Улогата на политичките партии во случајот со Еуростандард банка

Почитувани читатели, денешнава колумна ќе ја посветам на политичките партии кои директно или индиректно се соучесници во злосторот, наречен „Стечај на Еуростандард банка„.

Секојдневните настани кои се случуваат во сите свери на нашето живеење, особено во судството и обвинителството, укажуваат на фактот дека политичките партии во Република Македонија, водени од сопствени лукративни интереси за освојување на власта, недвосмислено даваат идеални услови за практикување и функционирање на организираниот криминал. Говориме за украдена држава од организираниот криминал, со голема логистичка поддршка од самите партии на власт и опозиција.

Многумина од вас ќе се прашаат зошто токму во овој момент јавно ја изложувам мојата перцепција за местото и улогата на политичките партии во нашето секојдневие.

Јасно е дека политичките партии го креираат нашето секојдневие и нашата иднина. Од нив зависи, говорам за политичките субјекти, како Македонија ќе се развива на економски, општествен и социјален план . Дали од досегашната пракса на политичките партии, било на власт или опозиција, граѓаните видоа бенефит во поглед на својата иднина? Мислам дека одговорот веќе ни е јасен.

Сѐ повеќе во јавноста струи патетична констатација дека од Македонија држава не бидува. Прашувам Зошто? Зошто граѓаните доаѓаат до ваква констатација. Мора да има причини. Во сиот изминат тридецениски период Македонија се соочува со невиден дефетизам со простор за организираниот криминал и корупција.

Повод за ваква констатација е искуството со стечајот на Еуростандард банка.

Џелатот за овој чин е лоциран во Народна банка и Гувернерот Бежоска. Во изминатите 28 месеци во континуитет пишувам за сите процедурални пропусти од страна на Народна банка, вклучително со Техничката Влада, предводена 2020 година од Оливер Спасовски. Токму таа Влада се појавува како соучесник во носење две контрадикторни уредби со сила на закон, со кои се дава слободен простор за покренување стечај на Еуростандард банка, веднаш после завршувањето на вонредната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19.

Стечајот на Еуростандард банка заврши на една од седниците во Собранието на Република Македонија во Комисијата за финансирање и буџет. Распитот кој што се направи токму пред две години , нема епилог, што значи молкот и натаму трае.

Поведов приватна истрага од еминентни европски експерти за борба против организираниот криминал во банкарството, чиј извештај беше официјално објавен во јавноста на 22 август 2022. Извештајот дава основ и огромен материјал за гонење на лица и институции вклучени во овој злостор.

Молкот и натаму царува. Најмизерен е фактот што сите политички субјекти од власт и опозиција (на број повеќе од 40) молчат. Се прашувам зошто е овој молк од политичките партии и на власт и во опозиција? Дали заклучокот за ваквиот молк треба да значи дека сите политички чинители имаат заеднички интерес Република Македонија да остане заробена држава од организираниот криминал и корупција? Дали сметаат дека треба да направат исчекор, во интерес пред сѐ на граѓаните и самата држава, и дека треба отворено да застанат на страната на борбата против организираниот криминал и корупција. Фактот што најголемите опозициони партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица молчат е уште еден показател дека во Македонија нема спремност за вистинска борба против вакво општествено зло.

Не сакам да верувам дека политичките партии се заложници во структурите на организираниот криминал и корупција. Токму овој факт е длабоко навлезен и сеприсутен во нашата реалност. Апатијата која е евидентна меѓу граѓаните, предизвикана е токму од односот на политичките партии, независно дали се на власт или опозиција. Флоскулите и телата кои што постојат во Република Македонија за борба против организираниот криминал и корупција, се само именка. Не постои желба за справување со ова зло ниту со партиите на власт, ниту може да се детектира и во опозицијата.

Денес, Република Македонија ја владеат партии кои што ниту од далеку не ги задоволуваат потребите на граѓаните. Основното прашање кое се поставува пред нас граѓаните е дали ќе се појави нов политички субјект кој најотворено ќе се зафати во коштец со борбата за уништување на ова општествено зло.

Не смееме да молчиме, бидејќи молкот во основа претставува аминување. Време е да се разбудиме и да бараме од политичките партии да ги застапуваат и исполнуваат желбите на граѓаните, а тоа пред сѐ значи владеење на правото и правна држава, добробит и безбедност на секој поединец, согласно неговите можности и потреби.

Животното искуство уште еднаш ја потврди мојата теза дека од нас граѓаните на Република Македонија зависи каква држава сакаме да направиме. Само од нас и од никој друг.

Трифун Костовски

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close