Време на смрта

 Почитувани, веќе се навикнавте на моите плагијати од насловите на колумнава. Последнава е наслов на романот на првиот српски комунистички писател, Д. Ќосиќ. Времето кој тој го опишува и денешнава пандемија имаат единствено една сличност. Умира недолжен народ. Во првиот случај поради непотребно предизвиканата   големата војна, а во вториот –  поради нашиот систем. Ние всушност и немаме систем. Систем ни е тоа што немаме систем.

Ние сме држава – импровизација. Државата ја правиме како учениците од прво оделеније во средните ликовни училишта, кои од пластелин, а потоа и од глина ги вајаат првите фигури кои после тоа ги лијат во гипс и поставуваат во школските дворови, како нивни први експонати. Пробуваат во недоглед, се додека нешто не се појави што наликува на моделот. Си играат со глината. Ја почувствувавте ненапишаната паралера.

По Маркс, да тој, државата и  треба да изумира. Новокомпонираните неолиберали, добро ја научиле таа лекција. Најдобар начин за одумирање на државата е нејзиниот буџет. Прво се полни, а потоа маѓионичарски се празни, преку појавата која еуфемистички ја нарекуваме – перење на пари. Не драги читатели, парите не се перат тие се множат на сметките на владателите. а ние го переме само срамот.

 

Но, од ковидот од секој вид и сој не починуваат единствено недолжните луѓе. Умира моралот и одговорноста. Умира правната држава. Умираат институциите. Умира економијата. Во социјалната по Устав држава социјалната политика не постои. Умира надежда со задоцнување. Ние сме сите мртви, само не знаеме кога ќе бидеме закопани (Иво Андриќ). Државата ни го забрзува тој процес. Нашата дипломатија одамна доживеала клиничка  смрт. Пациентот само понекогаш  се освестува со помош на кислород, обично увозен и силно лелекање на народот, чиј глас обично не се слуша.

Проблемите не ги нарекуваме со право име. Користиме лажни аргументи за оправдување за секој погрешен чекор, бидејки правилни и не забележуваме. Демек малите држави тешко доаѓале до вакцини, наместо да признаваат дека не сме ги почитувале процедурите за набавка, операција за кои сме махери со најголем број на докториранти на таа тема. Едниот е познат иноватор. Мерките за намалување на смртноста не се само медицински и не зависат само од самозаштитата. Државниот систем затаи во пунктовите кои лесно можеше да се процени дека ќе бидат извори на ширење на пандемијата. Лекарите чинеа се што е можно, а државата, односно системот импровизираше. Нашата дипломатија што затаи, тоа е нормално. Невешти до апсурд  се нашите објаснувања за сегашната ситуација со вакцинацијата. Но  кога  јa добивме последната донација на незабележител број на вакцини, дојде до полемика на актуелниот МНР, порашен министер за здравство и актуелниот ни министер за здравство,  кој е заслужен за подарокот, во кој во заби не се гледа, вели стара поговорка. Се јави и третиот доброчинител, во лицето на нашиот тамошен амбасадор. Ова донација како и оние најавени, а не остварени  од Бугарија, Полска и Чешка, не ја поправаат глобалната слика на немоќ или незнаење.

Импровизираме на сите полиња, а најповеќе во дипломатијата. Тука ги збунуваме сите. Прво се братимиме, потоа  се разбратимуваме. Неснаоѓањето го именуваме со погрешни  термини. И тамам  што бевме подготвени за славопојки  за Словенија која од јули претседава со ЕУ во етерот провејува некаков нов non paper, кој наводно до Брисел го испратил словеначкиот премиер Јанша и од кој можело да се заклучи дека претседавањето на Словенија со ЕУ од 1 јули, неочекувано добива нови приоритети.

Ние сме традиционално затечени за реакции, посебно МНР. Покрај останатото што нашата надворешна политика ја креираме и водејки внимателно сметка на ставовите на албанскте политички партии кои пак по геостратешките прашања имаат речиси идентични позиции. Без оглед дали нон пејперот постои или не, за содржината секако во Брисел се дискутирало, а  нашето неогласување го толкуваме како дипломатска мудрост, а не непознавање и недоволно продлабочување на анализите  за задкулисните дипломатски далавери. Не ми се верува дека менување на посточките граници и словеначки државен интерес. Симптоматично  е што, во последно време, главно проблемите во ЕУ ги иницираат ткн. “нови членки” на ЕУ.

Манипулираме со повикување на соработката со нашите стратешки партнери кога се во прашања чувствителни (пред се поради интересите на повлијателниот партнер) со цел да се одбрани нашата неспособност и забошотување на направените системски грешки. И тоа не се прави секогаш принципиелно. НАТО војниците и старешнини во РМ примија советски и кинески вакцини и покрај тоа што првично од геостратешки причини нашите владетели се противеа. Што се однесува на кинеските вакцини, нашиот непостоечки Штаб за планирање во МНР не се сети да продума дека РМ своевремено го протера Пекинг од Скопје. Тоа не се заборава.

Несоодветните кадри на експонирани позиции се посебен проблем. Како може во горска држава, каква е нашава да нема горска служба за спасување, па несреќниците умираат во планина. Директорт на центарот за управување со кризи ни објаснува и да нашле хеликоптер, немал кај да слета. На генералот треба да му било јасно дека хеликоптерот и не мора да атерира, па да ги спаси животот на несреќникот.

Грешиме и со политичките пароли како последнава “Европа дома” а истовремено токму дома имаме секојдневни  коруптивни скандали со кои   потврдуваме дека сме далеку од Евроопа, демократски, економски, социолошки и цивилизациски. Западен Балкан, полека се претвара во  латино-мексикански нарко елдорадо, а  македонските биoметрички пасоши станаа многу ценети кај нарко босовите и покрај инфлаторниот број на издадени пасоши, што пак зборува дека бизнисот цвета.

Покрај медицинските стручни мерки  потребна е доверба во систем која е целосно изгубена, но која може да се поврати. Лекот не е само во партиската промена на власта, што ја потврдува сегашната власт. Лекот лежи во промената на системот на вредности. Кај нас владателите  ја игнорираат субјективната одговорност. Секој тврди дека не се чувствува одговорно (морална одговорност) или не е одговорен (фактичка одговорност). Во соодветен систем на вредности и сегашнита тешка ситуација со пандемијата ќе биде полесно надмината, со помалку непотребни жртви. Спротивно  времето на смрта ќе потрае.

Преокупиран со секојдневното паралерно читање на расказите  на А.П. Чехов и американскиот Чехов на 20 век, Џон Чивер, во последната моја колумна на 10 овој месец, дадов чеховљевски наслов на мојата последна колумна и  некролошки предизвикав многу недоразбирања, кои оваа колумна дефинитивно ги расветлува. Сепак, препорачувам паралерно читање. Овој пат од областа на дипломатијата тоа се книгите на познатиот новинар од ФАЦ, М. Мартенс (“Во пожарот на световите”) и српскиот  L,enfant terible, С. Басара ( “Контраендорфин”) поради расветлување на митот за нобеловецот И. Андриќ.

 

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close