Седлоски: Максимално сме мотивирани за дуелот со БиХ


Македонската фудбалска репрезентација вечерва го одржува официјалниот тренинг на стадионот „Асим Ферхатовиќ“ во Сараево пред утрешниот контролен натпреварот против домаќинот Босна и Херцеговина.

Македонскиот селектор Гоце Седлоски на официјалната прес-конференција истакна оти е важно неговите избраници на утрешниот дуел да остават позитивен впечаток.

„Сакаме да се докажеме и тимски и резултатски. Најважно е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што можеме. Ќе дадеме максимум, а нека победи подобриот. Ние сме фокусирани на нашата игра и на тоа како ќе ги одиграме овие 90 минути, но и Босна сигурно има мотив да се покаже во добро светло пред своите навивачи“, изјави Седлоски.

Македонскиот селектор посочи дека дуелите против БиХ и Турција, в понеделник во Истанбул, максимално ќе ги искористи да ја подготви репрезентацијата за настапот во Лигата на нации,

„За нас нема пријателски натпревари. Секогаш излегуваме на терен со желба да се претставиме во вистинско светло и да победиме. Сакам на најдобар можен начин да се подготвиме за Лигата на нациите. Се надевам дека ќе бидеме поефикасни во нападот. Играме против силни репрезентации како Босна и Херцеговина и Турција. Ќе се обидеме да постигнеме голови, но многу ќе зависи и од противникот. Мора да бидеме компактни. Играчите се подготвени и задоволен сум од тоа како работевме во изминатите денови“, рече Седлоски.

Меѓу повиканите 27 репрезентативци за дуелите со БиХ и Турција, капитенот Енис Барди нема да биде во комбинација поради повреда, а шанса да дебитираат, како што најави Седлоски, ќе добијат Дин Аломеровиќ, Георгије Јанкулов, Дарко Анѓелески, Дарко Додев и Азер Омерагиќ.

„Новите фудбалери донесоа свежина во тимот, а добро беа прифатени и од останатите репрезентативци. Повикав повеќе нови играчи и сите ќе добијат шанса да се докажат. Дел од нив ќе стартуваат и на утрешниот натпревар. Имам неколку варијанти за замена на повредениот Барди, а конечната одлука ќе ја донесам по денешниот тренинг“, додаде Седлоски. ег

Back to top button
Close