Петар Пан дипломатија

Јунакот на шкотскиот романописец Џ.Бери, наперченото момче кое може да лета, кое не сака да порасте и кое верува дека соништата се остваруваат, ако навистина го сакаме тоа, Петар Пан е синоним за нашата виртуелна  дипломатија. Да не би била fake информација тоа треба и да го докажеме. Не е тешко,затоа allez.

Ако поранешниот МНР Н.Димитров беше најуспешен министер во владата на премиерот З.Заев, зошто после три успешни години и еден историски потпис во Нивици, беше заменет со вицепремиерот за европски интеграции, хирурот Б.Османи. Реконструкција на влада не е козметичка операција, туку еснафска. Ние го копираме арт партиското  модното студио на српскиот владател, наместо да се угледаме на кадровските решенија нпр. кај соседна Грција. Омилена ми е пасија споредување на животописи на нашите  премиери и министри,со оние барем во соседството. Нпр. оној на  сегашниот Никос Дендиас и нашиот Б.Османи, од аспект не само на Алма Матер туку и на меѓународниот рејтинг. Измената е извршена во погрешно време, операција која нам ни е добро позната како и причините. Во август мината коронирана година беше јасно дека ни претстои тешка есен, после Резолуцијата во бугарскиот парламент во врска со условите да ги започнеме преговорите со ЕУ. Логично беше да на таа позиција остане тогашниот МНР,а операторот да си остане во Секторот за европски прашања. Со оваа измена единствено се создаде нова можност за недоразбирања. Наскоро се покажа дека измената на местата беше само губење на континуитет. СЕП не се зајакна со нашиот дипломатски Петар Пан, ниту пак МНР, односно македонската надворешна политика ,односно нашата дипломатија направија виден напредок. Напротив и двајцата, секој од свои причини и инерции направија грешки во чекори. Премиерот такви нијанси навидум  не забележува, а претседателот  избран консензуално, мора да е внимателен. Парламентарна соодветна комисија одавна ја батали својата функција. Медијумите не оценуваат сегашни чекори, туку се повикуват на порано направените од претходната власт, што не е невистинито, но таква споредба не е функционална. Скандалите се третираат апологтески и се забораваат веднаш. Истражувачко новинарство не постои.

Наместо нашата влада после промената на власта да се сконцетрира на внатрешните реформи како услов за започнување на преговорите со ЕУ, следат лавини на корупциски афери и невладеење на правото, при што пак се бараше оправдување на хаосот оставен од претходната влада, што може да се аргументира, но не е аболиција од сопствената невнимателност, која глобалната слика на СРМ не ја подобрува.Напротив, оценката е иста од заробена до хибридна држава. Нивици се прослави. Во НАТО моравме да бидеме примени. Можевме и многу порано, нпр. после акцијата “Милосрден ангел”. Компензација беше ревитализација на изораните мостови. Наградата дојде после многу ветувања,  20  години подоцна.Членство во НАТО е секако успех, које не може да ги покрие неуспесите со приемот во ЕУ. Проблемите со сертификатите за безбедност, ја покажуваат нашата вистинска позиција. Францускиот претседател Макрон ни ја расипа веселбта најавувана повеќе пати. Братската Бугарија инспирирана од Нивици, безризично се обидува ЕУ судијата со помош на ВАР системот да досуди пенал за нивна страна. Како сега стојат работите во Брисел, Бугарија не е осамена во своите неевропски барања, базирани, меѓу останатото, и на невнимателното, од наша страна, потпишаниот Договор за пријателство, на кој инсистира да го почитуваме. Ние одговоривме со Акционен план и ангажиравме меѓународно реномиран политичар и добар познавател на македонско-бугарските односи, како олеснувач. Поранешниот летечки МНР, сега во функција на вицепремиер за европски интеграцији промовираше  владин реформски план “Europe at home”, со мало задоцнување од 21 година. Демек и ние мораме нешто да направиме за да ги отпочнеме преговорите. Премиерот Заев секако очекувано на економскиот самитот во Тирана пред неколку дена изјави дека “oчекуваме ЕУ да ги исполни ветувањата за Западен Балкан, додека ние не се европеизираме, бидејки ние сме дел од европското семејство” Како и секогаш две спротивставени изјави. Одговорот веднаш стаса од Брисел. Албанија се одвоји од СРМ. Условите се исполнети за почеток на преговорите а ние остануваме во клинч со Бугарија. Чекаме надеж од резултатите на нивните парламентарни избори. Недипломтски. Останавме последни. Посебно беше скандалозна изјавата на вицепремиерот Н. Димитров  околу изоставувањето на СРМ од фондот на ЕУ за покривање на трошоците околу пандемијата. Резонот на Димитров е еднак со голот што легендарниот пратеник го даде со пета. На вицепремиерот Димитров, да му е до рестартирање на СЕП, за свој прв соработник ќе го избереше,  Г-дин Тилев, а не професионално (ЕУ) анонимната особа од ткн. невладиниот (партиски) сектор. Негативната селекција дефинитивно ја обележи нашата кадровска политика.

Дипломатијата ни е во тотален хаос. Минатата година беше хаосот со заробените (поради корона) наши граѓани на белосветските аеродроми. Денес тоа е случај со ангажирањето на дипломатијата во обезбедување на вакцини. МНР Османи изјавува дека дека Министерството за здравство го заобиколило МНР и контактирале директно со амбасадата во Пекинг. Непознавање на технологијата на работење. И Филипче и Османи се дел од владиниот кабинет. Каква синхронизација на акции за спасување на људски животи. Па зар амбасадорот во Пекинг не ја известил централата каква инструкција добиле од министерот Филипче. После протерувањето на кинеската амбасадорка од Скопје (афера Тајван) напишав дека Кина проштева ама не заборава. Неколку пати на мултилатерален, а сега и на билатерален план се уверивме во тоа. Пак се играме со азискиот голијат. Министерот Османи ја угости американската  амбасадорка на високо ниво (осми кат од палатата Сарафов) а неколку дена подоцна  амбасадорката на САД го прими во просториите на Кале, нашиот премир Заев.. Првото,протоколарно гледано е вообичаено, посебно кога се пренесува значајна порака. Второто протоколарно е незамисливо. Ако веќе мораме на меѓународен план да ги следиме потезите и барањата на западниот стратешки партнер, тогаш би морале да имаме и малку поголем дипломатски сенс, спрема партнерот против кого се наменети санкциите. Нешто ,што барем засега, успешно го прави српскиот владател, е операција во која ние не се снаоѓаме.

Амбасадорите ни се ноќна мора. Таму каде се неопходни ги немаме. Таму каде ги имаме, исто како да ги немаме. Макар навидум во тајност процедурите за именување на амбасадори кај нас не се само консензуални туку и аматерски се спроведуваат. Тоа посебно важи за позначајните дипломатски центри. Да наведам дека своевремено (1939) југословенската влада го замолила германскиот амбасадор во Белград да се распита може ли да смета на  агреманот од Берлин  за идниот амбасадор нобеловецот И. Андриќ  (М.Мартенс: “Во пожарот на светот”). Неприфаќање на агреман не е добра препорака, посебно ако при тоа се прават и протоколарни грешки. Да го наведам само примерот на несудената амбасадорка во САД Р. Кипријанова, која веќе имаше авионска карта во раце па остана дома, или пак начинот како е обелодането недавање на агреман за еден наш амбасадорски кандидат во Софија. Познато е кој замина после Кипријанова  и со чија подршка. Последната амбасадорска листа за која претседателот Пендаровски потпишал укази, е гаранција дека од нашата дипломатијата  нема ништо. Еден од Катар се преместува за Естонија, значи универзален незнајко. И останатите од листата не се подобри. Аферата со несудениот амбасадор во Белград се забошоти. Неговото останување дома не е  наша одлука, туку на надлежните од државата на приемот. Спасен е нов скандал. Има гласини дека некои од кандисаните амбасадори ќе останат дома, бидејќи наводно немало пари. Има. Намалете без проблем десет ДКП е еве ги парите. Друго намалете им ги платите и така не ги заработуваат а она за што се испратени.Повеќе од три години немаме амбасадор во Мисијата при ООН, а последниот беше тотален  аутсајдер. Наредниот најавен од медијумите е градежниот инжињер кој три години беше на измислена позиција ЗМНР, а единствен контакт со дипломатијата имал во Советот на Европа и Комисијата за ЕУ во Европскиот парламент. Споредетие  ги нпр. CV  на амбасадорите во Њујорк на Грција,Бугарија и Албанија.  Амбасадор при Мисијата при ОН  е амбасадор суи генерис.Тамо се испраќаат најафирмирани дипломати ангажирани, пред се, на мултилатералните прашања, што во нашиот случај не беше секогаш практикувано.

Нашата дипломатија никако да порасте, макар што догодина ќе наполни 30 години. Петар Пан нема да порасте. Така е одлучено пред сто години, кога авторот го создаде. Но, нашата дипломтија конечно треба да почне да функционира како институција со респектабилен персонал.  Случајната средба  на председателот Борисов и министерот Османи, на софискиот аеродром, по она што го изговори Борисов под знамето на Бугарија и ЕУ, не ми изгледа случајно. Борисов беше подготвен и знаеше со што треба да поентира. Нашиот министер ,пак  затечен, ја примени  сицилинска одбрана (дефанзива – оторање со пионот пред кралот). Средбите на МНР се  секако корисни и потребни.Треба да се промени нашата изветвена  позиција. Во МНР е потребна целосна нова систематизација, прилагодена на нашите надворешно политички приоритети кои кончно треба да се профилираат. До тогаш Петар Пан ќе лета на државна сметка, а соништата тешко се остваруваат.

Пишува:  Ѓорѓи Мисајловски

17.03.21

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close