Да не нè залажува говорот на Марко Рубио
Денко Малески
Ноторен е фактот дека најлош период во животот на малите држави е кога е во тек редистрибуција на моќта помеѓу големите сили во меѓународниот систем. „На кое царство да му се приклониме“, е традиционалната дилема со која се соочувал и Макијавели како министер за надворешни работи на малата Фиренца, за да не звршат со победнички непријателски војски под своите ѕидини.

Нашиот премиер и министерот за надворешни работи не треба да ги залажува дипломатскиот говор на американскиот државен секретар Марко Рубио кој дошол во Минхен со задача да ги смири европејците. Многу поважно е да се потсетат на новата безбедносна стратегија на САД во која Русија не е обележана како непријател на Америка и да видат во содржината кое е местото на Европа на листата на пријатели. Силен транс-атлантски сојуз во кој, за Европа, Русија е главниот непријател кој мора да се порази во војната во Украина а за Америка е пријател со кој треба да се склучи мир и да се соработува, не е можен на подолг рок. Откажувајќи се од традиционалното водство на НАТО од страна на актуелен американски претседател, организација во која волјата на Америка секогаш била волјата на алијансата, Трамп само го поттикна распадот на транс-атлантскиот сојуз.
Неговата слабост да ги „построи“ сојузниците и да им го покаже патот кон мирот, е производ и на внатрешната опозиција во Америка: воено-индустрискиот комплекс и известителните служби, но и јавното мислење кои не прифаќаат дека Америка е империја во економско опаѓање и дека новото време наложува да се земат предвид безбедносните грижи на другите нуклеарни сили.Ситуацијата е многу сложена и многу опасна.
Нашите политичари одговорни за надворешната политика, бргу да ја симнат насмевката од своето лице и сериозно да се загрижат над иднината на државата. Уште од времето на инаогурацијата на старо-новиот американски претседател Трамп на која, според зборовите на премиерот, Македонија била „во првите редови“ на прославата, никако да разберам на што се радува. Знаејќи за новата редистрибуција на светската моќ од еден центар во барем три, не е можно никој да не му шепнал дека се тоа најопасните времиња за малите држави. Дека исчезна предвидливоста која го красеше униполарниот момент, со една сила Америка, како неприкосновен либерален хегемон. Тоа, да ве потсетам, беа убавите времиња кога Македонија, поддржана од големата сила, на мирен начин, ја стекна својата независност. Но, ова се некои други времиња, опасни за сите а особено за малите држави.
Пред нас се отвора еден нов свет, но сите ние во Европа сме свртени со погледот назад, кон светот кој веќе го нема. Бараме Америка да ни го покаже патот, зашто сме заборавиле самите стратешки да мислиме. Најавувајќи го „21 век како век на понижување на Европа“ Унгарецот Виктор Орбан вели дека неговата земја, како докажан пријател на американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде „на главната улица на историјата“ додека останатите европски политичари „ќе скитаат по споредните улици“. Унгарија на „главната улица на историјата“ во понижена Европа?
Учествувајќи на 62 Минхенска безбедносна конференција, македонскиот премиер, со сличен оптимизам и верба во администрацијата на Трамп, ќе објави на фејсбук:„Морам да потенцирам дека пораките на американскиот државен секретар Марко РУбио се јасен сигнал за сите сојузници -светот веќе не функционира по старите правила, а иднината ќе ја градиме преку сериозност и взаемно почитување. САД и Европа остануваат нераскинливо поврзани а како влада продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците да ја модернизираме одбраната и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани“. Па новите правила се лоши за малите држави а транс-атлантскиот сојуз е во страшна криза. Тогаш, на што се базира овој оптимизам? Типично за Балканот: извира од самиот себе.Добро, ние и онака сме премали за да влијаеме врз светските процеси. Но има и нешто врз што можеме да влијаеме, а не го чиниме тоа. Има: преговори за членство во ЕУ. Прес службата на владата информира дека, на средбите на Конференцијата, Мицковски ја реафирмирал определбата на Македонија за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања. Прашувам странски дипломат акредитиран во Скопје за активностите на американската амбасада во насока на македонската интеграција во ЕУ. Нема таква активност, вели. Прашувам дали некоја од европските големи сили ја превзела обврската да не турка напред. Одговорот е – не. Како да сакаше да каже нешто што дипломатскиот протокол не го дозволува: Зарем не разбирате дека светот не е тој од вчера, дека сте оставени самите на себе?Дека никого во ЕУ вистински не го интересира што вие мислите за „поредвидливиот“ или „неоредвидливиот“ процес на интеграција? Зарем не разбирате дека светот се тетерави на работ од светска нуклеарна војна?





