Силни безбедносни мерки во Атина за финалето на Евролигата меѓу Олимпијакос и Реал Мадрид

Под силни безбедносни мерки, со организиран транспорт на навивачите на Олимпијакос и Реал Мадрид кон салата „Телеком центар“, вечерва во Атина ќе се одигра финалето на Евролигата, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека се ажурирани мерките во пресрет на финалниот натпревар, а и овој пат посебен акцент е ставен на целосно раздвојување на навивачите, исто како и за полуфиналните натпревари во петокот, планирано е организирано движење преку однапред утврдени места, во конкретно време, по точно определени рути и под строга полициска придружба.
Делот околу салата во рамките на олимпискиот комплекс во северниот дел на Атина уште од утрово е под полициско обезбедување, вратите ќе бидат отворени шест часа пред почетокот на натпреварот, а од полицијата нагласија дека никој без личен билет и документ за лична идентификација нема да може да се приближи ниту до спортскиот објект, ниту до местата за собирање на навивачите.

– Во случај на каков било обид за прекршување на оваа процедура, веднаш ќе биде забранет влез во просторот, лицата ќе бидат отстранети, а против нив ќе бидат преземени законски предвидените мерки. Грчката полиција ги повикува навивачите навреме да пристигнат на однапред определените места за собирање и целосно да ги почитуваат упатствата на полицијата и организаторите, како и да не се приближуваат до објектот без наведените документи, со цел непречено спроведување на безбедносните мерки и избегнување доцнења или создавање гужви, соопштија од грчката полиција и истакнаа дека спроведувањето на безбедносните мерки ќе биде целосно, строго и без исклучоци.
Од „Телеком центар“, салата домаќин на Фајналфорот во Атина, вчера обвинија дека поради пропусти на организаторите, на полуфиналните натпревари во петокот во салата влегле илјадници навивачи без билети и/или без документ за лична идентификација, како што предвидува законската обврска во Грција, давајќи лажни податоци при влезот, „со резултат неконтролирано да влегуваат луѓе“, а по реакцијата од обезбедувањето, организаторите им рекле да ги пропуштаат сите, без проверки.
Безбедносните мерки во Атина, освен во делот околу салата важат и за центарот на градот, каде што од четвртокот е отворена фан зоната, но секако, таму, полициското присуство е дискретно.

Во фан зоната и денеска, сè до почетокот на финалето, љубиелите на кошарката можат да се забавуваат со низа игри.
Вчера пак, во позната спортска продавница во центарот на Атина имаа можноста да се фотографираат со трофејот на Евролигата, а потоа кошаркарите Габриел Дек и Шекил МекКисик од финалистите во Фајналфорот Реал Мадрид и Олимпијакос говореа за нивните очекувања во пресрет на финалето.

А токму на финалето, меѓу другото, се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата традиционална неделна објава на Фејсбук, посочувајќи дека годинава „вниманието на цела кошаркарска Европа е насочено кон Грција“.
– Голем успех е за Грција што, по толку години, повторно е домаќин на ова големо натпреварување, а Олимпијакос ќе игра во големото финале. Затоа, со среќа на црвено-белите, напиша Мицотакис.

Атина по пауза од 19 години е домаќин на Фајналфорот, што се одржува во салата што Панатинаикос ја користи за натпреварите на домашен терен и има капацитет да прими 18.000 гледачи.
Фајнлфорот на Евролигата по четврти пат се одржува во Грција, откако во 1993 година домаќин беше салата „Мир и пријателство“ во Пиреа, во 2000 година се одржа во салата „Пилеја“ во Солун, а натпреварите во 2007 година беа во ОАКА во Атина, каде што Панатинаикос ја освои европската титула.
Финалето на Евролигата меѓу Олимпијакос и Реал Мадрид е вечерва во 21 часот по локално време, 20 часот по македонско време.

Во полуфиналните натпревари во петокот Олимпијакос беше подобар од Фенербахче (79:61) и денеска ќе се бори за четврта титула, а пак Реал Мадрид ја совлада Валенсија (105:90) и се надева на 12 титула европски првак.
Двете екипи досега имаат одиграно четири финални натпревари, Реал Мадрид има три победи (1995, 2015 и 2023), а Олимпијакос една победа во финале во 2013 година, кога ја освои и последната титула европски првак.






