Тешки последици после стечајот на Еуростандард банка
Почитувани читатели, денес во мојата колумна посветена на Еуростандард банка ќе се осврнам на колатералните штети кои ги предизвика стечајот кај правни и физички лица.

Физичките лица, во голем степен веќе се обештетени од стечајната маса, а до одреден процент се обештетени и правните субјекти.
Во натамошниот текст ќе набројам само неколку сегменти кои директно се одразија во работењето на правните субјекти.
Како семејство имаме во владение три правни субјекти кои го почувствуваа стечајот на Еуростандард банка со многу сериозни последици.
Гофи ДООЕЛ, фирма која располагаше со повеќе десетици милиони евра имот, денеска е пред затворање. Ја одржуваме на мускули само со една цел, да ги продолжиме судските постапки како правно лице, бидејќи доколку истата ја затвориме не ќе можеме да ја бараме правдата.
Издавачката куќа Култура е втората фирма која денеска едвај врзува крај со крај во издаваштвото.
Третиот правен субјект се Негорски бањи каде ние како семејство сме мнозински акционери. Пред само 4 години Негорски бањи беа пред отпочнување за реализација на проекти кои што требаа медицинскиот и физикално-терапевтскиот оддел да ги подигнат на светско ниво со најквалитетна опрема и простор. Бањата мораше да се реконструира додавајќи нови содржини на отворено, а дворното место на бањата требаше да биде најквалитетното рекреативно одредиште во целиот Гевгелиски регион. За жал, овие проекти станаа минато.
Пандемијата Ковид-19 си го направи своето, а денес со енергетската криза која што на големо е влезена во Република Македонија, се загрозува опстанокот и на овој правен субјект.
Почитувани читатели, погоре наведените правни субјекти се само дел од фирмите кои беа клиенти на Еуростандард банка.
Проценката за останатите правни лица не ја знам, меѓутоа можам да претпоставам дека е огромна.
Со стечајот на Еуростандард банка директно се загрози и Македонски пошти. Меѓу Еуростандард банка и Македонски пошти во 2018 година се потпиша договор за соработка на 20 години, при што сите филијали од Македонски пошти низ Македонија беа ставени да бидат управувани од Еуростандард банка. На месечно ниво Еуростандард банка , заедно со Македонски пошти исплатуваа пензии на 80,000 пензионери, а вкупниот платежен промет на месечно ниво се реализираше на број од 1,4-1,6 милиони трансакции.
Од партнерската поделба на приходите, по овој основ на исплатени пензии и извршени трансакции, се овозможуваше пристојно и стабилно функционирање на двата правни субјекта. Во Македонски пошти и денес има повеќе од 2100 вработени, а во Еуростандард банка повеќе од 200 вработени, од кои голем број се сѐ уште без работа.
Почитувани читатели, споменатите бројки се факти.
Јас искрено сочувствувам и со стотиците компании и нивни вработени кои деловно соработуваа со Еуростандард Банка. Многу од тие компании се на мои познаници и заеднички ги преживуваме нелагодностите и нарушената динамика во нивното работење поради стечајот кој можеше да биде избегнат.
Кому му сметаше Еуростандард банка? Дали Народна банка која ја однесе Еуростандард банка во стечај прескокнувајќи низа инструменти на располагање за нејзино санирање имала во предвид какви економски и социјални последици предизвикува во реалниот живот?
Македонски пошти се денеска на коленици, а таму се вработени по над 2000 лица.
Госпоѓата Бежоска во функција на Гувернер на Народна банка, носи непромислен чин за стечај на банка, која не морала да ја затвори, доколку сакала да помогне. Во интерес на заедницата заклучокот е еден: Госпоѓата Бежоска залутала на оваа функција, а вообичаено во вакво општество каде владее организираниот криминал и корупција, на креаторите на ова зло им требаат вакви неквалитетни послушници, амбициозни во сопствените глави.
Завршувам со констатација дека секој поединец за своите дела е одговорен пред себе и пред општеството. Организираниот криминал и натаму ќе настојува на врвните функции во институциите на државата да става свои луѓе каде послушноста ќе биде приоритет.
Народна банка на чело со Госпоѓа Бежоска и сите нејзини соработници кои ја поддржувале во нејзината одлука ќе се соочат со правдата во Македонија или надвор.
Госпоѓо Бежоска, оштетивте илјадници семејства со вашата непромислена одлука. Доколку имате совест треба веднаш да си заминете од вашата функција.
Трифун Костовски






