Заслужен одмор

Којзнае колку пари изнеле Груевски и компанија од земјата. Којзнае колку ли чинат консултантските услуги во Будимпешта. Може и 80-те илјади за софтверот по идеја на Рашковски се ништо во однос на милионите кои ги трошеа Груевски и компанијата. Може и неговите плацеви што ги купуваа други во негово име беа „за џабалак“, а патот на Рашковски до Мексико е па ептен џабалак и затоа тоа не е никава сензација. Па и патувањето на вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски за Дубаи не е сензација, оти и тој има загарантирано право на одмор како другите граѓани. Со личен пример ја започна кампањата против корупција „за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна“. Сѐ е по закон шефе. Кај нас важат законите што се напишани на хартија. А моралните закони не важат. 4Муабетот не е ни до Дубаи, не е ни до Мексико. И до Халкидики да отидеа во ова време – невреме, исто ќе беше. Не е муабетот ни за парите, ни до тоа колку е скапо, или евтино. И најмалку е до тоа дека „секој има право на одмор“. Едноставно е. Треба да се даде личен пример. Кога си на јавна функција, особено на висока позиција, политички е коректно да покажеш солидарност со граѓанките и граѓаните кога им е тешко. Не е баш коректно во ек на трет бран на пандемија, додека луѓе молат за преглед и слободен болнички кревет, се губат работни места, лекарите и сестрите се истоштени и физички и психички, свадби се одложуваат, на погреб не можеш да одиш да се збогуваш со покојниците и сите ние веќе не можеме да земеме душа, да си заминеш во странство оти – „секој има право на одмор“. Како утре да го сфатиме сериозно вицепремиерот Николовски кога вели „нема компромис со здравјето на граѓаните“ и „нема компромис во битката со корупцијата“, ако во еден тежок момент сме се почувствувале изневерени и напуштени. Ова ти е слично како да имаш некој тежок болен во семејството, а друг изгубил работа и нема плата, а тебе баш ти е гајле и си тераш ќеф, оти „секој има право на одмор“. Никому не е забрането да си тера ќеф и да си ја троши платата како сака. Ама, ако си на јавна функција, луѓето очекуваат во тебе да видат модел на однесување, особено во криза како што е оваа. Личниот пример не се дава со пишување статуси на Фејсбук колку тони путер со изминат рок фатила инспекцијата и колку кафеани се затворени поради непочитување на ковид мерките. Личниот пример се дава како се однесуваш. Дури и во своето приватно време. На крајот на краиштата, човечки е и да згрешиш. И поарно ќе му беше на Љупчо да се извини и да каже „Згрешив“, отколку да ги остави партиските подлизурковци да го бранат. Тоа беше уште попоразително. А од Рашковски не ни очекувам да се извини.
Повеќе во колумната на Горан Михајловски на СДК.мк






