СТРАВ vs СОВЕСТ

Почитувани читатели,

Повеќе од две години, секој вторник пишував за стечајот на Еуростандард банка.

Несомнено е дека наведените пропусти, од моја страна, за водењето на Еуростандард банка во стечај поради Техничката Влада на РМ, Народна банка, Финансова полиција и Обвинителство, даваат многу материјал за отпочнување на истрага за причините зошто мораше Еурстандард банка да се однесе во стечај. Еднозначно појаснувам, Еуростандард банка не беше за стечај, бидејќи во нејзиното секојдневно работење немаше никакви знаци за ваков чин, а ние акционерите од петни жили се потрудивме да обезбедивме додатни финансиски средства за санирање на банката, согласно барањата на Народна банка и потенцијалниот купец на банката согласно критериумите поставени од страна на Народна банка. Стечајот беше гром од ведро небо.

 

По сопствена иницијатива, нарачав истрага околу стечајот на Еуростандард банка од еминентната словенечка ревизорска куќа Р.У.Р, предводена од Господинот Драго Кос, еден од врвните светски експерти за гонење на банкарски криминал. Со овој извештај не се поштедив ни себеси, бидејќи основното нешто што ме интересира во овој случај е вистината од која и јас како поединец, акционер и член на Надзорниот одбор, не треба да бидам изземен.

 

Официјалниот извештај беше објавен во јавноста на ден 22.8.2022 година. Беше достапен на сите институции во земјава и поединци кои сакаат да се занимаваат со оваа материја. Изминаа повеќе од 3,5 месеци и молкот царува во сите институции на системот , кои се со закон повикани да отворат истрага по допрен глас на база изготвен детален извештај.

 

Актуелната Влада на РМ која ги контролира сите институции во земјава се труди стечајот на Еуростандард банка и мојот приватен извештај за овој грозоморен чин, да ги забошоти или поточно да ги остави во фиока да фаќа прашина дур не се заборави во јавноста.

 

Длабоко ме изненади молкот на мнозинството од новинарската фела која не покажа ни мрвка интерес за анализа и детектирање на вистинските причини на овој стечај. Жално е што одредена новинарска фела мојот приватен извештај го искористи само да го детектира недозволениот трансфер од Венецуела, кој за самиот стечај на Еуростандард банка е тотално маргинален. Со еден збор мојот приватен извештај го искористија за себе промовирање, наметнувајќи нови дневни афери кои во основа го дефокусираат вниманието од вистинскиот проблем.

Се прашувам најотворено, дали и новинарската фела и сопствениците на медиумите се толку силно ставени под контрола на актуелната Влада која без усул владее со Република Македонија?

Не можам да го разберам фактот дека и меѓу новинарската фела со истражувачки дух не се чувствува порив за вистинска борба против организираниот криминал и корупција. Токму тие, новинарите треба да бидат вистинското оружје за детектирање на девијантните појави во општеството.

Новинарите не смеат да дозволат правото и правдата во Македонија да бидат погребани. Секоја чест на ретките исклучоци, новинари кои покажаа интерес, дојдоа на нашиот прес и понатаму ја третираа темата – но тие, за жал, се малцинство професионалци кои покажаа дека си ја познаваат работата и знаат подготвено да се фатат во костец со организираниот криминал и корупцијата кои ни ги поткопуваат целото општество, закопувајќи ја вистината длабоко под дното.

Ги повикувам новинарите и нивните работодавачи да се ослободат од стравот, бидејќи сеприсутноста на стравот во секојдневието на Република Македонија, поттикнат токму од институциите кои се под контрола на актуелната власт, го парализираат здравиот разум и резон. Стравот меѓу граѓаните е најголемиот непријател на Република Македонија, стравот ја убива слободата, а вистината секој пат ќе биде скриена.

Ова е мој личен став кој се однесува не само за Еуростандард банка, туку и за севкупното живеење во Република Македонија.

На крајот, би сакал да се осврнам на здруженијата кои се оформија по стечајот на Еуростандард банка, а тоа се : Здружение на оштетени штедачи од Еуростандард банка и Здружение на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – Правда за штедачи Скопје.

Овие здруженија функционираат како одделни правни субјекти, но со заеднички интерес. Која е причината еден ист проблем да има две здруженија? Дотолку повеќе што во речиси 90% се подмирени сите правни и физички лица од стечајната маса на Еуростандард банка.

Отворено прашувам, кој ги финансира овие здруженија, бидејќи процентот на оштетени од стечајот на Еуростандард банка е минорен? Дали нивниот опстанок е насушна потреба на некои структури во системот? Доколку вистински беа спремни да помогнат во истрагата околу стечајот на Еуростандард банка, тогаш покрај официјалните достапни документи од страна на стечајниот управник, требаше уште повеќе да се фокусираат на мојот јавно објавен, приватен извештај. Овие здруженија не ги интересираат фактите изнесени во мојот приватен извештај, туку го практикуваат дневнополитичкиот систем со вадење на информации или шпекулации за кои деновиве се покренуваат тужби за клевета. Познавам само една личност од овие здруженија, која на два кратки состаноци ми предложи да бидам соучесник во коруптивни настани, како сум требал да го сопрам стечајот од Народна банка, да го поткупам Уставниот суд околу бришењето на членот 163 од Законот за банки и како да се договорам со екс-премиерот тој да си ги наплати своите замрзнати средства. Се прашувам за какво здружение се работи и кои луѓе ги водат овие здруженија?

Дали постои свесност, совест меѓу водечките структури на државата, почнувајќи од Премиерот, Министерот за внатрешни работи, Гувернерот на Народна банка, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Финансиска полиција, поединци од новинарската фела и нивните работодавачи и ќе завршам со членовите на така наречените Здруженија на оштетени штедачи?

За мене, свеста и совеста се атрибути на достоинствени луѓе. Морално исправните луѓе немаат страв од вистина.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close