Нострадамус

Почитувани читатели, дојдовме до дереџе да се потпираме на пророштвата како наше секојдневие. Кога пророштвата стануваат реалност, светот е во хаос, а правдата во стечај.

За среќа, не секогаш пророштвата се остваруваат, но се случува да станат прецизно точни факти.

Во време кога не можеме да најдеме вистински одговор за така нареченото безредие во човечката цивилизација, се навраќаме на познатиот пророк Michel de Nostradame, познатиот лекар и видовит астролог Нострадамус, кој живеел во Франција, во првата половина на 16 век.

Го идентификуваат како човек со визија кој ја предвидел Француската револуција, освојувачките војни на Наполеон во почетокот на 19 век, фашизмот на Хитлер во средината на 20 век, како и 11- септемвриските напади на кулите во Њујорк на почетокот од овој век.

Во неговата печатена книга се наведени 942 пророштва. За периодот во кој што денес живееме, луѓето кои што веруваат во него ги идентификуваат како предвидени Руско-Украинската војна, глобалното затоплување на Земјината топка и пандемијата Ковид-19 која во многу нешта наликува на чумата која беснеела во светот за време на неговиот живот.

Почитувани читатели, неговите пророштва се засновано на лична перцепција, често двосмислени, метафорични, затскриени податоци со повеќеслојни толкувања, кои може да се толкуваат со доза на скепса од севкупното човештво на Земјината топка.

Цивилизациски напреднавме. Живееме во општества каде е подигнат животниот стандард на секој поединец на Земјината топка во споредба со времињата во кои живеел самиот Нострадамус.

Светот е изменет, меѓутоа човекот како поединец сѐ уште не успеал да се надгради и да го заузда својот животински нагон.

Интересот е вечен. Кога е во прашање интересот тогаш војните се клучниот синдром за негово остварување. Цената за воените интереси на мал грст поединци, ја плаќа севкупната светска заедница.

Упорно ја барам правдата за стечајот на Еуростандард банка во мојата Македонија.

Очигледно дека без разлика кој политички субјект владее во земјата сознанието дека имаме нефункционален правен систем е поразително. Се дозволува владеење на криминалот и корупција.

Имам чувство дека постои меѓупартиски договор меѓу власта и опозицијата за сокривање на направените злодела врз нас граѓаните на Република Македонија.

Не сум сам, за жал камшикот на криминалот и корупција го почувствувале многу мои сограѓани. За мене од неразбирливи причини сѐ уште се молчи.

Убеден сум дека Нострадамус нѐ прескокнал нас жителите на Република Македонија да влеземе во неговите пророштва.

Очигледно во мојата Македонија интересот е приоритет, ама не државен, туку личен. Кога интересот владее правдата исчезнува!

Полни 5,5 години се води истрага за мене поврзана со стечајот на Еуростандард банка. Мојот личен имот е замрзнат. Не можам ниту да го стопанисувам ниту да го отуѓам.

Го молам Основното Јавно обвинителство да ја прекине постапката и да ме однесе веднаш пред суд, бидејќи ваквиот чин ќе овозможи севкупната јавност во нашата татковина да се запознае со вистината врзана со стечајот на Еуростандард банка.

Не бегам од одговорност. Не трпам неправда и секогаш ќе останам во мојата борба за правда. Не прифаќам системски игри со кои се трудат да се затскрие вистината за извршеното злодело.

Почитувани читатели, јас ја барам правдата во мојата татковина. Се прашувам дали денеска светот се соочува со една неправда чии последици може да бидат фатални по целата светска заедница? Војната меѓу Русија и Украина влезе во нејзината 5-та година со нејасност како истата ќе биде завршена. Во светот се отворија нови жаришта на војна, кои даваат несигурност, во поглед на тоа какво општество се гради на светско ниво.

Војната во Газа меѓу Израел и Палестина заврши. Мирот меѓу Израел и Палестинците е насилен. Цената на оваа војна ја платија токму Палестинците со повеќе стотини илјади жртви, претежно жени и деца, со разурнати градови, села и инфраструктура низ целиот појас Газа.

Актуелниот претседател на Америка Трамп им вети на Палестинците дека Газа ќе ја претвори во прекрасно летувалиште. Убеден сум дека господинот Трамп ќе стои на својот збор и ќе отпочне со големи капитални инвестиции во овој регион. Дали ова ќе се случи?

Ако има интерес господинот Трамп и Соединетите Американски држави, тоа ќе биде реализирано, ама…..?

Веќе 9-ти ден се води војна меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга страна. Првите последици од оваа војна се недостатоци од нафтени и гасови енергенси, кои се произведуваа во овој регион. Цените на берзите на нафтата скокнаа и до 120 долари по барел.

Кои ќе бидат останатите последици од оваа тукушто започната војна на која не можеме да ѝ го видиме крајот?

Земјите од Персискиот залив, кои во себе имаат инсталирано сериозни капацитети за производство на енергенси и во последно време големи инвестиции во туризам денска, се соочуваат со нивниот натамошен опстанок.

Ако производството на енергенси се стабилизира по завршувањето на војната, бидете убедени дека туризмот никогаш повеќе нема да се врати на тоа ниво на кое што беше пред почетокот на војната.

Сите земји од Персискиот залив во областа на туризмот беа доживувани како најмирните дестинации за туристите од целиот свет. Кој е интересот на завојуваните страни во овој конфликт?

Убеден сум дека ниту Нострадамус не можел да предвиди вакви сценарија, иако и во неговите пророштва најавува нуклеарна војна меѓу големите светски сили. Пророштвата на Нострадамус сепак не се наша наметната судбина, изборот од нас зависи.

Дали светот е на работ со отпочнувањето на нова катастрофална нуклеарна војна?

Последиците од војната во Украина, Газа и денес на целиот Блиски Исток, вклучително и Иран, се далекусежни.

Дали мудроста ќе завладее во светот или и понатаму ќе живееме со пророштвата на Нострадамус, зависи од нас, а најмногу од лидерите на најголемите светски сили.

Моја лична порака до господинот Трамп е да го симне интересот од неговиот светоглед како доминантен и да почне да размислува со една хумана димензија, како на човештвото да му понуди иднина, бидејќи сите алатки кои се однесуваат на нашата иднина се во негови раце. Иднината не ја пишува Нострадамус, туку ние, луѓето.

Светот се наоѓа на крстопат, меѓу интерес и човечност. Нема да го спасат никакви пророштвата, туку правдата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close