Снопче го повика спикерот Гаши да ги распише повторните избори во четирите општини пред Нова година

Претседателот на Собранието Африм Гаши да покаже институционална независност и во законскиот рок, пред Нова година, да ги распише повторните избори во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Жупа, за тие да завршат до крајот на декември и да им се овозможи и на иселениците да гласаат, побара денеска пратеникот од крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, Халил Снопче.

Тој реагираше по објавувањето на конечните изборни резултати од Државната изборна комисија (ДИК), нагласувајќи дека законскиот рок за одржување на повторните избори во четирите општини почнува од 29 октомври, а не од денот на последното објавување на резултатите. Според Снопче, од овој датум почнал да тече рокот од 60 дена за одржување на изборите во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Жупа, па затоа тие треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.

Пратеникот изрази сомневање дека одложувањето на објавувањето на резултатите од ДИК било намерно и координирано со Владата, со цел, како што нагласи, да се избегне периодот кога иселениците се во земјава.

„ДИК вчера ги објави конечните резултати од локалните избори со што почна да тече и рокот од 60 дена во кој треба да се одржат повторните избори во четирите општини, но, тоа значи дека последниот ден за одржување на изборите е 11 јануари. Зошто Комисијата чекаше до вчера и зошто резултатите за овие општини не ги објави порано како во 2021 година кога ја извести Владата само шест дена по завршувањето на првиот круг, без да го чека завршувањето и на вториот круг во останатите општини? Дали ваквото одложување беше намерно и координирано со Владата за да се избегне гласање во период кога иселениците се присутни во своите родни места? Со овој законски рок очигледно намерата е изборите да се одржат на 11 јануари – само неколку дена по заминување на иселениците“рече Снопче.

Според него, треба да се направи јасна разлика меѓу заклучокот за објавување на конечните изборни резултати и заклучокот за завршување на изборниот процес.

„Врз основа на заклучокот за конечните резултати, законскиот рок од 60 дена за спроведување на изборите во општините каде не е постигнат цензус почнува да тече од 29 октомври, датум на кој е донесен заклучокот за објавување на резултатите од првиот круг и е утврдено дека во четири општини не е постигнат цензус. Ова е идентично со применетата практика во 2021 година. Тврдењата дека рокот треба да се пресметува од датумот на заклучокот за завршување на изборите немаат законска основа. Оттаму, датумот за одржување на изборите во Гостивар и во трите други општини треба да биде најдоцна до крајот на декември за изборите да завршат во рамки на законскиот рок. Законот предвидува рокот од 60 дена да се смета од денот на објавување на конечните резултати, а не од денот на завршување на изборниот процес“посочи Снопче.

Одговарајќи на новинарски прашања, Снопче најави дека за повторните избори во четирите општини остануваат во коалицијата НАИ предводена од ДУИ, како и дека ќе имаат заеднички кандидат. Негов став е дека изборите треба да се повторат со претходните, веќе промовирани кандидати.

Back to top button
Close