Непокор
Почитувани читатели, во изминатите години секоја седмица редовно пишувам колумни на тема поврзана со стечајот на Еуростандард банка.
За сите читатели, кои ги читаат моите колумни, недвосмислено и таксативно беа наведени сите пропусти кои системот во Република Македонија ги направи во моментот кога банката беше однесена во стечај.
Народна банка е олицетворение на вакво криминално зло кога дозволи на ваков начин стечајна постапка која во ниеден момент не требаше да заврши на начин на кој таа го стори.
Таа во своето работење прескокна процедури со кои требаше да биде консолидирана банката, а тоа се:
1. Вонредните мерки, што во превод значи изречување на казни на членовите на Управен и надзорен одбор и нивно отповикување од функциите кои тие ги извршуваа.
2.Ја прескокна процедурата за воведување администрација во банката, со можност банката да закрепне и продолжи со работа.
3. Стратешкиот партнер, кој беше спремен да ја докапитализира банката , не беше примен ниту на еден разговор , полни 3 месеци пред објавувањето на стечајот на ден 12 август 2020 година. Сериозноста на стратешкиот партнер беше потврдена и од страна на Народна банка дека ги поседува сите перформанси барани од Народна банка за негово влегување во капиталната структура на Еуростандард банка.
4.Вонредната состојба која траеше цели 97 дена при одземена лиценца на Еуростандард банка да работи со правни и физички лица, а со додатна одлука на Техничката Влада на РМ ѝ беше одземено и правото за присилна наплата на доспеани побарувања.
Стечајот на Еуростандард банка е обзнаен веднаш по завршувањето на вонредната состојба, по завршените предвремени парламентарни избори и неформирано Собрание и Влада на Република Македонија. Со прости зборови, банката е однесена во стечај кога во Македонија владее БЕЗВЛАСТИЕ.
5. И на крајот, на кол конференција одржана на 7 август 2020 година меѓу вицегувернерите на Народна банка и Надзорниот одбор на Еуростандард банка, беше даден термин за докапитализација на банката од 2,4 милиони евра до 14 август 2020 година. Банката е однесена во стечај на 12 август 2020 година, два дена пред истекот на договорениот термин за докапитализација на банката!
Сите горе споменати факти, денеска стојат само во моите колумни, додека институциите на прогон како Обвинителство, Финансиска полиција, Судство и додатно Собранието на Република Македонија, како единствен овластен орган за контрола на работењето на Народна банка, молчат.
Борбата против организираниот криминал и корупција, како најголемо општествено зло на Република Македонија, до ден денешен е само формализам и флоскули. Присуството на организираниот криминал и корупција во Македонија е многу јасен. Извештајот на ЕУ од 2022 година како и перманентниот притисок на Стејт Департментот кон Македонија јасно говорат дека актуелната Влада на Република Македонија, вклучително и партиите од опозиција, немаат намера да се справат со оваа девијантна појава.
Заклучувам дека македонската политичка сцена нема желба за справување со ова зло.
Во животот секогаш сум се водел да бидам чесен, праведен и добронамерен кон моите сограѓани и мојата држава.
Нема да дозволам ниту една институција или поединец да ми го извалка името, како ни моето семејство. Во мојата борба за вистината ќе бидам упорен до крај и ќе ги користам сите алатки кои ми стојат на располагање за решавање на ова зло во рамките на законите кои владеат во Република Македонија.
Непокорот е мојот порив да истраам во моите зацртани цели. За жал, не сум единствениот граѓанин во Република Македонија со кого системот си поиграл, но би сакал да бидам последен.
Трифун Костовски