Еуростандард банка не пропадна, беше егзикутирана од државата

Почитувани читатели, изминаа полни 5,5 години од носењето на Еуростандард банка во стечај. Неправедниот и неморален чин свесно беше направен од криминогените структури во земјава.

Егзекутор беше Екс-гувернерката Анета Бежоска, човек на одговорна функција гувернер без никакви вистински познавања на макро и микро економскиот систем за функционалност на државата, посебно на банкарскиот сектор.

Госпоѓата Бежоска беше избрана за гувернер токму од криминогените структури кои ја поставија само со една цел, да ги легализира нивните криминогени амбиции. Македонската држава е заложник на криминалот и корупцијата!

Факт е, дека денес после 5,5 години, во во стечајната маса сѐ уште се прибираат финансиски средства, иако (со мал исклучок) во проценти изразено помалку од 1 % се исплатени сите физички и правни клиенти на Еуростандард банка.

Очигледно е дека криминогените структури се неприкосновени владетели, независно која политичка партија ја води државата. И покрај сите влади, криминалот сѐ уште е недопирлив.

Убиството на Еуростандард банка се случи за време на владеењето на СДСМ и ДУИ.

Денес на власт се тогашните опозиционери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, меѓутоа повеќе од очигледно е дека ниту еден политички субјект нема намера да се справи со организираниот криминал и корупција во нашата земја. Всушност, убиството на Еуростандард банка е причина на нов политички субјект.

 

Ќе звучи недолично, меѓутоа повеќе од евидентно е дека сите политички партии на власт и опозицијата се купени од организираниот криминал. Криминалците се заштитени. Ги чуваат како свои патрони ( а всушност се полтрони), бидејќи како партии финансиски се зависни од моќта на парите и желбата за лично богатење.

Со еден збор, сите политички партии одат на „баци рака” кај криминогениот систем кој веќе со години владее во Македонија. Мојот горлив заклучок за политичката зависност од криминогените структури е реално, а еве и зошто!

За време на владеењето на СДСМ и ДУИ, правниот систем беше комплетно окупиран и ставен во служба на политичките партии кои во основа го штитеа организираниот криминал и корупција.

Јавноста знае дека криминалот и корупцијата значат напад на туѓ имот со цел присвојување, крадење или уништување.

Во времето на бившата власт, сите институционални врати (судство, обвинителство, полиција и Народна банка) ми беа затворени. Со тогашната влада не сакав ни да комуницирам, бидејќи повеќе од јасно беше дека поранешниот премиер ,,господинот” Заев, беше соучесник во убиството на мојата банка. Неговите пријатели од стопанскиот сектор, а јас би додал и криминалниот, беа внесени во банката преку (не)луѓето во кои имав голема доверба.

И покрај злото кое ми го нанесе ,,господинот” Заев, со неговата пајташка полтронерија, сепак не дозволив банката да банкротира. Направив дополнителна докапитализација со блиску 14 милиони евра , на само 5 месеци пред носењето на банката во стечај.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН е повеќе од 1,5 година на власт. Најавија вистинска борба против организираниот криминал и корупција при што ја имаат

2 / 2

мојата целосна поддршка како човек. За жал, сѐ уште не испорачаа ништо на тоа поле. Најболното е тоа што и со оваа влада, во сите институции вклучително и Народна банка, вратите за мене сѐ уште се затворени.

Во владата на Мицковски 1,5 година барам прием. За жал до денес не е остварен. Кај новиот гувернер на Народна банка, господинот Славевски исто така 6 месеци барам прием, меѓутоа и тука вратите не ми се отворени.

Ако најсилните структури во државата не покажуваат ниту трошка интерес за решавањето на овој мој проблем, тогаш повеќе од јасно е дека мојата држава, мојата Македонија се движи во бездна. Мојот проблем е наш проблем зашто сите страдаме.

Државен систем кој го закопува во земја направениот злостор на поединци и групи без трошка одговорност да се помогне во неговото решавање, укажува на систем каде владеат анархија и беззаконие.

Јас сум обичен граѓанин во мојата татковина. Зад мене има многу дела од сите области на нашето живеење кадешто сум се појавувал како поддржувач, ктирор или хуманист.

Денес имам повеќе од 350 награди , благодарници, пофалници, добиени од највисоки државни и верски институции, институции кои се бават со спорт, уметност и култура.

Полни 5,5 години се води истрага против мене во мојата сакана татковина, каде имотот ми е замрзнат и не смеам ниту да го стопанисувам, ниту да го отуѓам

За овие 5,5 години изгубив имот вреден повеќе од 100 милиони евра поради фактот што преку државниот систем организираниот криминал реши да ме убие, физички не, ама финансиски секако. За жал, Убиството на Еуростандард банка е огледало на заробена држава, убиство на правдата!

 

Го живеам животот во саканата Македонија верувајќи дека правдата ќе дојде. Веќе 5,5 години сум во фаза на одбрана на моето учество во стечајот на Еуростандард банка. Се чувствувам како ликот на Јозеф К. во романот ,,Процес” на Кафка. Без завршница на овој обвинителен процес, не можам да покренам никакви постапки за надокнадување на украденото, мое лично богатство, стекнато на чесен начин во мојата држава.

Држава, која својот чесен сограѓанин го третира како мета за крадење, е жална држава.

Ако политичка партија е решение за промена на нештата во мојата татковина и тоа е единствениот ринг во мојата борба, тогаш најавувам нов политички субјект кој нема да сее меѓунационална омраза, туку ќе понуди здрав приод и акција за уништување на организираниот криминал и корупција во земјата. Истовремено ќе понуди вистински проект за стопански развој на нашата татковина за нејзино идно членство во ЕУ , ама како вистински партнер.

Коленичење пред европските институции ќе го замениме со предлог-проекти кои ќе бидат во заеднички интерес за севкупниот развој на ЕУ заедницата и Македонија.

Со господ напред и поддршка од моите чесни сограѓани ќе успееме, ако сакаме и ако сме одлучни. Македонската држава не смее да биде заложник на криминалот и корупцијата.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close