Од Малесија капарисувавме невести, министерката Стефкоска ја капарисуваме за Балканскиот поетски камп за млади „Ванчо Николески“

Не знам колку е во право професорката Јасна Котеска, кога, вели, дека, академик Коцарев е “последниот жив херој во земјава кој го знае”, иако немам причина да не и верувам, но, со сигурност знам дека сите оние, кои, го распнаа на крст, по повод неговата изјава за укинувањето (реформирањето!) на Филолошкиот факултет во Скопје „Блаже Конески“, сите заедно, во своето научно портфолио, го немаат она што, со мака и пот, го стекнал Коцарев, во земјата и светот.

Јасна Котеска е македонска писателка, теоретичарка и филозоф, редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Научните работници и медиумите, “забазекнути!” од “гревот!” на Коцарев, побрзаa да соопштат дека академикот “ретерирал!”, додека професорката Котевска смета дека, не тој, туку, всушност, ретерирале даскалите од Факултетот, а Коцарев, само “спречил еден опасен процес”.

Еве,како, всушност “ретерираше” претседателот на МАНУ:

“Се радувам што на Филолошкиот факултет во Скопје „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и македонска книжевност. Посакувам во идните реорганизации на факултетот, рамо до рамо со различните отсеци, секогаш да бидат вклучени и отсеците за македонски јазик и јужнословенските јазици и македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со единствена цел, заедно и достоинствено да ја прославиме годината на Блаже Конески “.

Се разбира дека “ретерирањето!” треба да се прочита неколку пати, па уште неколку пати и мегу редови, за да се разбере што сакал да каже академикот?

Имено, Коцарев “се радува што на Филолошкиот факултет во Скопје „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и македонска книжевност”.А што ако постоела!?

“Ретерирањето” на Коцарев е само парафраза (мајтапење!) на “чаталењето!” на дскалите: “не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност”!

Даскалкките, 17 на број “истовремено ја уверуваат македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини”!!!

Тие не објаснуваат кои се”сите средства и на сите начини!” , но Документ за рерформа на Филолошкиот факултет во Скопје „Блаже Конески“ има, тврди Котеска. И тоа- за да ги нема националните катедри! Напишан е и потпишан од Анета Дучевска, архивиран на 09.04.2020, сите вработени од факултетот го имаат.

Ако таков документ постои, некој треба да го каже тоа. Најповикана е деканката, Анета Дучевска, додека пак државата, пред се, ресорното министерство, треба да ни објаснат како тоа интересот за упис на Филолошкиот факултет,паднал на бројката од “дури!” 12 студенти, “што е всушност благо покачување, во споредба со лани, кога биле запишани 10 студенти!”, ќе изјави деканката. Овој пат, ова е и смешно и трагично!

На ова можат да се радуваат само Каракачанов и Захариева: само пет матурантки се пријавиле да го изучуваат македонскиот јазик во првиот уписен рок на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на насоката Македонски јазик (со проверка на знаења и умеења)!!!

Д-р Људмил Спасов, професор на Катедрата за македонски јазик и претседател на Советот за македонски јазик, излезот го гледа во неопходноста од реформи на наставните планови и програми.

Во социјализмот имавме подобри програми отколку денес, вели Спасов. Еве зошто: Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици е првата наставно-научна институционална единица во рамките на Филозофскиот факултет, основана во 1946 година, под називот Катедра за јужнословенски јазици, со посебен Семинар за македонски јазик. Катедрата има основоположничка улога во создавањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Од основањето до денес својата наставна дејност Катедрата ја врши, пред сè, преку Групата за македонски јазик.

Самиот, на истиот факултет, се запишав есента 1978 година.Татко ми Ристо (претпладне чувар во “Лихнида” – попладне и сите викенди мајстор, малтерџија за да ги прехрани шесте чеда), беше малку навреден од мојот избор. Сакал правник да бидам. Факултетот го завршив предвреме, уште во јуни 1972 година – “првенец!” по време, а не и по успех.Тоа не ме интересираше, времето и можностите беа во прашање, но, затоа, пак, во Охрид се вратив и со индекс за втора година на Правниот факултет. Тој беше само за татко ми.

Воопшто не се кајам. Ме учеа колоси: Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, стариот Спасов, Гане Тодоровски, Бистрица Миркулоска, Ѓорѓи Сталев и да не ги редам сите. Како, во споредба со нив, би изгледале денешниве сеирџии, вџашени од изјавата на Коцарев!?

Воопшто не се кајам што си зедов на грб, на стари години, на почетокот исцело со свои средства, да направам нешто, што ќе ги оправда зборовите на министерката за култура, другараката Ирена Стефковска, “лист од нашата гора”, со корен од Малесија – потака и погоре од моето Црвена Вода, од каде предците ги капарисуваа невестите.

АКО САКАМЕ ДА ЈА СОЧУВАМЕ КУЛТУРАТА, МОРАМЕ ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ЈА СОЗДАВАМЕ“, вели Стефковска (чичко и Стефан – Баљошот, ми беше најшармантниот даскал во охридската гимназија). Така и ние, од Црвена Вода (во училишната зграда изградена од “комуњарите” во социјализмот, каде бил прв учител Ванчо Николески (претходно наставата била во неговата родна куќа!), заборавениот родоначалник на детската литература од државата, му направивме “Спомен соба”. Над прагот од родната куќа поставивме “Спомен плоча”. Продолживме, го зачнавме, првиот и единствен на овие простори – Балкански поетски камп за млади “Ванчо Николески”.

Уште на старот не издекса шефот на државата, драгиот Стево, со специјално Послание за почетокот. Наредната година, лани лето, Послание ни пристигна од генералниот секретар на Светската академија на поезијата при УНЕСКО д-р Лаура Троиси, која го испрати во Охрид претседателот на Одделот за целиот словенски свет, поетот Мајо Даниловиќ, на отворањето од страна на градоначалникот Константин Горгиески.

Првата година Министерството за култура не издекса со 60.000,oo денари. Лани со половината од тој иснос, годинава со 0,оооо ( и со букви со нула, нула денари!)!?

Така е драга Министерке! ЈОХАН ХОЈЗИНГА:„АКО САКАМЕ ДА ЈА СОЧУВАМЕ КУЛТУРАТА, МОРАМЕ ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ЈА СОЗДАВАМЕ“ .

Кампот го создадовме и ќе продолжиме да го одржуваме и годинава. За пари да не се секираш. Во наш Караорман и твоја Малесија има шумски плодови колку ти душа сака: мов, смрекинки, печурки, мајчина душица, смиљ…

Ќе се снајдеме!

И однапред те капарисуваме, како што капарисувавме невести од твојата Малесија, да ни дојдеш, на свечениот почеток. Ќе биде кон крајот на август, паралено со Стршките вечери на поезијата, така практикуваме со директорот, драгиот Тодорче Тасевски.

Дотогаш, биди ни здрава и жива.

Веле Митаноски

Back to top button
Close