До кога?
Почитувани читатели, ја почнувам денешната колумна посветена на Еуростандард банка, со реторското прашање ,,до кога” ,во надеж дека нема да остане само реторика. Мислам дека речиси сите си го поставуваме ова прашање ,,до кога”. Во текстов се осврнувам на нашето системско минирање на правдата и законот со неказнивоста за сторените дела против граѓаните или на нивна штета, коешто станува наше секојдневие.
Старата македонска мудрост вели: „кучињата лаат, караванот си врви”. Но како и каде врви? Токму оваа мудрост ме поттикна да пишувам и укажувам за последиците, коишто таквата долгогодишна пракса на хронична неодговорност го дотурка караванот на безумие од каде веќе ништо не врви како што треба. Мораме еднаш да пресечеме и да не дозволуваме казнивоста да се заменува со неказнивост. За неполни месец дена сметајќи од денес, актуелниот гувернер Бежоска си заминува од функцијата Гувернер. За нејзиното сторено (не)дело, а тоа е стечајот на Еуростандард банка, сѐ уште нема никаква истрага, а уште помалку истата да биде казнета. Госпоѓата Бежоска со умисла прескокнуваше инструменти кои ѝ беа на располагање за да ја стабилизира банката. Вонредни мерки и администрација беа нужни и возможни за стабилизирање на банката.
Кога сите правни и физички лица, клиенти на банката се или ќе бидат целосно обештетени, повеќе од јасно е дека банката не смеела да се носи во стечај. Злото кое што госпоѓата Бежоска го нанесе на Еуростандард банката, на нејзините клиенти, вработените и акционерите, е со страшни последици за кои што таа сѐ уште не чувствува никаква одговорност. Згора на тоа, системот во државата сѐ уште молчи. Јавноста мора да знае дека со стечајот на Еуростандард банка се турна во безизлезна состојба и Македонски пошти.
Македонски пошти, истиот момент кога се однесе Еуростандард банка во стечај, изгуби 80.000 пензионери, нејзини клиенти. Од договорот што беше потпишан на 20 години соработка меѓу Еуростандард банка и Македонски пошти со филијалите на Македонски пошти низ Македонија, оваа институција изгуби 7 милиони евра приход на годишно ниво. Очигледно е дека Македонски пошти, да не беа под државната капа, одамна ќе беа однесени во стечај.
Еуростандард банка преку филијалите на Македонски пошти обавуваше блиску 25 % платен промет на месечно и годишно ниво.
До кога неказнивоста ќе биде кај нас реалност? Госпоѓата Бежоска, со својата актуелна професионална биографија, го завршува мандатот како успешен Гувернер. Со својата,,богата” Curriculum vitae убеден сум дека ќе најде место за себе во некоја од светските финансисики институции. До кога вака?
Дали треба да молчиме за овој безобразен начин на градење кариера без да длабоко да се запрашаме за какви личности се работи? Тоа се личности кои оставаат големи штети при извршувањето на својата функција. Животите на илјадници семејства зависат од еден таков несоодветен лик ставен на битна функција.
Нема да замолчам. Госпоѓа Бежоска мора да се соочи со правдата.
Ќе ми дозволите на крајот да се осврнам за т.н. банкарското лоби во Република Македонија.
Во банкарскиот систем во Македонија и нејзината структура, постојат тела кои во основа треба да го контролираат севкупното банкарско работење во државата.
Еуростандард банка е единствена банка за која во јавноста владее мислење дека е однесена во стечај со умисла. Фактот дека се обештетени сите правни и физички лица е несоборлив доказ. Како може банкарската фела да молчи цели 5 години? Постои ли системски соучесник во носењето на Еуростандард банка во стечај? Дали на банкарската фела им пречеше фактот што Еуростандард банка беше единствената банка како green field инвестиција со свеж капитал? Дали на банкарската фела им пречеше фактот што заедно со Македонски пошти остваруваа приходи од извршените трансакции при платежниот промет во Македонија од цирка 25%?
Повеќе од јасно е дека главните играчи во банкарскиот систем во Македонија се директно или индиректно вмешани во стечајот на Еуростандард банка, сторен од Народна банка.
Институциите на прогонот мора да го расчистат овој случај. За тоа е потребно ресетирање не само на државните институции како Судски совет и Јавното обвинителство, туку и ресетирање на целиот банкарски систем во Македонија.
За направената неправда врз своите членови на банкарскиот систем, банкарската фела не смее да молчи.
Неизвесно е до кога ќе се молчи и заташкува, но извесно е дека јас продолжувам да се борам во име на правдата.
Трифун Костовски