Европа бара дијалог со Русија, Канада во стратешко парнерство со Кина
Денко Малески

НАТО сојузниците постепено се освестуваат. Почнуваат да разбираат дека политиките на новата американска администрација не можат да се заобиколуваат со задоволувањето на егото на американскиот претседател Доналд Трамп. Освен што изгубија од достоинството, ласкањето на Макрон, Стармер, или несреќниот Марк Руте кој го нарече Трамп big daddy, никаде не ги одведе. Седумте џуџиња, како што американскиот печат ги нарече европските лидери седнати околу масата во Белата куќа, со „шефот“ кој ја презира нивната слабост и снисходливост, ќе мора да се погрижат за своите држави и народи. Ќе мора, конечно, да се соочат со политиките на Трамп кој е непоколеблив кога станува збор за интересите на Америка, онака како што ги разбира тој – трансакциски. Америка на прво место значи токму тоа – Америка на прво место. А сојузниците? Па нека нивните политичари ги стават своите држави на прво место и нека видат како е да му се спротиставиш на економскиот и воен колос, е логиката на американскиот претседател.
Овој јануари 2026, неколку сојузници од НАТО навестија дека ќе бараат чаре за своите проблеми и на друго место, а не само во Вашингтон. Притиснат од економските санкции на Вашингтон, канадскиот премиер Марк Карнеј отпатува во Кина за да склучи договор за стратешко партнерство со Си Џинпинг. Со договорот доминираат темите од областа на економијата и трговијата, енергијата и чистата технологија, поддршка на мултилатералните организации како ОН, јавната безбедност поврзана со сјабер криминалот, дрогата и перење пари, како и развој на културните врски и туризмот меѓу двете земји. Критичарите на овој договор велат дека со вакво отворање кон еден автократски режим, Канада ги поткопува темелите на западното партнерство и на НАТО. Меѓутоа, Канаѓаните знаат подобро и нема да јурнат во конфронтација со Америка. Кога го прашале премиерот на Канада Лестер Пирсон некаде во шеесеттите, како е да си сосед со таков џин како Америка, тој одговорил дека тоа е како да легнуваш во кревет секоја вечер со слон – мораш да внимаваш цела ноќ како се превртува за да не те згмечи. Во таа смисла, иако новите односи со Кина се важен чекор на отпор кон намерите на Трамп да ја присоединие Канада на САД и да ја „дисциплинира“ со економски санкции, Отава ќе биде крајно внимателна да не ја повтори украинската приказна со Русија.
Јануари 2026 ќе биде обележан и по изјавата на Мерц, Макрон и Мелони ( но не и Стармер) дека треба да се отвори дијалог со Путин за иднината на европскиот континет. Тоа е „правата работа“затоа што светот се тетерави на работ на нуклеарна војна. Сега по повлекувањето на Америка, Европа мора да престане со провокациите длабоко на територијата на Русија и да отвори дијалог за идната заедничка безбедносна структура на континентот, кој ја вклучува и Русија. Заедно со обновувањето на економската и трговската соработка со земја од која Западот добиваше ефтини суровини и енергија, новата европска политика ќе биде од корист за сите. Воените хушкачи проценуваат дека нема од што да се плашиме: дури и Москва да одговори со нуклеарно оружје на европските провокации, Америка нема да влезе во Трета светска војна. Ова е, веројатно, точно. Меѓутоа, никој не може со сигурност да предвиди како би се одвивало едно вакво пеколно сценарио во кое би изгинале милиони луѓе и нема ли Америка да биде вовлечена во тепачката. Не знам како ќе изгледа Трета светска војна, рекол Ајнштајн, но знам дека Четвртата ќе се води со камења и стапови.




