Слонот, го виде ли некој слонот на лидерската?

Лидерската средба навистина можеше да биде историска ако присутните посакаа да разговараат за слонот што беше во собата, а сите се правеа дека не го гледаат. Пишува Љупчо Поповски
Премиерот Христијан Мицкоски, како и други врвни раководители на власта, постојано сакаат да зборуваат дека во овие 19 месеци откако владее оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ некои работи се случуваат, се решаваат, на одредени проблеми им се приоѓа на начин каков што немало во сите години на независноста. Дека вистинската историја на модерната македонска држава почнува од 23 јуни 2024-та, кога беше избрана оваа влада. Дека претходните кабинети, всушност, биле некаков прелудиум, некаква увертира за сегашната влада.
Таа опседнатост со сопственото владеење Мицкоски ја претстави и на лидерската средба во средата (14.01) во Клубот на пратениците, давајќи ѝ историски формат и тврдејќи дека за првпат во 35 години лидерите се собрале да најдат решение, а не да создаваат проблеми.
Се разбира, средбата не е историска, ниту по составот, ниту по одлуките, ниту по решавањето на проблемите што беа поставени. Историска може да биде од два аспекта: тоа е прва што ја свика Мицкоски како премиер и е прв ваков собир на којшто присуствува лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Тоа беше неговото огнено крштевање во кругот на „големите“ седнати околу малата маса. Па можеби и затоа потоа изјави дека бил изненаден од „конструктивноста“ на разговорите. Историска може да биде и поради тоа што лидерот на главната опозициска партија, Венко Филипче, одби да присуствува на оваа тричасовна сеанса, која повеќе беше наменета за решавање на некои проблеми заглавени во Собранието, отколку да се разговара за генералниот правец на земјата и ситуацијата во која се наоѓа.
Премиерот Мицкоски може да памети (и да премолчува), но можеби и да не се сеќава, како и другите млади луѓе од неговата екипа дека Македонија имаше толку многу лидерски средби во трите децении, што ни стана и здодевно од нив. Некои беа без опиплив епилог, на некои се носеа важни одлуки, на други се смируваше затегнатата политичка ситуација и се решаваа комплицирани проблеми, на трети се расправаше за идни можни чекори.
Ловџиската атмосфера во „Јасен“
Нема да одиме многу далеку, ќе се навратиме на поранешниот претседател Ѓорге Иванов (кандидат на ВМРО-ДПМНЕ). Иванов за две од тие лидерски средби одбра рустикална локација – ловната куќа на фазанеријата на резерватот „Јасен“ во Катланово. Таму тој, Никола Груевски, Бранко Црвенковски, Али Ахмети и Имер Селмани во ловџиска атмосфера се обидуваа да ги решаваат проблемите. Таа средба во јануари 2011-тата беше два месеца по спектакуларниот упад на властите на Груевски во А1, со кој беше означен почетокот на крајот на тогаш највлијателниот телевизиски медиум. На таа средба Никола Груевски ги информирал и за неговите средби со тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу за решавањето на спорот за името.
Иванов организираше во „Јасен“ друга средба во претходната 2010, потоа уште неколку во 2011. На сите нив се решаваа проблеми, особено за смирување на исклучително зовриената политичка ситуација по упадот во А1 и пред вонредните парламентарни избори. Иванов повика и на лидерска средба утредената по 27 април 2017 и крвавиот упад во Собранието, но повредените Зоран Заев и Зијадин Села го одбија тој повик.
Лидерски средби организираше и Зоран Заев кога беше премиер. Една од нив беше во мај 2018-тата, на која ги информираше партиските лидери за текстот на билатералната спогодба доставен од Грција. Околу преговорите со името на некои од тие лидерски средби беше и тогашниот претседател Ѓорге Иванов. На нив беше и Мицкоски, тогаш нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ. На една од нив, кога се расправаше за претстојниот референдум, Мицкоски предвремено го напушти собирот и бараше по ден-два да се одржи друга лидерска средба во потесен состав, затоа што претходниот бил преширок со многу парламентарни партии. Па се расправаше за ова, за она, за амнестија на учесниците од 27 април, за понудената од Заев влада на широка коалиција и така натаму и така натаму.
И претседателот Стево Пендаровски одржуваше лидерски средби. Една од нив беше во октомври 2019 година, кога Франција стави вето во ЕУ на веќе донесената одлука за почнување на преговорите со Македонија. Друга беше за начинот како да се одложат парламентарните избори закажани за април 2020, по која експертски тим (во кој беше и Гордана Сиљановска-Давкова) требаше да најде правен излез од лавиринтот за да не се оди на гласање кога не само Македонија, туку и цел свет беше смртно исплашен од застрашувачкиот корона-вирус.

И да не набројуваме понатаму. Имаше навистина бројни лидерски средби во овие 35 години, на кои се носеа решенија за големи проблеми. Така што, историската димензија што сакаше да ѝ ја даде Мицкоски на средбата во средата е претенциозна, дури и непристојна. Можеби е „историска“ за да се најде решение за поддршка од ДУИ на Законот за прекршоци од проектот „Безбеден град“ или изборот на Народен правобранител. Да остане или не техничката влада. Но во сѐ друго, судејќи според изјавите по средбата, тоа би требало да биде дебата за партиски работни групи или шефови на парламантарни клубови.
Времето може да чека, но ЕУ не
Таа средба навистина можеше да биде историска ако присутните посакаа да разговараат за слонот што беше во собата, а сите се правеа дека не го гледаат. Слонот е како сениште (не, тоа не е отсутниот Венко Филипче) од тунелот без светло во кој се наоѓа Македонија на патот кон ЕУ. Реформската агенда за Македонија, роковите што треба да се исполнат за донесување на неопходните закони за да се добијат нови средства од Планот за раст на ЕУ е важна, многу важна работа за да може да се види дека земјата, сепак, на овој или на оној начин се движи напред кон европските стандарди.
Но да нема залажување, замена на тези и да нема запретување во пепелта на она што е најважно – како да се направат уставните измени кои се неопходни за продолжување на патот кон ЕУ. А од тоа никој да не поднесе поголема политичка штета од другите. Јасно е дека партиите и нивните лидери се борат за власт, а не да бидат шампиони во реформи (барем не овде), па времето може да почека. Но веќе многу камбани бијат за да означат дека времето за чекање е потрошено. Ако има кој да ги слушне.
Доколку го исклучиме беглото споменување на Али Ахмети на заглавената европска интеграција во изјавата по завршувањето на средбата, на другите учесници во сеансата тоа како да не им е важно. Како Македонија своеволно да ја оставаат на ветрометината на глобалниот поредок кој не е воопшто ист како пред една година. Кога човекот од Белата куќа сака насилно да присвои остров од 2,1 милион квадратни километри кој е територија на друга држава. И дека во постапките го води неговото морално право, а не меѓународниот правен поредок.
За да имаше средбата историски призвук (како што се обиде да го прикаже Мицкоски) премиерот требаше на партиските лидери, колку што може да биде отворен, да им објасни како стојат работите со македонскиот пат кон ЕУ во ова невреме. Што би можел да им каже?

Прво, дали има вистински контакти со официјална Софија за намалување на огромното недоразбирање меѓу двете држави. Откако Мицкоски е премиер такви контакти немало. Имаше средби меѓу министрите за надворешни работи на одделни меѓународни состаноци или форуми; претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се среќаваше неколкупати со Румен Радев, министерот за транспорт се среќаваше со неговиот бугарски колега за изградбата на пругата и тунелот кај Деве Баир (договор кој беше склучен под притисок на НАТО, САД и ЕУ). Но нема вистински политички разговори.
Софија неколкупати објавува дека внесувањето на Бугарите во Уставот е последното барање кое произлегува од францускиот предлог. Мицкоски би можел да им каже нешто повеќе отколку јавните изјави дека стравува оти тоа нема да биде последниот услов и дали има нешто повеќе во дипломатските разговори. И да се разменат ставови што би можело да се случува ако и во годините што следат политичката криза во Бугарија не ќе може да се реши по толку предвремени избори во последните шест години.
Тунелот без светло
Второ, може да им каже што се случи со онаа најава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од септември лани, дека по локалните избори во Македонија ќе има придвижување во решавањето на проблемот. Дали, всушност, сѐ остана во место и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ ја има целосната власт во државата на сите можни нивоа? Дали апсолутната власт на една партија во одреден период значи дека таа има право да ја командува иднината на државата за следните 10-20 години?
Потоа би можел да им спомене, онолку колку што може, во кој правец се движат разговорите со челниците на ЕУ и дали има чувство оти Македонија е оставена сама да го најде решението. Ако сака. Во последната година со новата администрација во Вашингтон секој регион е во голема мера оставен сам да се грижи за себе. Не постои сеопфатна рамка. Тоа стана така бидејќи многу работи се случија со огромна брзина. Во таа огромна брзина работите можат да се променат и во друга насока од онаа што е сега.
Па, би можело да се разговара дали има некоја стратегија за излез од ќор-сокакот кај владиниот труст мозоци. На одреден начин да им се помогне на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, кои во неколкуте години пред ланските избори самите си поставија високи пречки околу францускиот предлог што сега ниту знаат, ниту имаат волја, ниту пак моќ да ги прескокнат. Во креирањето на еден заеднички Дуплантис лидерите би можеле да му помогнат на Мицкоски да успее да ја прескокне оваа летвичка, да им даде гас на моторите на оваа држава, а потоа и нека ги ожнее сам сноповите на успехот.

Сите политичари имаат свое нарцисоидно его. Кај некои е поголемо, кај некои е прикриено. Извонредниот бугарски политички теоретичар од светски глас, Иван Крастев, оценувајќи ја политичката ситуација во светот во 2025-та вели: „Наместо да се обидуваат да разберат како можат да управуваат, што може да се постигне, а што не, луѓето на власт сонуваат да се вратат во минатото, што не е можно”.
Нема што да ѝ се додаде на оваа изјава на Крастев и во македонски контекст. Можеби со мало дополнување дека ВМРО-ДПМНЕ сега сака да се претставува како Социјалистичкиот сојуз од времето на социјалистичката република. Да биде чадор под кој сите ќе стојат. Но тоа, едноставно, не е можно. Тоа време одамна помина и не може да се врати со никаква алхемија. Освен со управувана автократија.
Европскиот проект беше подготвен за поинаков свет, за свет кој исчезнува. Ние не можеме да разбереме кои се тие негови лостови што се нишаат. Ние само гледаме преку Атлантикот верувајќи во некакво самовилско чудо за Македонија од човекот во Белата куќа. И ќе го раниме ѕверот на апатијата и безнадежноста овде дома. За тоа – за иднината, треба да се разговара на вакви „историски“ лидерски средби. Ако се сака.






