Стечајот на Еуростандард банка- агонијата продолжува

 

Во изминатите 20 месеци од отварањето на стечајната постапка на Еуростандард банка се случуваат многу промени околу водењето на истата, почнувајќи од промена на стечајни судии, стечајни правници, а епилог за можни виновници на овој стечај сѐ уште нема.

Обвинителството тапка во место со изведување пред лицето на правдата на лица кои биле директно или индиректно вмешани во овој стечај. Имаме голем број оштетени физички и правни лица од отварањето на оваа стечајна постапка. А епилог не се гледа на повидок.

Деновиве јавноста е запознаена дека претходниот стечаен управник Душко Тодевски си дал оставка. Мотивите за оваа оставка воопшто не се јасни ниту за јавноста, а ниту за нас заинетресираните правни и физички лица кои сакаат да ја дознаат вистината и да добијат обештетување. Убеден сум дека мојата посветеност стечајот на Еуростандард банка да добие завршница ги изненади креаторите на овој грозоморен чин и од петни жили настојуваат да се покријат трагите на сторителите на ова дело. Убеден сум дека сите  стечајни управници кои имаат лиценца да ја обавуваат оваа функција во Р. Македонија би сакале да бидат стечајни управници на Еуростандард банка во оваа состојба. Еуростандард банка во стечај е најбогатата Шведска трпеза од осамостојувањето на Р. Македонија, па до денес.

Новиот стечаен управник Маринко Саздовски е назначен по критериуми кои за мене и за многумина како мене не ни се јасни. Во изминатите колумни ги наведов таксативно учесниците во ова злосторство кој денеска ќе ги повторам. Заклучувам дека овие структури се сериозно загрижени дека на виделина ќе испаднат сторителите на овој стечај и затоа од петни жили настојуваат со разрешување да именуваат нови стечајни судии и стечајни управници кои ќе ги покријат трагите.

Чинителите на овој злостор се следните институции:

  1. Техничката Влада во 2020 година предводена од Оливер Спасовски. Моето обвинување за учество во стечајот на Техничката Влада е следно: Носење на две уредби со сила на закон за време на вонредната состојба од пандемијата Ковид -19 се контрадикторни. Со првата објавена во Службен весник на 24 март 2020 година се дава три месечен мораториум за покранување на стечај по завршување на вонредната состојба, да би со исто таква уредба, ама сега објавена во Службен весник на 29 мај 2020 година, предходната одлука се суспендира и давање легитимно право за водење во стечај на правно лице веднаш по завршувањето на вонредната состојба. На дена 12 Август 2020 година, член на акционерите од Еуростандард банка беше убеден на директна средба во Владата на РМ, од Тогашниот Технички Премиер Оливер Спасовски дека стечај нема да има, за само неполни 3 часа подоцна стечајот биде обзнанен од страна на Гувернерот на Народна банка на Македонија. На повеќекратното повикување да Оливер Спасовски, актуелен Министер за внатрешни работи даде одговор на овие прашања, денес владее молк.
  2. Народна банка, егзекутор која ја носи банката во стечај без користење на процедурални алатки за стабилизација на банката како 1. Вонредни мерки и 2. Админстрација и со игнорантски однос кон стратешкиот потенцијален партнер за санирање на банката. Госпоѓата Гувернер Бежоска со сите нејзини Вицегувернери и директори денеска сеуште е на функција без никакви последици.
  3. Обвинителство и Финансиска полиција – во овие две институции владее молк. Единствен документ на кои ја водат истрагата околу стечајот на Еуростандард банка е извештајот направен и презентиран во Обвинителството од страна на Народна банка.

Почитувани, ова се институциите кои се клучни околу стечајот на Еуростандард банка. Овие институции ги делегираат стечајните судии и стечајните управници. Во минатите колумни споменав дека бившата Министерка за финансии Нина Ангеловска и бившиот Стечаен управник Душко Тодевски ги подигнаа своите депозити од Еуростандард банка пред објавувањето на стечајот. Да појаснам: Еуростандард банка не покажуваше никакви знаци на неликвидност во секојдневното работење, така да за многу правни,  физички лица и нас акционерите стечајот дојде како гром од ведро небо. Дали можеби подигнувањето на депозитите од страна на Министерката Ангеловска и Стечајниот управник Тодевски беше сигнал кое е сценариото за Еуростандард банка, добиен од доверливи извори. Бидете убедени дека е така.

Денес имаме новоименуван Стечаен управник на Еуростандард банка, Маринко Саздовски. Кој е Маринко Саздовски и која е неговата задача во овој стечај?

Се поставува прашањето зошто токму тој?

Повеќе од јасно е дека ја препознавам Комерцијална банка со нејзиниот Управен одбор како дел од трагедијата на Еуростандард банка. Јас како бивш акционер на Еуростандард банка имам право да се сомневам во партнерскиот однос на Комерцијална банка кон Еуростандард банка. Зошто е поставен токму Маринко Саздовски, актуелен стечаен Управник на фирмата Кубус -Скопје, коај исто така води војна против криминалните финансиски дејаниа со Комерцијална банка. Не сум повикан да говорам за штетата која  е нанесена на фирмата Кубус – Скопје, меѓутоа ќе укажам дека оваа фирма повеќе од 10 години ја бара правдата во Р. Македонија за штети нанесени во милионски суми во евра.

Во подолг период го најавувам извештајот околу сопствената истрага за стечајот на Еуростандард банка. Од информациите со кои располагам е вмешана и фирмата Кубус. Деловен однос меѓу Еуростандард банка и Кубус не постоел или ако посоел бил многу симболичен. Со фирмата Кубус и нејзините сметки се правеле незаконски трансакции  меѓу Комерцијална банка и Еуростандард банка, ама без знаење на сопствениците на оваа фирма.

Заклучувам дека со именувањето на Маринко Саздовски креаторот на овие деанија сака да има целосна контрола  врз овој стечај. Старата римска мудрост вели  „сите патишта водат кон Рим”, а во случајов патиштата водат кон Комерцијална банка.

Дали креаторите на овој криминал сметаат дека е добро да се контролираат и двата стечајни случаи со цел да се затскрие вистината?

Почитувани читатели , ве уверувам дека до последен здив ќе се борам против сторителите на овој непримерен стечај.  За сторители ќе ги третирам и учесниците кои служат како пиуни во задскривањето на овој криминал.

Завршувам со една моја дилема – дали ќе имаме вистински институции и луѓе во институциите кои ќе преземат сериозни чекори во расветлувањето на ова злодело по објавувањето на извештајот околу истрагата за овој стечај?  Знам дека многумина од вас кои го следат стечајот се заинтересирани да овој стечај има епилог.  Се плашам дека во периодов низ кој минуваме како држава е многу тежок. Енергетската криза која се појави кон крајот на минатата година, а уште повеќе се влоши со Руско-украинската војна е реалност која го загрижува секој поединец. Животниот  стандард на граѓаните во Р. Македонија опаѓа на дневна база. Штрајковите предизвикани од енергетската криза станаа секојдневие. Врв на сето ова е бесперспективноста на Р. Македонија за идно членство во ЕУ поради крајно конфронтираните односи со Р. Бугарија.

Упатувам апел до секој поединец дека проблеми во Р. Македонија има многу, меѓутоа ниту еден не смее да се потцени и сите проблеми мора да имаат завршница.

Следете ме.

Трифун Костовски

Back to top button
Close