ за некои проблеми трупани со години во македонската култура, па дури и за некои сериозни зафати коишто никој друг во дадени услови не би ги превзимал, барем не така „на своја рака“ и дури контра на јавно објавени експертски ставови коишто предупредуваат на евентуални фатални последици од истите. Не може, не смее, не е добро за оваа власт Министерството за култура повторно да се претвора во изолиран орган сам за себе, за неприкосновен господар во културата користејќи ја летаргијата на неспособните институции и замолчената независна културна сцена којашто, безмалу до вчера, беше така гласна контра ваквата „приватизација“ на ова Министерство. Ни фамозните „100 дена Влада“ не се оправдување за носење одлуки наврат-нанос, за нови „затворени кругови“ во одлучувањето, за самопрогласени експерти за се’ и сешто. Тоа се крајно опасни состојби што тендираат да се претворат во манир и дневна пракса на „брза лента“, независно од јавниот одглас, укажувањата, критиката. Еднаш го гледавме тој филм, навистина ли ни треба ли реприза? Зашто, (веќе) очебијниот аматеризам, бркањето позитивен ПР без оглед на можните последици од одлесното одлучување, ноншалантното однесување небаре културата е лична своина или своина на „тимот“ и др., водат натаму, го сакале ние тоа или не!
Јавноста, пред се’ онаа стручната, не бараше инстант резултати. Ниту една сериозна културна политика тоа не може да го даде на краток рок, уште помалку за 100 дена. Но бараше продолжување на реформските процеси, бараше експертски тимови по области, бараше стручност и компетентност, бараше отворање – дури и јавно – на многуте болни точки во македонската култура што буквално ја кочат, често и намерно, во споделувањето на европските вредности во културата. Ако за одделни „приоритети“ од типот на младите до 35 години и божемното нивно задржување во земјата со нудење некритичка предност во финансирањето на нивни проекти, или за „приоритетот“ викан Евроинтеграции но за којшто во буџетот за 2021 година (инаку катастрофално антиреформски!) не е предвиден ниту денар, или за тоталното организациско фијаско на Годишниот конкурс каде во екот на пандемијата пред Министерството чекаа и по 100 луѓе… ако значи за овие „безначајни“ и „маргинални“ нешта некој и ќе успее да најде (квази)оправдување, останаа уште десетина еднакво сериозни работи на коишто таму никој не им придава значење или – им придава целосно несоодветно значење. Од сето ова добивме една дебело подвлечена црта којашто вели: сето претходно сработено не вреди, сега ние – „тимот“ – ќе ви покажеме како се работи! Тоа не е сериозен и компетентен пристап, така не се доаѓа до резултати, особено заради фактот што таквата „политика“ во случајов нема соодветна стручна поткрепа, нема експертски „бекап“, нема темел врз којшто ќе гради што и да е’, а најмалку – културна политика! Или нам тоа не ни треба?
Не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека резултатот, па нека е и проблематичен, е поважен од процесот, дека законите и стратегиите се четиво само за експертите но не и за државниот орган, дека личните преференци, па и анимозитети, се всушност државна политика во една област. Тоа, едноставно, не го очекувавме. Воопшто. Веќе легендарната неспособност на Министерсвото за култура не е оправдување за формирање „пријателски кругови на одлучување“, за тотална блокада на системот, за замандален кабинет во којшто пристап имаат само „посветените“, итн. Затоа, впрочем, и соопштените „резултати“ од првите 100 дена се такви какви што се. И тоа во сите области, за жал. Дури и таму кадешто има некакво поместување, тоа се покажува контрапродуктивно заради недоволно обмислените постапки и очекуваните брзи ефекти. Такво нешто во културата – не постои!
Токму „случајот Курбиново“ односно потенцираната (наводна) грижа за културното наследство е некаква окосница на целиот чуден пристап кон решавањето на проблемите. Настрана експертските спротивставени ставови за целисходноста, дури хазардноста на некои „мерки“, за пристапот кон напластените проблеми во ова црквиче, неразбирањето на неговото значење и слично, кој и каков е крајниот ефект од целата таа помпа? Запишување на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново на прелиминарната листа (Tentative list) на УНЕСКО? Извинете, тоа не е идејата на заштитата, не е дури ни цел, барем во овој момент. Тоа, впрочем никој и не го барал/очекувал, туку јавноста – особено стручната – очекуваше комплетен и комплексен проект за заштита на црквата, можеби стручна дебата за начините и процедурите на процесот, очекуваше сублимат на компетентните мислења и нивно ефектуирање во соодветен миг! Наместо сето тоа, добиваме впишување на Курбиново на прелиминарна листа на УНЕСКО!?
И тоа за јавноста, па дури и за многумина малку постручни, може да прозвучи бомбастично. Сепак, токму во интерес на јавноста, мораше да се каже што всушност претставува таа листа!? Мораше да се соопшти дека на таа листа – или таканаречена „листа на чекање“ – државите членки впишуваат што сакаат. Имаат право на тоа. Следствено, и Македонија на таа листа веќе има неколку впишани „фаворити“, меѓу кои и Марковите кули во Прилеп (од 2004 година), пештерата Слатински извор (од 2004), локалитетот Кокино (од 2009 година) и др. И тие таму чекаат ред, чекаат „нешто“, еве веќе 16 години! Курбиново е запишано токму таму, со датум од 27.11. 2020 година. И? И ништо. Ќе стои таму со другите, ќе чека… нешто… бидејќи впишувањето на таа листа не претставува никаква обврска за УНЕСКО, најмалку финансиска (за некаква помош), и тоа е јасно и недвосмислено назначено на сајтот на оваа организација. Оттука, кога се пласираше оваа информација во јавноста, зошто таа иста јавност не беше информирана кои и какви ќе бидат ефектите од таа наша „активност“? Зошто требаше јавноста да се држи во таков полумрак и во надеж дека штом сме стигнале до УНЕСКО – се’ е полесно?! Ни е’, ниту ќе биде, туку тоа, повторно, ќе зависи од нашите стручни сили, од компетентните решенија и стручните тимови од институциите – а не од Министерството! – и, секако, финансиската помош од државата. Фалбите дека следната година ќе сме имале најголем буџет за заштита не значат ништо ако процесите се водат на овој начин. А тој „начин“ е особено амблематичен (и проблематичен!) и во вкупната постапка во Курбиново, а посебно самиот процес на негово „впишувањето“ на прелиминарната листа, при што не е почитувана ни основната домашна законска процедура. Министерката вели: „Успеавме црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново да ја ставиме на прелиминарната листа на УНЕСКО“. Но Законот за заштита на културното наследство вели нешто друго. Вели дека „(1) Културното наследство од особено значење може да биде предложено за стекнување меѓународно признат статус или упис во меѓународен регистар согласно со ратификуваните меѓународни договори“, но дека „(2) Одлука за номинација во смисла на ставот (1) на овој член донесува Владата на Република Македонија, по предлог на Министерството за култура и мислење на Националниот совет за културно наследство“. Оттука, кој се тие што „успеале“: Министерството за култура или (како што треба согласно законот) – Владата на РСМ? И зошто премиерот, во неговиот отчет не го спомна овој „важен“ факт туку спомна само дека „Во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново… се започнати конзерваторско-реставраторските интервенции“? Зарем премиерот не ќе знаел – а морал да знае – ако Владата го направила она „ставање“?! Понатаму, има ли мислење од Националниот совет за културно наследство, има ли елаборат за ревалоризација на црквата, кој го правел и кога…, го усвоил ли (повторно) Националниот совет за културно наследство, има ли барем едно позитивно мислење од (барем) домашен експерт…?
Се разбира, многумина можеби ќе речат дека се тоа дури и неважни детали. Ама не се. Тоа е кршење на закон и процедури, непочитување на хиерархија. Особено што со тоа, за жал, ама баш ништо не се придонесува за заштитата на црквичката во Курбиново. Како што впрочем и во сите други наброени „успеси“ во првите 100 дена повеќе гледате самоволие, необјаснива леснотија во одлучувањето, несоодветно постапување во значајни сегменти на функционирањето на органот надлежен за културата итн. Но за тоа подоцна.
Златко Теодосиевски






