Сијамски близначки

Не знам дали ние навистина мислиме, односно прифаќаме, дека политиката е најважното нешто во нашиот живот. Работа на политичарите, од сите провениенции, е да не’ убедат во тоа бидејќи, во крајна инстанца, тие без нас – не постојат. Но белки ние не сме толку глупави да веруваме во „судбоносната“ за нас важност на нивната професија (или „професија“, како сакате)? Никако не мислам да ја негирам нивната умешност во даден миг да не’ убедат дека нивното решение е единственото можно решение, ама тоа се ретки, многу ретки ситуации. И тие „играат“ само кога јавноста нема доволно информации за да ги согледа сите страни на проблемот. Токму затоа политиката и информацијата се сестри близначки, сијамски, нераздвојни. И се’ дури е тоа така, ние ќе имаме циклични проблеми во разни области, зависно од актуелноста.
Дали тоа ни се случи и во спорот со Бугарија, ќе праша некој? Не знаеме, немаме доволно информации, иако некои тврдат дека токму тоа се случило. Сепак, гледано од страна, тоа не може да се потврди, но ниту да се негира. Но дали тоа ни се случува и со наводните конзерваторско-реставраторски работи врз црквичето во Курбиново? Па и тоа не знаеме (или барем делумно не знаеме!) зашто на оние кои знаат не им е овозможено да ни кажат што таму навистина се случува! И затоа и не знаеме дали тоа што таму се случува, и не само таму, е според некакви стручни стандарди или според вообичаените ноншалантни „параметри“ на Министерството за култура? И впрочем: од кога Министерството за култура стана стручна институција за заштита, а министрите – експерти за заштита/конзервација на византиска архитектура? Следствено, зошто медиумите, зошто јавноста не ги поставуваат овие прашања? Толку ли се рамнодушни кон сопственото минато, кон сопствениот идентитет којшто така „огнено“ го бранат од источниот сосед, ама онде, во Курбиново – всушност токму на вистинското место – буквално го распродаваме? Ние во културата, не само во случајот со Курбиново, по правило немаме „второ мислење“, односно немаме никакво мислење, најмалку експертско односно јавно! Она што последниве денови го добивавме е, најблаго речено, лаичко мислење или како некои си замислуваат дека треба да изгледа процесот на заштита на една градба „во опасност“! Како што нема(в)ме „јавност“ ни за лаичките конструкти во Годишниот конкурс, како што нема(в)ме експертски став ниту за најавените (небулозни) приоритети во културата итн. Дури и кога во јавноста (повторно: како во случајот Курбиново) ќе се појават разногласија – а овие беа дебело аргументирани! – во однос на постапките на власта односно нејзиниот орган надлежен за културата, тие гласови се замолчуваат, се изолираат, во медиумите владее само една „вистина“, онаа на власта!
Ова го кажувам повторно во релација со еден навод од актуелната студија на Европскиот парламент каде се вели дека „Во Северна Македонија, неодамнешната промена на владата во голема мера ги истурка на маргините дезинформациите вон од државните и меинстрим медиуими (…)“. И тоа е горе-долу точна констатација, но само кога се работи за политиката! За се’ друго, или барем кога станува збор за натрупаните проблеми во културата, образованието, науката, здравството… ситуацијата воопшто не е таква како што ја опишуваат авторите на спомнатата студија. Но и тие не биле наивни, па додале: „(…) постои јаз помеѓу причините за дезинформациите во Западниот Балкан и обидите – главно од локалното граѓанско општество, со помош од странство – да се дејствува против нив“. Зошто е тоа така, зошто против дезинформациите и лажните вести се бори граѓанскиот сектор но не и власта? Студијата не одговара на тоа потпрашање. Не одговара ниту власта кај нас. Особено не во „случајот Курбиново“! (Впрочем, речиси никој кај нас, барем не јавно, не се бави поаналитички со оваа студија, освен во оној дел за изворите на лажни вести лоцирани кај „началството“ на криминалното здружение).
На крај памет не ми паѓа да се впуштам во анализи на причините зошто медиумите (и) во „случајот Курбиново“ се однесуваат така како што се однесуваат. Тоа е работа на некој друг. Но власта мора да се позанимава со ова прашање, и не само во овој случај – што де факто е во нејзин интерес – туку и во сите други случаи, особено „случајот Охрид“, на пример, зашто сите експертски укажувања се/беа доборнамерни и во заедничка полза. Само за потсетување, пред нешто повеќе од една година, група експерти укажуваше на очигледното фијаско на „политиките“ за Охрид и лошиот закон пред конференцијата на УНЕСКО во Баку во 2019, ама повторно многумина беа глуви! Но после тоа пак се вратија на тие укажувања па го повлекоа и законот, за да (за жал) деновиве повторно се востановуваат старите лоши „политики“ коишто не дадоа никаков резултат. Неодамнешните заклучоци за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, предложени од Министерството за култура а усвоени од страна на Владата, говорат токму за тоа! Не знам кога ќе разбереме дека барем во културното наследство нема ваши и наши, нема едни и други, дека тоа е општо, јавно наследство за иднината и во неговата заштита не може да има вакви или онакви интереси, лични и групни суети или детинести караници. Не дека не може да има различни мислења за некои процеси и зафати, но тие се разрешуваат не со изолација на „второто мислење“ туку со – дијалог! Зошто него го нема, не само во „случајот Курбиново“? И на тоа треба да одговори некој друг, оние кои туркаат некаква нивна нејасна и во основа нестручна агенда, а другите – молчат!






