Перспективите на македонско- бугарскиот спор

По завршувањето на изборите во Бугарија, добиените изборни резултати дополнително ќе ја комплицираат состојбaта на политичката сцена, во нарениот период. Слабиот коалиционен капацитет на Бојко Борисов, која всушност победи на изборите, ја прави ситуацијата неизвесна дали ќе може да го собере потребно мнозинство, за да формира Влада. Слабата изборна поддршка ги отвара шансите за формирање на некаква техничка или експертска Влада во Бугарија, и веројатно спроведување на нови парламентарни избори во наредниот период.

Ваквата состојба на неизвеснот околу формирање на стабилна Влада во Бугарија, го доведува во знак прашање, разрешувањето на спорот со Македонија и откочувањето на процесот на наш пристап кон ЕУ.

Позицијата на САД, односно пораките кои ги испраќа новата администрација во однос на Балканот, се повеќе од јасни, а тоа е тргање на ветото и почеток на преговори на Македонија и Албанија со ЕУ во најкраток можен рок.

Од пораките на новата американска администрација станува јасно дека притисокот во наредниот период ќе биде упатен кон онаа некоперативната страна, која го кочи овој процес, односно кон Бугарија.

Македонската Влада до сега водеше една кротка политика, без провокации, и во секој момент беше кооперативната страна на приказната. Страната која сака да разговара, страна која нуди решение на проблемот со цел да се постигне компримис во однос на ова прашање. Секогаш левицата водела политика на помирување наместо политика на конфликт во однос на националните прашања. Токму заради таквиот пристап имаат успех во однос на решавањето на тие проблеми, за разлика од десницата која ги користи националните прашања за да создава конфликти, единствено за политички профит.

Во минатото стратегијата на меѓународната заедница, беше на Балканот сите националните прашања да ги решаваат десни партии, мислејќи дека истите имаат најголема контрола на тоа национално гласачко тело. Се сметаше дека десните политички партии, бесот и незадовоство, од евентуалното “предавничко” решение можат подобро да го хендлаат од левицата. Таа стратегија се покажа како апсолутен промашај.

Тие десните политички партии не само што не ги решаваа националните прашања, односно националните спорови, туку истите ги користат за креирање на конфликт, се со цел да се добие политички поен повеќе. За разлика од левицата, која води политика на помирување, која сака да разговара и да решава проблеми, десницата само создава, ги компликува и ги усложнува проблемите.

Токму поради предлозите на десните македонски партии, дека на бугарската провокаторска, простачка политика, треба да вратиме со уште попростачка и попримитивна политика, сметам дека е исклучително погубен пристап за нас.

Тој пристап на ескалирана реторика, на носење на декларации, на протесни ноти, ќе не фрлеше во калта во која се валкаше Бугарија пред целата меѓународна јавност. Валкајќи се во иста кал со Бугарија, на крај ние како подредена страна во овој спор, со таков пристап не само што немаше да добиеме ништо конкретно, туку ќе ја изгубевме целата подршка на меѓународната заедница која денес ја имаме.

Пристапот на Владата да го симне прашањето на ниво на меѓудржавен спор, а не како услов за влез во ЕУ, да назначи посебен медијатор, да разговара, да нуди решенија, акциски планови и сл. не претставува нас како кооперативната страна во спорот. На тој начин, притисокот на меѓународната заедница го префрламе на плеќи на Бугарија.

 

Северна не падна од небо

Многумина од патриотскиот блок не сфаќаат дека со таква политика, со политика на провокација, на предизвикување на конфликт, дојдовме до “Северна”. Од патриотскиот блок не сфаќаат дека таквата политика во однос на спорот со Грција, не доведе од добиена ситуација, наместо ние да шутираме пенал, на крај да се доведеме во позиција да прифатиме полоши услови во однос на оние кои сме ги имале во 2005 година. Тогашната македонска Влада не разговарала ниту за идентитетски прашања, ниту за име за севкупна употреба, туку само за име за меѓународна употреба, како што всушност стоеше во резолуцијата од ОН. Целиот тој пакет на преговарачка маса успеа да го стави “најпатриотската” Влада на ВМРО-ДПМНЕ во наша современа историја.

Најпредавничките, анти- државни проекти, секогаш се претставувани за најпатриотски и најдобри проекти за Македонија. Таков беше во суштина и проектот со нашата “антиквизација”, кој проект така ги урниса, ги детронизира нашите меѓународни позиции, да на крај останеме сами, без никаква поддршка во тој спор.

Паралела правам во однос на спорот со Грција, бидејќи патриотскиот блок предлага да преговорите со Бугарија се водат по ист принцип, според иста шема, со провокации, со конфликти како и во однос на претходниот спор.

Тоа на крај Македонија ќе ја доведе во многу незавидна позиција, бидејќи во спорот со Грција проблематично беше името. Тоа што “најпатриотската” Влада на ВМРО- ДПМНЕ, ги вметнала и идентитетски прашања, им даде на Грција можност да тоа биде нивната клучна отстапка во спорот, а за возврат да бара името да е со поголем опсег на употреба. Од друга страна спорот со Бугарија е доста покомплексен и доста потежок спор за нас, бидејќи опфаќа се она што е идентитетско обележје на еден народ, а тоа е: историја, јазик, култура.

Ако во спорот со Грција поминавме само со име за севкупна употреба, без чепкање во она што се нарекува идентитет, спорот со Бугарија ако го водиме онака како што “најпатриотската” Влада на Никола Груевски го водеше претходниот спор, ќе ја изгубиме целата меѓународна поддршка, Македонија ќе биде проблематичната страна, некоперативната страна во спорот и на крај веројатно ќе завршиме како одродени Бугари. Многу паметните луѓе учат од туѓи грешки, паметните од своите, а патриотскиот блок ниту учи од туѓите, ниту од своите, туку сопствените грешки од минатото упорно ги повторува, надевајќи се притоа на различен резултат.

 Фолклорен патриотизам

Aко го анализираме таканаречениот патриотизам на групацијата од патриотскиот блок, ќе забележиме дека истиот се базира единствено на симболи. Во патриотскиот блок, патриотизмот се мери врз база на тоа, кој најмногу урла, пеејќи ја “Гоцевата раса” и кој најдобро го вее барјакот. Патриотизам кој јас го нарекувам фолклорен.

Во суштината на овој фолклорен патриотизам нема ништо. Само претставува параван за доаѓање и останување на власт и за општ грабеж на граѓаните. Додека не забавуваа со патриотски песни, со приказни, со споменици, со симболи, правеа даночни пирамиди, вадеа, односно переа пари по оф- шор дестинации, ја рекетираа половина Македонија. Па тоа ли е патриотизам? На тој ли начин се сака својата држава? И како ние кои плаќаме данок, кој немаме денар земено пара од државата, кои правиме нешто конкретно за подоброто утре, сме преданици, северџани итн. итн, а тие се големите патриоти, се големите родољуби?

Вистинскиот патриотизам се покажува на дело, со плаќање на данок, со грижа за јавни површини, за природните богатсва, за јавните добра. Со превземање на одговорност кога треба да се донесат и тешки одлуки.  Така ќе бидете вистински патриоти и ќе придонесете за нешто добро, за нешто позитивно во развојот на вашата држава. Се она што правевте до сега, во однос на овие прашања кои се клучни за Македонија, се чиста деструкција и немаат врска со никаков патриотизам.

 

Вуко Мелов

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close