Право и правна држава

Почитувани читатели, користам приликата да објавам дека на моите приватни социјални мрежи покрај образованието, здравството и економијата, како исклучително значајни теми, во наредниот период многу поагилно ќе биде третирана темата право и правна држава – како најзначаен столб на кој му е потребно враќање во правни рамки и во прави раце, што е нашата цел, да создаваме држава која подеднакво ќе се грижи за сите!

Дозволете ми да започнам со неколку правни факти во врска со случајот кој одблиску ми е познат и за кој и во минатото многупати сум споделувал аргументирани ставови. Можеби е прв ваков случај, но нема да биде единствен – бидејќи оваа активност и мој личен ангажман на социјалните мрежи покрај тоа што има мисија да бара #ПравдатаЗаЕуростандард , ќе има мисија да бара и #ПравдаЗаСите и затоа ќе третираме и афирмираме и други случаи на поединци кои биле оштетени од системот и нефункционалната правна држава.

Еуростандард банка отиде во стечај на 12 август 2020 година со одлука на тогашниот и сѐ уште актуелен Гувернер на Народна банка госпоѓата Бежоска.

Недоследностите кои во изминатиот период повеќекратно ги споменав во врска со овој стечај, до денс немаат епилог. Говориме за право и правна држава!

Дали навистина во Македонија се практикува правото и правната држава во интерес на поединец и граѓаните, или пак истата е украдена и се практикува само во интерес на организираниот криминал и корупција?

Таксативно ќе ги наведам пропустите на институциите во Република Македонија кои директно или индиректно ја однесоа Еуростандард банка во стечај.

Евидентно е дека за само 27 месеци од објавениот стечај на Еуростандард банка во стечајната маса се обезбедени средства за обештетување на сите правни и физички лица, па дури и за нас акционерите. Официјалните податоци околу обемот на стечајната маса на Еуростандард банка се сѐ уште тајна, бидејќи во целиот овој процес недостасува транспарентност.

 

1. Народна банка кој е директен носител на Еуростандард банка во стечај, не користеше два клучни инструменти за стабилизација на банката, а тоа се вонредни мерки и адмнстрација. Очигледен е фактот дека Народна банка имаше намера Еуростандард банка да ја носи во стечај наврат-нанос. Не само што не ги користеше инструментите кои ѝ беа на располагање туку не го испочитува ниту фактот дека вонредната состојба во Република Македонија траеше 97 дена и при одземеното право за работа со правни и физички лица на Еуростандард банка во сиот овој период од 97 дена, дополнително ѝ беше забрането да врши присилна наплата на доспеани кредити. Цели 2,5 месеци потенцијалниот инвеститор во Еуростандард банка кој беше оценет од страна на самата Народна банка како ликвиден, не беше примен на средба и разговор од претставниците на оваа институција. Причината за ваквиот чин ја знае само госпоѓа Бежоска. Истовремено Народна банка не си го испочитува и само-себе дадениот рок за докапитализација, кој беше договорен меѓу раководството на Народна банка и Надзорниот одбор на Еуростандард банка, за додатна докапитализација од 2,4 милиони евра од страна на акционерите до датум 14.08.2020. Госпоѓата Гувернер Бежоска, Еуростандард банка ја однесе во стечај на 12 август, 2 дена порано пред договорениот датум за докапитализација. По основ на претходно наведеното, дефинитивно за нас акционерите на Еуростандард банка, првообвинета ќе биде Народна банка на чело со Гувернерот Анета Бежоска. Реализацијата на ова обвинение ќе следи во периодот пред нас.

2. Техничката Влада , предводена од Оливер Спасовски во време на пандемијата Ковид-19 и воведување на вонредна состојба во државата на владини седници, носи уредби со сила на закон кои се контрадикторни. Со првата уредба објавена во службен Весник на РМ на ден 24 февруар 2020 година забранува стечај на правни лица минимум три месеци после завршување на вонредната состојба. Со втората уредба , овој пат објавена во Службен весник на РМ на 29 мај 2020 година, предходната уредба се суспендира и прогласува отварање на стечај, веднаш по завршување на вонредната состојба. Единствен правен субјект кој отиде во стечај е Еуростандард банка. Причините за контрадикторното носење на вакви уредби со сила на закон од страна на Техничката Влада, до денес не е објаснето во јавноста и токму од тој аспект Техничката Влада, предводена од господинот Оливер Спасовски ја сметам за соучесник во стечајот на Еуростандард банка.

3. Останатите институции како Обвиниелство, Финансиска полиција и МВР се само неми соучесници кои сѐ уште не излегуваат во јавноста со конкретни заклучоци од веќе одамна завршените истраги. Стечајните управители, Душко Тодески и Маринко Саздовски се само продолжена рака за овој чуден молк кој владее во јавноста врзано за стечајот на Еуростандард банка.

Завршувам со тегобна констатација: жално е што правото и правната држава во Република Македонија се само флоскула, а од нивното практикување нема ништо.

Не можам да се помирам, на мојот чесно стекнат имот на криминален начин друг да биде газда и да го крчми како ќе му се посака. Доколку постои право и правна држава оваа девијантна појава мора во корен да се пресече како пример за идните генерации кои ќе се свестат дека организираниот криминал и корупцијата мора да престанат да профитираат врз грбот на чесните граѓани и институции. Нивна жртва сум и јас.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close