СТЕЧАЈ НА ЛАГИ – ЕУРОСТАНДАРД БАНКА


1. Народна банка, Бежоска дадената изјава во неделникот Фокус, објавена на 3 Септември 2020 година ја избриша од веб страницата на Народна банка
2. Техничка Влада, Оливер Спасовски дава лажни ветувања
3. Стечајниот управник Душко Тодевски-најударниот член за собирање на средства во стечајната маса согласно законот за стечај не го користи
Почитувани читатели, во претходната колумна обзнанив дека извештајот од истрагата којашто приватно ја водам со експерти за организиран криминал во банкарството е готов. Направениот извештај ги покажува сите незаконски дејанија во банкарството кои се денес општа пракса во банкарскиот систем на Македонија.
Еуростандард банка беше внесена во оваа пајажина без согласност на нас акционерите и Надзорниот одбор. Народна банка во детали ги знае сите аномалии во банкарскиот систем, меѓутоа молчи од причини само ним познати или на нивните налогодавци. Уште еднаш таксативно ќе ги набројам сите незаконски и нелогични дејанија кои се случуваа пред стечајот на Еуростандард банка и во самата постапка на стечајот.
1. Најпрво Народна банка не ги искористи сите алатки за стабилизација на банката. Во ингеренции на Народна банка се 4 алатки за стабилизација:
• Редовни мерки
• Вонредни
• Администрација
• Стечај
Од горенаведените алатки Народна банка ги користеше само редовните мерки и стечајот.
Вонредните мерки делумно се користеа, а мерката администрација воопшто не беше употребена. Народна банка на Македонија одби да го прими потенцијалниот партнер за влез во банката со цел нејзина стабилизација. Народна банка стечајот го обзнани после завршените вонредни парламентарни избори без формирано Собрание и Влада на Република Македонија. Народна банка стечајот го обзнани еден месец по завршувањето на вонредната состојба од пандемијата Ковид-19 која траеше цели 97 дена. За време на вонредната состојба Еуростандард банка немаше право ниту за принудна наплата на своите побарувања, а со претходно одземените дозволи за работа со правни и физички лица ја стави банката целосно на отстрел. За сите правни и физички лица во Македонија, вонредната состојба важеше, единствено не важеше само за Еуростандард банка, бидејќи по самата логика требаше Народна банка да му даде период на новото раководство на Еуростандард банка минимум 3 месеци период за да го испорача тоа што не можеше за време на вонредната состојба.
Сите погоре наведени факти говорат дека одлуката за носење на Еуростандард банка во стечај била донесена со месеци наназад и само се чекало момент кога истиот ќе се обзнани. Брзиот потег за покренување стечај на Еуростандард банка по мое длабоко убедување беше поттикнат бидејќи новиот Управен одбор објави војна на незаконското работење во Еуростандард банка и почна да ги собира незаконски одлеаните пари, а секако бидете убедени дека трагата на парите ќе не донесеше до правните и физички лицата кои го узурпираа банкарскиот систем за лукративни, лични интереси. Врв на хипокризијата за оваа болна одлука на Народна банка говори фактот што во првото интервју дадено од гувернерката Бежоска за неделникот Фокус, недвосмислено објаснува дека за да ги заштити штедачите во Еуростандард банка, таа успеала да обезбеди од нас, акционерите додатни 11 милиони евра докапитализација, реализирана само 6 месеци пред стечајот. Оваа параноична изјава на госпоѓата Бежоска уште повеќе го покажува фактот дека носењето на Еуростандард банка во стечај било тенденциозно. Замислете госпоѓата Бежоска водела грижа за штедачите, наместо да води грижа како регулатор во банкарскиот систем да биде стамен и силен, таа прогледува низ прсти на криминалот кој се прави во банките и го носи во стечај можниот потенцијален обзнанувач на нелегално работење во банкарството. Госпоѓата Бежоска даденото интервју за неделникот Фокус на 3 Септември на веб-страницата на народна банка го има избришано. Се прашувам зошто? Ова се тешки обвиненија од моја страна. Стојам на располагање на истражните органи и да го докажам ова.
2. Техничката Влада предводена од Оливер Спасовски има свој придонес во креирање на логистиката за брзо носење во стечај на Еуростандард банка. Носи две контрадикторни уредби со сила на закон: Првата објавена во службен весник на ден 24 март 2020 година каде недвосмислено вели дека стечај на правни лица нема да се покрене минимум 3 месеца по завршување на вонредната состојба, ама со иста таква уредба со сила на закон, објавена на 29 мај 2020 во Службен весник, се укинува претходната уредба за тримесечен мораториум за покренување стечајна постапка, а тоа значи по завршување на вонредната состојба, стечај веднаш. Единствен силен правен субјект кој беше однесен во стечај беше Еуростандард банка. Господинот технички премиер на тогашната Техничка Влада, Оливер Спасовски на директна средба истиот ден кога се однесе банката во стечај, а тоа е 12 август 2020 година на средбата во неговиот кабинет со еден од акционерите му дал поддршка дека ќе се заложи во Народна банка за изнаоѓање на решение со Еуростандард банка и можен прием на потенцијалниот партнер од страна на Народна банка. Жално е што стечајот беше објавен само 3 часа после оваа средба. На многуте прозивки од моја страна да господинот Спасовски, денес актуелен министер за внатрешни работи, даде објаснување за овие нелогични носења на уредби и несериозни ветувања, владее молк.
3. Сомнежот за итното носење на Еуростандард банка во стечај дополнително се зголеми со водењето на самата стечајна постапка од страна на бившиот стечаен управник Душко Тодевски. Замислете почитувани читатели, најсилниот член од Законот за стечај кој упатува за прибирање на финансиски средства во стечајната маса со можност да допре до крајните корисници на овие незаконски одлеани средства и да се вратат во стечајната маса не се користи, а тоа е членот Побивање на правни дејствија на стечајниот должник. Со одбегнувањето на примената на овој член од Законот за стечај и официјално се покриваат трагите на нелегално одлеаните средства. Дали ова го сакаме? Не, … јас тоа никојпат нема да го дозволам.

 

Back to top button
Close