Оштетени од системот

Почитувани читатели,

Денес сакам со вас да споделам мое лично видување за реалната состојба во Република Македонија. Со децении наназад нашата Македонија е заробена држава, пред сѐ од организиран криминал, на чело со сивите еминенции како суб-производ на организираниот криминал и корупција.

Целта на моето појавување на социјалните мрежи е да се доближам до вас, мои сограѓани, да ги искажам своите видувања за неправдата која ми е нанесена и секако да ја барам поддршката од вас.

Несомнено бев поттикнат од моите лични потреби да дојдам до вистината и да ги изведам пред лицето на правдата организаторите на овој криминален чин – стечајот на ЕСБ.

Вчудоневиден сум од фактот што во изминатиов период од неполни две години, колку што сум активен на социјалните мрежи, бројката на вакви случаеви е фрапантна.

Секојдневно се јавуваат лица кои споделуваат со мене слично искуство со ваков трагичен систем , во кој наместо да се штитат интересите на поединецот, капиталот, па и на државата, истите се дозволува да станат жртви на сивите еминенции кои ги контролираат сите витални институции за функционалност на нашата држава.

Високиот степен на криминал и корупција според Transparency International во земјата не е случајност, туку е реален факт на кој ние граѓаните на Република Македонија мораме да му дадеме посебен пристап, со цел да го уништиме ова општествено зло.

Не може да имате сигурна и безбедна држава каде ќе ја градите својата иднина, ако секојдневно се појавуваат нови жртви, кои стануваат дел од агендата на организаторите на овој криминал.

Фактот што живеам со мојата борба да истарајам до крај, ми овозможи да согледам и други, туѓи судбини со идентичен епилог : уништени физички и правни лица од системот на Република Македонија.

Ова е за мене предизвик кој ги надминува моите лични потреби за правда и ми наметнува една нова димензија – борејќи се за лична правда истовремено се борам и за сите останати оштетени физички и правни лица од системот на РМ.

По мојата длабока анализа, две битни нешта се карактеристични токму за денешнава актуелна состојба: дипломатскиот кор во РМ и политичките партии.

Дипломатите од Западно европските земји и посебно САД секојдневно апелираат до Владата на Република Македонија и до нејзините институции за справување со ова општествено зло кое е базична пречка кон нашето европско интегрирање.

Во меморијата ми се врежа неодамнешната конференција за печат одржана од актуелниот министер за финансии Бесими, во присуство на амбасадорот на САД, Госпоѓата Брнз, каде господиот Бесими обзнани дека Буџетот на РМ е краток за 900 милиони евра и се дрзна на позајмица од домашните банки од 50 милиони евра со каматна стапка од 2,5%

Министерот Бесими обзнани дека издавањето на нови обврзници за ново задолжување на Македонија на светскиот пазар на пари ќе нѐ чини со каматна стапка меѓу 7 и 8%

Зошто домашната стапка е 2,5%, а стапката на странските кредити е од 7 до 8%?

Мене ми е сосема јасно дека кредитниот рејтинг на Република Македонија е во континуиран пад, а со падот на рејтингот, каматните стапки на светскиот пазар растат.

На пресот кој беше воден од министерот Бесими, амбасадорот на САД во својот настап го потенцираше организираниот криминал и корупција како главни индикатори за лошата финансиска состојба во државата.

Честитки за Амбасадорот Брнс.

А г-динот Бесими како и под кои услови ќе го обезбеди дефицитот од 850 милиони евра за само 4 месеци до крајот на годината, е прашање кое би требало да нѐ загрижи.

Од друга страна, политичките партии на власт и опозиција продолжуваат по стариот терк на меѓусебно обвинување кој повеќе крадел. За партиите на власт разбирливо дека нема да ја коментираат оваа катастрофална состојба со буџетот на РМ, ама за партиите во опозиција тоа е недозволен чин да останат неми и незаинтересирани.

Плурализмот во Македонија е демократско добро, ама султанизмот во самите партии е најголемото зло во нашата држава. Не видов ниту еден политички субјект од РМ кој гласно и одговорно ќе се зафати во костец со ова општествено зло.

Заклучувам дека летаргијата на политичките партии која владее е вистински рај за организираниот криминал и корупција во Македонија.

Време е за комплетно ресетирање, најпрво на самите политички партии, а со тоа и на самата држава.

Сметам дека политичките партии мора да бидат иницијатори и носители на оваа борба.

Сѐ додека тое не се случи, ќе имаме нови случаи на оштетени правни и физички лица во РМ, чиј број допрва ќе расте.

Трифун Костовски

 

 

Back to top button
Close