Заробениците на помрачените умови

Да бидеш педагошки работник не е само професија. Тоа е повеќе мисија зашто бара токму таква посветеност и таква ангажираност што не оставаат простор за несериозност, негрижа, недоследност и секакви други зборови образувани со претставката не. Треба да се работи со оние кои се најголемото богатство на човештвото, не само на еден народ, една нација или една цивилизација.

Треба да се поттикнува најблагородното во младите, да се помага во нивното формирање како личности зашто тие се оние врз кои ќе се потпира човештвото. Треба постојано да се покажува што е тоа авторитет, што е тоа личност со интегритет, кои се вредностите што треба да го водат човештвото за тоа да се сочува како човештво. Барем јас така гледам на оваа професија и, што е поважно, секогаш се стремам да ги следам ваквите принципи, па еве, веќе повеќе од 33 години. Тоа можат да го посведочат плејада од луѓе со кои ги делевме нивниот ентузијазам и енергија со мојата посветеност и знаење, што, благодарејќи им ним, постојано се збогатуваше. Токму и заради нив го пишувам овој текст како одговор на една насилна, подла и бесскрупулозна измама со која советниците на ВМРО ДПМНЕ од Град Скопје сакаат да ја изманипулираат јавноста и, ловејќи во матно, да се дограбат до директорската позиција во СУГС Гимназија “ Орце Николов “.

На последната седница на Советот на Град Скопје, меѓудругото, советниците од ВМРО, сакајќи да изнудат оставка од сегашниот директор на гимназијата, мавтаа со некакво писмо од незадоволни професори  кои бараат да се истражат неговите нечесни работења. Меѓутоа, ниту едно име од 6-те наведени во писмото, а меѓу кои е и моето, нема допирна точка ниту со една буква, запирка или точка наведена во него , а камо ли со тоа што е изнесено во писмото. Ниту пак јас имам таков меил како тој што е наведениот како некаков аргумент. Значи станува збор за сериозна, тешка измама , кривично дело фалсификат и груб напад врз 6 професори кои , секој на свој начин , е посебен белег на ова училиште. Јасно е дека со ова треба да се позанимаваат соодветните институции за прогон на ваквиот криминал, а советниците од останатите политички партии да го поттикнуваат таквото расчистување на измамата и да ги раскринкуваат недоветните, насилнички методи што покажуваат дека “волкот влакното го менува, но не и карактерот”. Што се ни покажува ова насилничко злодело, овој тежок криминал? Па, пред се, недоделканоста , злобата и заслепеноста на кругот околу помраченото сонце и неговите психопатски апетити.

Но тие, неверојатно многу, ќе и наштетат на партијата. Замислете само, група што сака да освои позиција и функции, ама нема  м..а јавно да се произнесе , туку се крие зад туѓи имиња. Па, зарем некој би имал доверба во такви стаорци што смрдат на канализацијата од која и не смеат да излезат , туку само плашливо ѕиркаат и чекаат смрдеата сите да ги обземе.Зарем некој во иднина ќе поверува дека такви исплашени глувци, чиј единствен аргумент се “ситношиќарџиските пресметки” и задкулисните игри , ќе се фати во костец со сериозните државни проблеми, на внатрешен или на надворешен план. Значи оваа, ајде речи, партија нема соодветен кадар ниту за функција на директор на средно училиште, па се потпира на група насилници , фалсификатори и психопати што само потврдуваат какви сподоби не смеат да имаат допир со професијата педагошки работник. Тоа ли ни укажувате, ќе се враќаме на насилничките методи во кои само личната добивка на најсилниот или, подобро речено на најрасипаниот, ќе биде водилката што ќе ја следиме. Сакате ли да ни кажете дека со вас на власт не очекуваат само загорени јадења од вашата кујна, зашто за друго не ве бидува ?

Г- ѓо Градоначалник ,” Орце” е нешто многу вредно, впрочем прашајте си го Ангел, тој добро го знаетоа , па не може да биде играчка за залажување на нездрави апетити , а уште помалку за лечење психички фрустрации. Не останаа уште многу државни училишта какво што е “Орце”. Помогнете да го сочуваме, пристапете сериозно. Образованието бара посветеност. Покажете разумност и дека зборот независен кандидат има и значење, а не само форма.

 

Душко  Стојановски, професор во гимназијата “Орце Николов”

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close