Другари – Таки


Почитувани читатели, во викенд колумните кои ќе следуваат ќе се потрудам да ги претставам пред вас другарите, кои денес ги имам крај себе како дел од моето секојдневие, со цел да ги доближам впечатоците до вас.
Убеден сум дека секој од вас чува свој драгоцен споменар во дамарите на потсвеста за изминатите животни искуства. Моите другари како индивидуи оставаат посебен печат со многу живописни настани и доживувања . Денес ќе пишувам за мојот другар Таки-Димитар Бојаџиоски, професор во пензија, кој цел живот го помина едуцирајќи млади поколенија на Економскиот факултет при УКИМ. Најимпресивното кај него е, што иако е антиталент за било кој спорт, нема спорт кој не го доживува и не го сака. Едноставно, тој е добриот дух на спортскиот дух, метафора за вљубеникот во сите спортски дисциплини. За Таки важи синтагмата кога е во прашање меѓучовечка пресметка „ имаме ум, имаме збор, мудроста треба да надвладее, а не ситните пориви во нас луѓето.„
Таки се досели во Скопје од прекрасното Крушево во првата декада од неговиот живот и беше исклучително посветен на учењето. Немаше шанси тој да не биде спремен на часовите од било кој предмет или пак не дај Боже да не напише домашна задача. Најтешко нешто беше да препишеме писмена задача од него. Тврд пазар.
Ние другарите од класот, иако знаевме дека Таки задолжително имаше домашна задача, не препишувавме од него, бидејќи беше невозможна мисија. Таки наместо ракопис имаше ногопис, апсолутно нечитлив. Единственото нешто во животот што Таки не го промени е неговиот ракопис и ден денес умеам да кажам дека тој пишува со нозе. Со неговиот баршунаст глас беше најделикатниот наш соученик, кога требаше некој од нас другарите да одговара, а тој да поткажува како суфлер во театар. Неговото поткажување звучеше како ехо од буре кое можеше да се слушне и во соседните училници. Таки вообичаено седеше во клупа со мојот другар Буцо, кој повеќе милуваше да игра фудбал и фанта на улица отколку да чита книги и честопати беше фатен неспремен да одговара на час прозван од професорот. Ми остана во длабоко сеќавање како оваа двојка која делеше клупа, Таки и Буцо, меѓусебе комуницираа. Таки како од пушка спремен да одговори на секое прашање, а Буцо така-така. На час по географија станува Буцо да одговара за дините низ пустините во светот. Станувајќи стилски забавено бараше начин Таки да му поткажува. Епилогот беше гласовит – сите слушавме како Таки поткажува, вклучително и професорката од која неколкупати беше опоменуван да престане. Во занес, Таки гласно викна: „Буцо дините се во Сахара„ , на што Буцо така шеретски и на цел глас му одговори: „па знам бе Таки, ама тука треба да објаснам до која висина стигнуваат тие дини и колку брзо тие се менуваат…” , на што Таки гласно и најодговорно прокоментира: „Професорке тој е по спортот, само да знаете како игра фудбал!„
Инаку, мојот другар Таки ми е старосват. Во сиот изминат живот на нашето другарување владее силна почит и љубов, честа размена на мислења од многу сфери на нашето живеење, вклучително и политиката. Таки беше долгогодишен член на Одборот за ревизија на Еуростандард банка и во последната година пред обзнанувањето на стечајот на Еуростандард банка беше Претседател на Надзорниот одбор и ВД Генерален Директор. Тој Беше единствениот кој ми говореше за аномалиите во работењето на банката. Со неговата професионалност и човечност бевме одлучни да ја спасиме банката. Не успеавме, ама со тоа не престанавме да бидеме другари иако фирмата која е водена од неговиот син Тасе има сериозна сума пари заробени во банката. Во ниеден момент не ме осуди,бидејќи штетата е секако веќе направена.
Почитувани читатели, Таки можеби ќе ми се лути што пишувам за него, бидејќи е човек кој не сака да се зборува за него. Неговата големина како човек допира до степен на неверојатност, натчовечност. Свесен е за периодот кој го минувам после стечајот на Еуростандард банка. Свесен е и за последиците кој овој стечај ги нанесе на многу правни и физички лица, свесен е дека живееме во општество каде довербата е многу разнишана, велејќи ми дека не треба да пишувам за себе и за моето минато имајќи во предвид дека многу коминтенти на банката сум ги оштетил. Прв пат го почувствував дека е горд на мојата храброст да истрајам во оваа моја битка, упатувајќи ми само другарски замерки да внимавам на себе и на своето семејство. Ете такви се вистинските пријатели од детство, со тебе и кога си угоре и кога си удолу. Всушност мојот вистински вреден капитал се љубовта и почитта кои ги уживам од моите пријатели.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close