Невини под истрага, сторители на слобода
Почитувани читатели, веќе петта година по ред како пишувам колумни поврзани со стечајот на Еуростандард банка, сакајќи на јавноста да ѝ укажам за базичните аргументи кои што ги воочив сиот овој период, за пропусти направени од институциите: Народна банка, Техничка Влада на РМ, Основното јавно обвинителство и Собрание на РМ. Убеден сум дека овие пропусти се направени со умисла.
Денес, повеќе или помалку, ситуацијата со Еуростандард банка во стечај е јасна. Во стечајната маса се собрани пари со кои што целосно ќе бидат обештетени сите правни и физички лица, клиенти на банката. Згора на тоа, ќе се појават и вишок на средства во самата стечајна маса. Самото функционирање на Еуростандард банка во стечај со стечајните управители и нивниот персонал чинат повеќе од 6 милиони евра. Тие средства се потрошени за водење на стечајната постапка и ѝ припаѓаат на Еуростандард банка.
Вината за носење на Еуростандард банка во стечај е јасна. Народна банка како нејзин егзекутор треба да ја понесе сета вина за овој грозоморен чин на свесно уништување на правен субјект – банка.
Логистичката поддршка, добиена од Техничката Влада предводена од Оливер Спасовски, со носењето на уредби со сила на закон е исто така силен соучесник, бидејќи со закон ѝ овозможи на Народна банка, стечајот да биде прогласен веднаш по завршувањето на вонредната состојба од пандемијата Ковид-19.
Да појаснам. Народна банка прескокнува инструменти кои ѝ се на располагање, а тоа се вонредни мерки и администрација. Истите тие мерки овозможуваат стабилизација на банкарскиот сектор во земјата.bЗа Народна банка пандемијата Ковид-19 беше само логистичка поддршка за час поскоро Еуростандард банка да ја однесе во стечај.
За време на вонредната состојба ни беше одземено правото за присилна наплата на доспеани побарувања. Значи, со одземено право за работа со правни и физички лица, цела година наназад од страна на Народна банка, дополнително бевме ничкосани со одземеното право за присилна наплата на доспеаните побарувања.
Веселата математика беше креирана од страна на Народна банка за неадекватност на капиталот во банката. Народна банка одби да го прими потенцијалниот коинвеститор во банката цели 4 месеци, иако истиот ги задоволуваше сите услови за официјален прием во структурата на сопственици на банката. Овој партнер беше спремен за докапитализација на банката.
Техничката Влада, за време на вонредната состојба од пандемијата Ковид-19, носи две контрадикторни уредби со сила на закон. Со првата, објавена во Службен весник на 24.02.2020 година, се забранува носење во стечај на правни субјекти минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба. Со исто таква уредба овој пат објавена 29.05.2020 година се поништува предходната уредба и се обзнанува стечај на правен субјект веднаш по завршувањето на вонредната состојба.
Од неофицијални извори имам информации дека стечајот бил подготвуван да се обзнани на 1 јуни 2020 година, веднаш после стапувањето во сила на втората уредба со сила на закон на Техничката Влада. Истиот чин бил стопиран поради предвремените парламентарни избори кои што се случија на 15 јули 2020 година, меѓутоа нестрпливоста на Гувернерката Бежоска час поскоро да ја однесе Еуростандард банка во стечај беше сторена во момент кога нашата држава немаша ниту Собрание, ниту Влада или поточно кажано според мене кога во државата владееше безвластие.
Јавноста знае дека реализирав и сопствена истрага за стечајот на Еуростндард банка која ја водеше еминентната фирма R.U.R LLC, на чело со еминентниот и светски познат ревизор Драго Кос.
Промоцијата на овој мој извештај беше бојкотирана од сите институции во државата.
Со овој извештај се откри дека во банкарскиот систем се имплементирани многу незаконски начини на финансирања со така-наречените позајмици.
Народна банка, актуелната влада предводена од СДСМ и ДУИ, органите на прогон во ОЈО, МВР и Министерството за финансии останаа неми.
Го направив и следниот чекор. Ги отпечатив и моите објавени колумни на социјалните мрежи до крајот на 2023 година во книгата „Мојот непокор”.
Сите институции на прогон, вклучително со Јавното обвинителство, Судскиот совет и Влада на РМ добија од мене по еден примерок од книгата. Примерок добија сите обвинители во Основното Јавно обвинителство, а во сите судски органи секој поединец. Подарив повеќе од 300 примероци кои што беа уредно примени. Единствено Народна банка одби да ги прими десетте примероци кои ги предвидов за нив!
Заклучувам. Сите поединци кои што ја примиле мојата подарена книга, повеќе или помалку знаат дека е направена неправда, но сепак молчат, очекувајќи да добијат „наредба од горе”. Ова сознание ја отсликува реалната слика во нашето секојдневие, а тоа е заробена држава од криминогени структури кои што не дозволуваат правдата да испадне на виделина.
Молчењето за направениот злостор станува наше секојдневие. Длабоки промени се неопходни во нашиот институционален систем. Групи и поедници поврзани со политичките партии ни ја крадат слободата на нас, граѓаните.
Жално, ама вистинито, тоа може да се случи само кај нас во Македонија. Како вљубеник во својата татковина и како човек кој покажувал хуманост со дела, како дојдов до ова дереџе да бидам прогонуван за дела кои ниту во сон не можам да ги замислам, а не да учествувам во нив.
Важам за еден од најголемите донатори во сите сфери на нашето живеење од прогласувањето на нашата самостојност.
Дали се работи за некое исконско проклетство или за сериозни човечки аномалии како злоба, завист и љубомора кои што се чувствуваат во нашето секојдневие, не знам повеќе што да помислам и во што да верувам. Сакам да изградиме држава каде што достоинството на секој поединец ќе биде загарантирано, а меѓу нас, граѓаните да изградиме општество со силни институции и силни поединци кои ќе овозможат просперитет на државата. Ѝ сакам добро на мојата сакана Македонија.
Трифун Костовски