Време за плачење: Кант и Хобс преговараат за Гренланд
Денко Малески
Некни во Вашинтон, за иднината на Гренланд, седнаа да преговараа Томас Хобс ( 1588-1679) и Емануел Кант (1724-1804).Хобс кој гледа на светот како на џунгла во која „договори без меч се само празни зборови“,зашто, „без страв од некаква репресивна сила, обврските што произлегуваат од зборови се премногу слаби дизгини за човековите амбиции, алчност, лутина и други страсти“. Кој вели дека државите во меѓународната политика се во став на гладијатори ; насочувајќи ги своите оружја и фиксирајќи ги своите погледи еден кон друг; со утврдувања, гарнизони и топови разместени по должината на границите… и со постојано шпионирање на соседите. Кој тврди дека ова непријателство не престанува ниту во време на мир, затоа што тоа е само „време на предишка во кое едниот непријател, следејќи го движењето и однесувањето на другиот , само ја проценува својата безбедност , и тоа не во согласност со договореното, туку во зависност од силата и плановите на својот непријател“.
Соговорник му е Кант, кој верува во свет во кој „ниту една држава нема да интервенира со сила во уставното уредување или во власта на друга држава“и дека „ниту една независна држава, голема или мала, нема да стане доминион на друга држава…
“. Во таквиот свет, слободни држави формираат сојуз на демократии, воспоставувајќи ја таа толку посакувана „состојба на мир“. Кој вели дека темелите на таквиот светски поредок се уставот на секоја држава, кој треба да биде „републикански“ и „светска федерација“ со устав сличен на оној дома, со кој формира „Лига на нации“. Оваа меѓународна организација, смета Кант, е „ослободена од односи на супериорен (кој донесува закони) и инфериорен (кој се покорува)“ туку почива врз „меѓусебно балансирање на правата на нациите како суверени држави“.
Уште дијалогот меѓу Америка од една страна и Данска и Гренланд од друга, не започнат, претседателот Трамп (Хобс), преку твит, упати јавна порака:„Кажете и на Данска да се чисти од таму, СЕГА!“
Записниците од состанокот велат дека преговарачи од американска страна се потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и службеници на Стејт департментот и на Белата куќа. Од страната на Гренланд и на Данска, Ларс Расмусен, министерот за надворешни работи на Кралството Данска и министерката за надворешни работи на автномната област Гренланд,Вивијан Моцвелт.Во разговорите,
Американците го ставаат акцентот врз безбедноста. Венс повторил дека Америка го смета Гренланд за витален за ракетна одбрана и за безбедноста на Арктикот, и на Америка,тврдејќи дека Данска не сторила доволно во таа насока. Оттаму, американската администрација би преферирала, наместо со воена акција, да го купи Гренланд, но, не се откажува од употребата на сила.
За Рубио „земањето“ на Гренланд е „сериозна намера а не шега“и е дел од поширокиот безедносен натпревар со Русија и со Кина.
Данската страна, користејќи го дипломатскиот речник, зборува за „отворен и конструктивен дијалог“, но дека не прифаќа никакво сценарио кое би значело сопственост или политичка контрола на Америка врз арктичкиот остров.Данска инсистирала да се почитува суверенитетот на државата и правото на самоопределување на народот велејќи дека американскиот притисок е тотално неприфатлив.
Во заклучот, данскиот министер за надворешни работи изјавува дека останува „фундаменталното несогласување“ за иднината на Гренланд. На разговорите, гренлсндската министерка за надворешни работи изјавила дека Гренланд „не сака да биде управуван од САД“ и дека сака да си ги задржи врските со Данска и со НАТО.
На состанокот не е постигната согласност за иднината на Гренланд, заради фундаментално несогласување, меѓу визиите на Хобс и на Кант за светската политика,потпрецизно визиите меѓу Америка од една страна и Кралството Данска и Гренланд од друга. Данската и гренландската страна се повикуваат на суверенитетот, правото на самоопределување и соработка во Сојузот (НАТО) , а американската, на своите безбедносни интереси кои наложуваат Америка да го „поседува“ Гренланд.
„Јасно е дека претседателот Трамп има желба да го освои Гренланд“, ќе изјави данскиот министер Расмусен по разговорите во Вашингтон . Излегувајќи од преговорите , министерката за надворешни работи на Гренланд , пред камерите, едвај задржувајќи ги солзите од огромниот психолошки притисок врз кој била изложена, ќе изјави дека она што се случувало последниве денови и на преговорите било „премногу за еден човек“.
И како и секогаш во меѓународната политика, малата држава, во случајов Данска, се повикува на меѓународното право. Но, тоа е рецепт за пропаст ако остане само на тоа зашто „сила Бога не моли“, а камоли меѓународно право. Конечно, Трамп се изјасни прецизно што мисли за меѓународното право. Оттаму и повикот на претставниците на Данска и на Гренланд за продолжување на преговорите до изнаоѓање на некакво компромисно дипломатско решение.
Ако „Левијатанот“(САД) не ја смени одлуката да го „земе“ Гренланд, нема добар избор за Данска,туку само лоши и помалку лоши.Малите држави како нашата треба со отворени очи да гледаат што ги чека во светот на Хобс каков што е денешниов.
Ако пак, запоставувајќи ја дипломатијата и инсистирајќи само на правото, дозволат да западнеме во некаква криза, да се спремат за „време за плачење“.






