Quo Vadis

Земјотрес во Република Македонија

Почитувани читатели, денес повторно ќе пишувам за мојот непребол околу настаните поврзани со стечајот на Еуростандард банка.

Старата римска мудрост Quo Vadis денес ми е инспиративна за наслов на мојата колумна, како нешто што ја отсликува реалноста во Р. Македонија која директно се одразува на секој поединец кој ја почувствувал неправдата.

Quo Vadis во превод значи „каде одиш„ , јас би додал ,,каде одам”, ,,каде одиме” и кои патишта треба да ги фатиме.

Извештајот од мојата приватна истрага е готов и ќе биде обзнанен во јавноста на 22 август. Истиот извештај, доколку сериозно биде анализиран од аудиториумот, ќе укаже на сите аномалии на начинот со кој функционира организираниот криминал во Р. Македонија.

Македонец по националност, вљубеник во мојата Македонија и почитувач на сите етнички заедници, ми даваат за право да се запрашам каде одам? Човек сум кој што спечалил надвор од Македонија, а го инвестирал сиот капитал во Р. Македонија. За жал, во најголем дел загубите ми се само во Македонија, токму од организираниот криминал, конструиран во нашето секојдневие со силна поддршка на политичките партии кои владеат со Владите на Р. Македонија и институциите на системот.

Платив голема цена да ја разберам сериозноста на вака организиран криминал, а убеден сум дека не сум единствената жртва во Р. Македонија.

Извештајот би требало да предизвика вистински земјотрес во Р. Македонија, бидејќи пред фактите и доказите, барем така велат и „ боговите молчат„, а во случајов токму за тоа и се работи.

Како лојален граѓанин на Р. Македонија ги испочитував сите преземени мерки, на легален начин да одговорам на институциите кои нѐ обвинуваат мене и моето семејство. Исправно стојам и понатака да одговорам на секое нивно обвинение со конкретни факти и докази. Институциите на системот како да сопреа со своите истраги. Чувствувам вакум, тампон период меѓу нив како да се наоѓаат во ќор сокак. Немам пристап до стечајната собрана маса на Еуростандард банка во стечај, меѓутоа повеќе од евидентно е дека пари има на претек.

Војната што ја водам е против поединци, силно етаблирани во банкарскиот систем кои директно ги контролираат и најсилните политички партии во Р. Македонија, а со тоа и целата Влада на Р. Македонија со сите нејзини институции. Впрочем организираниот криминал не е на улица, организираниот криминал е симбиоза меѓу криминогени структури и политички партии кои им служат на институциите кои се исклучиво под ингеенции на владеачките партии.

Криминалец не сум, напротив голем борец токму против организираниот криминал, рак-рана на секое општество.

Quo Vadis, односно каде одам? Јас знам каде одам и знам дека на мојот пат ќе имам силен и организиран непријател, меѓутоа од мојата војна никогаш нема да се откажам. Одам по патот на правдата, најтешкиот но и единствениот пат да се остане човек.

Трифун Костовски

Back to top button
Close