Светот во пламен, дипломатијата во молк

Трифун Костовски

Светот вреска, дипломатијата молчи

Во центарот на светската јавност е војната, која се води меѓу Израел и САД од една страна и Иран од друга страна. Изминаа цели три недели од почетокот на конфликтот, за мене неразбирлив судир кој го донесе светот во катастрофална состојба со долгорочни последици. Поради прекинот на снабдувањето со базичните природни енергенси нафта и гас, ќе страдаме сите.

Цените за енергенсите веќе се покачија енормно високо. Тоа директно влијае врз животниот стандард на секој поединец ширум светот.

Животот станува сѐ потежок и поскап за секој поединец, а најсилните држави во светот, водени од сопствениот интерес, Макијавелистички продолжуваат кон целта.

Интересот е најсилниот мотив, а контролата на енергетските ресурси е најсилното оружје.

Контролата на овие ресурси од водечките светски сили дава огромна моќ. Секој човек е свесен дека напредокот на човештвото без природните енергетски ресурси е невозможен.

Денес, Руско -Украинската војна е ставена како второ степена по значење за светскиот мир, споредбено со војната која се води меѓу САД- Израел и Иран.

Очигледно е дека целокупната светска заедница во последниве неколку години е посветена на сопственото вооружување. И нашиот Балкан како таков не е поштеден од можната ескалација на воените дејствија.

Се случуваат воени сојузи меѓу балкански држави како Хрватска-Албанија и Косово. Србија со засилено темпо го зголемува вооружувањето, бидејќи се чувствува загрозена од ваквиот воен сојуз. Дополнително се остри и соседна Бугарија , која не ги крие своите амбиции кон нашата Македонија и дел од Србија, како резултат на нивната болна амбиција за Голема бугарска држава.

Соседна Грција мудро молчи. Словенија, како бивша ЈУ република се чувствува одвоено од целиот Балкан и посветена е на себеси како членка на Европската Унија.

Очигледно е дека историјата не ни служи како предмет од кој модерниот свет треба да влече поуки.

Во сенка на војните исчезнува дипломатијата.

Денес дипломатијата е тотално маргинализирана. Нема ниту една држава во светот која не полага сериозна посветеност во изградба на дипломатскиот кадар во сопствената држава.

Мирот и примирјето се стекнуваат само преку дипломатијата, која денес е исклучително потребна.

Првиот дипломатски чин меѓу две завојувани страни датира од 1259 година пред новата ера, кога завојуваните држави Египет и Хетити потпишале примирје.

Говорам за две силни непријателски држави, кои во тие дамнешни времиња сфатиле дека војната не носи добро, туку напротив само беда и крвопролевање.

Со ова примирје двете држави не станале пријатели, туку напротив ги создале условите за својот натамошен цивилизациски развој. Геополитичкиот интерес без дипломатија води кон глобална нестабилност

Денес се водат две сериозни војни со сериозни последици за човештвото.

Руско-Украинската војна веќе влегува во нејзината 5та година. Украина како самостојна држава нема да можеше да ја издржи толку долго оваа војна ако не беше поддржана од ЕУ и САД.

Дипломатијата за решавање на овој случај е закопана. Сведоци сме дека актуелниот претседател на Украина близок пријател на ЕУ и САД, господинот Зеленски и натаму бара силна финансиска и вооружена поддршка од ЕУ заедницата и САД.

Оваа силна финансиска поддршка ја плаќаат граѓаните на ЕУ и САД. Со вакви финансиски средства, кои се трошат за воени цели, животот на граѓаните кај овие две светски веле- сили би бил многу посигурен, побогат и подостоинствен.

Зошто дипломатијата за оваа војна е закочена?

Штета што најголемиот Египетски фараон Рамзес Втори не оставил запис со кој би им советувал на светските лидери дека мирот е најсилниот сегмент за наше опстојување. Нема посилен интерес за секој поединец на Земјината топка од МИРОТ. Интересот на светските веле-сили е само грдата слика која ја плаќаме ние граѓаните на Земјата.

Во Израелско –Иранската војна победник нема да има и убеден сум дека во најблизок временски период мора да седнат на маса лидерите на овие две земји за да го донесат мирот не само во регионот каде денеска е нарушен мирот на жителите, туку на целата светска заедница.

Во овие две војни кои се водат денеска на европскиот и азискиот континент имаме комплетно различен вид на достоинство.

Украина коленичи, барајќи помош од нејзините подржувачи. Во Израелско-Иранската војна, Израел ја има целата поддршка од најмоќната сила САД, додека Иран ја води својата војна достоинствено, не барајќи помош од никого. Зошто да не го почитуваме достоинството на овој народ, народ со една од најбогатите истории во светот?

Развиениот демократски свет бара фундаментални измени во функционалноста на оваа држава Иран.

Во Руско-Украинската војна Русија се третира денес како агресор, додека во Израелско-Иранската војна државата Израел која ја започна оваа војна светот денеска ја доживува како војна за одбрана на сопствената држава. Многу нелогичности…

Нашиот Балкан исто така влегува во мапата на така-наречени можни воени настани.

Почитувани читатели, дали сме спремни да ја вратиме дипломатијата како единствен чинител кој може да ни донесе мир во светот?

Моја порака до сите завојувани страни во светот и до земјите кои се спремаат за нови војни на Балканот и светот е само една: „дајте ни го мирот, дајте ни можност својот живот да го поминеме достоинствено и убаво”.

Кога интересот го победува мирот, војната ескалира без никаква стратегија.

Дипломатијата мора да се врати на највисоко ниво, а за нејзиното враќање одлучуваат денешните светски лидери Трамп, Путин, Си Ѓинпинг, Самер, Макрон, Мерц и други.

„Светски лидери разбудете се, дајте место на дипломатијата, мирот не е слабост, туку сила”!

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close