Зaспиј ако можеш – јас не можам 

Повод за мојата колумна е емисијата на ТВ Алфа во живо, која секој ден оди во вечерните часови. Како љубител на фудбалот, минатата вечер бев во дилема дали да гледам фудбал или да ја гледам емисијата „Заспиј ако можеш“, водена од водителите Момировски и Миленковиќ, каде ексклузивни гости беа, правниот застапник на оштетните штедачи од Еуростандард банка, адвокатот Љупчо Кузмановски и експертот за организиран криминал во банкарството од европски ранг, господонот Драго Кос.

Многумина од вас претпоставувам дека знаат дека си легнувам и станувам со прашањето: ЗОШТО ОВА МЕНЕ МИ СЕ СЛУЧИ? Далеку од тоа дека сум совршен човек, како и секој имам свои маани, а најсилната маана ми е бeзрезервната доверба во луѓето. Во високо развиените земји оваа моја маана е доблест, бидејќи таму искажаниот збор значи многу, а посебно довербата во институциите треба да биде гарант да не се случуваат вакви нескани појави, еве ако милувате, на луѓе како мене.

Почитувани мои читатели, мене системот не ме заштити. Признавам емисијата предизвика неколку битни дилеми кои што денеска се исправаат пред мене и за кои барам одговор. Ја разбирам позицијата на правниот застапник Кузмановски кој е ангажиран да ги брани интересите на оштетените штедачи. Меѓутоа, не можам да разберам зошто тој и телото на оштетените штедачи моите пишани аргументи и колумни ги примаат селективно и во дози токму толку колку им одговара на нивниот интерес. Почитувани, проблемот е општествен. Фактот што правните и физички лица оштетени поради нефункционалност на системот, денеска се едни во случајот со Еуростандард банка, а утре во други стечаи ќе бидат други, говори сам за себе дека институциите на системот затајуваат. Говорам токму за институциите кои треба да го регулираат севкупниот наш живот како на професионално така и на приватно поле. Од правниот застапник на оштетените, Господинот Кузмановски разбрав дека тие очекуваат информации за истрагата од моја страна. Сакам само да појаснам, јас сум граѓанин на Република Македонија, јас не сум институција која се бави со разоткривање на криминалот и корупцијата. Јас финансирам сопствена истрага, бидејќи сум длабоко убеден, не вие мој читатели, туку системот во мојот случај потфрли. Го прашувам и Господинот Кузмановски дали треба да го штити и мојот интерес како акционер во банката која што е во стечај, бидејќи и јас сум оштетен, оштетен од системот. Не би требало Господинот Кузмановски да го интересира интересот само на оштетените физички и правни лица од банката и интересот на Фондот за обештетување на штедни влогови што во основ претставува институција без капитал, а со големи приходи од постоечките банки, чија натамошна намена освен гаранција на штедачите јас не ја познавам.

Фондот по вокација нема право да учествува во стечајната маса, бидејќи со одлуката на Уставниот суд, членот 163 од Законот за банки се брише, а Фондот не е ниту правно ниту физичко лице кое било коминтетнт на банката. Сакам да обзнанам пред јавноста дека јас ќе барам обештетување од системот на Република Македонија, читајте Народна банка, читајте Техничка Влада, читајте Финансова полиција.

Не барам сожалување, барам правда. Ниту сум имал, ниту имам намера да оштетам некој кој решил да соработува со мене. Во банкарскиот систем Народна банка е регулатор, ама и контролор на вкупното негово работење, вклучително и интересот на акционерите во банката.

Од друга страна Господинот Кос, најави девијантни појави кои со децении наназад се практикувале во Македонија, посебно во банкарскиот свет. Оваа практика евидентно е добро востоличена во нашиот реален живот. Јас сум една од жртвите на ваквата практика, а заедно со мене повлеков мои многу познати и непознати пријатели. Прашувам отворено, до кога државните институции кои се по закон повикани да ги решаваат овие девијантни појави ќе молчат? До кога ќе дозволиме организираниот криминал да владее во Македонија? До кога ќе дозволиме да нѐ толчат луѓе кои се опасност за нормалните демократски процеси?

После емисијата не можев да заспијам долго во ноќта, барајќи причини зошто ова токму мене ми се случува. Многумина од вас ќе кажат дека не сум ниту прв, ниту последен. Апсолутно го прифаќам ваквиот став, само што мојот концепт во понатамошното делување е да бидам последен. На крајот се прашувам каде  е општествената свест за тоа што јас како акционер го изгубив. Дали има луѓе кои што сериозно ќе седнат и размислат за решавање на овој мој личен проблем или пак правдата ќе морам да ја барам надвор од земјава.

Повторувам, во институциите на системот, а во случајот на Еуростандард банка вината за мое обештетување ќе ја барам токму во Народна банка на Македонија. Тие требаа да делуваат превентивно и со мерки, за да не се случи ваков епилог.

Бидете убедени дека непроспиената ноќ за мене е уште поголем поттик да стигнам до целта, каде што сите правни и физички лица ќе бидат обештетени, вклучително и ние акционерите, а одговорните за ова злодело мора да ги почувствуваат правните консеквенци за нивното соучество во ова злосторство.

Трифун Костовски

Back to top button
Close