Постојат ли алтернативи за подобар изборен модел

Со овој текст би сакал да го заокружам мини серијалот на тема изборни модели.

 Општо место во сите расправи за изборните модели е дека идеален изборен модел не постои. Несомнено е дека секој од нив има свои предности и маани, но мораме да бидеме свесни за тој факт при определбата за тоа кој модел сакаме да го имплементираме.
 Како што констатираат некои автори изборот на изборните системи претставува една од најзначајните институционални одлуки на било која демократија, а сепак изборниот систем многу ретко се бира свесно и внимателно. Многу често изборот е случаен, резултат на необични и моментални околности. Покрај тоа што е реткост изборните системи да се бираат со внимателна анализа, уште поретко е да бидат направени согласно конкретните историски и социјални услови во земјата. Всушност, во крајна линија, најчесто целата мудрост на партиите се сведува да се предложи модел кој според нивното мислење им пружа политичка предност на првите наредни избори.
 Претходно анализираните модели се оптоварени со големи слабости и затоа е упатно да се разгледаат нивни алтернативи. Ова пак во исто време е и лесна и сложена задача бидејќи постојат огромен број на основни системи и нивни подваријанти, кои се бројат во стотици. Притоа, бидејки сите модели покрај слабостите содржат и позитивни особини, се чини дека најдобрите решенија треба да содржат елементи од различни, дури и спротивни системи.
 Кај претходно анализираниот модел на една изборна единица со отворени листи, најголемите негативности произлегуваат од тоа што се работи за една изборна единица. Отвореноста на листите и покрај тоа што носи свои специфични негативности, во друг контекст, кога би биле повеќе изборни единици, нуди и значителни предности. Затоа и не чуди фактот дека од сите членки или кандидати за членки на ЕУ, дури 24 имаат пропорционални изборни системи со повеќе изборни единици и отворени листи.
 Отворените листи отклонуваат една голема и суштинска маана на пропорционалните изборни системи, деперсонализацијата односно немањето можност да се гласа за личности. Имено кај пропорционалните модели со затворени листи граѓаните гласаат меѓутоа не бираат.
Тие се определуваат за одредена партиска листа меѓутоа не и за личности. Распоредот е направен однапред согласно партиските комбинаторики и гласачите немаат никакво влијание врз тоа кој ќе ги претставува.
 Во конкретниот случај кај нас многу подобро решение е при задржување на постоечките шест изборни единици да се воведат отворени листи. Во тој случај слабостите на системот со една изборна единица како што се слабата територијална претставеност, оптовареноста на листите со огромен број на имиња, неможноста на кандидатите да се претстават на целата територија на една изборна единица, неповрзаноста и блискоста со изборната база и сл., во голема мера би биле отклонети
. Останува отворено прашањето кој вид на отворени листи бидејќи и во вака дефинираниот модел постојат многу различни можности и тука партиите можат да понудат свои креативни решенија.
 Покрај ова можно решение постојат и други модели кои ги комбинираат позитивните особини на пропорционалните и мнозинските системи. Освен останатите критериуми сметам дека е особено важно да се зачуваат репрезентативноста, демократичноста на пропорционалниот модел, притоа надополнет со можноста на гласање за личност. Со ова би биле отклонети основните приговори на пропорционалниот модел за деперсонализација, негласање за личност и обезбедување поголема блискост, зависност и поврзаност со изборната база. На тој начин би се постигнал суштински нов квалитет пратениците да се плашат од гласачите, а не од владата бидејќи врската гласач- пратеник би била понепосредна, подиректна. Во сегашни услови имаме фактичка, иако не и формална подреденост на парламентот на владата. Во услови на парламентарна демократија каде што парламентот ја контролира владата, би морало да биде обратно.
 Од мноштвото изборни системи би спомнал уште два. Заради земање во предвид на интересите на повеќе помали општествени групи може да се размисува за воведување на Баденски модел како и на пропорционален модел со едномандатни изборни единици, кој е мој фаворит.
 Кај Баденскиот модел покрај постоење на листи во неколку или повеќе изборни единици, постои и единствена, општа листа на која се собираат сите гласови за една партија кои не носат освоени мандати во основната изборна единица. Потоа од тој вкупен број, со примена на некоја од методите за пресметување на освоени мандати (кај нас Донтов метод) се утврдува колку пратеници и припаѓаат на таа листа.  Конкретно на пример, пред неколку изборни циклуси ВМРО-НП не освои ниту еден мандат во шесте изборни единици меѓутоа вкупно имаше нешто помалку од 30.000 гласа и со примената на овој модел би освоил 3-4 пратеници.
 Кај пропорционалниот изборен модел со едномандатни изборни единици се комбинираат предностите на мнозинскиот систем, на пропорционалниот систем и на отворените листи. Накратко, Македонија би била поделена на 120 изборни единици и во секоја од нив би се гласало за поединец, за личност, кандидиран од партија или независен, по принципот на мнозинскиот модел. Освоените гласови од сите 120 изборни единици секоја партија ги собира на заедничка листа и така собраните гласови се делат на ниво на држава, како цела Македонија да е една изборна единица. Согласно Донтовата метода се утврдува која партија колку мандати освоила, меѓутоа партиите мораат освоените мандати да ги доделат на кандидатите кои најмногу придонеле, односно кои освоиле највисок процент во своите изборни единици.
 Како резултат на примената на овој модел подобри резултати ќе остварат оние партии кои ќе понудат поквалитетни кандидати и обратно, партиите кои ќе понудат послушни, на лидерот одани, но неквалитетни кандидати, ќе освојат помалку гласови. Граѓаните конечно ќе станат и бирачи, а не само гласачи, одлучувајки директно на кој кандидат да му се довери мандатот. Пратениците, од друга страна, ќе бидат поттикнати да одржуваат блиски контакти и комуникација со изборната база. Внатрепартиските односи ќе добијат нова динамика бидејќи популарните, на директен начин избрани пратеници ќе имаат поголема тежина во креирањето на партиските политики кои ќе мора во значителна мера да водат сметка за локалните интереси. Од друга страна партиите не само што ќе треба да предлагаат квалитетни кандидати туку ќе мораат да ја шират и јакнат мрежата на локални ограноци бидејќи само заедничката спрега на јаки кадидати и ограноци може да резултира со успех на изборите.
 Веќе подолго време се зборува за промената на изборниот систем како предуслов за решавање на различни политички проблеми во Македонија. Изборниот систем е секако еден од поважните фактори, иако не и единствен, кој може да допринесе за ресетирање и подобрување на политичкиот и партискиот живот кај нас. Зошто партиските елити толку неинвентивно, па дури и несериозно приоѓаат кон ова прашање е вистинска непознаница. Очигледно тука има од се по малку, тесноградост, погрешни проценки, секогаш присутната суета, инаетење, калкуланство, но би се осмелил да кажам дека доминира незнаењето и неспремноста да се осознае. Дотолку е поважна улогата на јавноста да изврши притисок врз партиските елити за придвижување на нештата во вистинска насока.
Љупчо Довичински

Back to top button
Close