Каде оди овој брод?

Не е претерано да се каже дека оставката на Заев не ја потресе, па и шокираше, само македонската, домашна јавност – дури и овдешната опозиција се најде затечена, покрај тоа што таа е традиционално „увреѓена и изненаѓена“ – туку нејзините одеци во регионот, па и во Европската Унија, се значителни.

Од интензитетот на неделниве активности и средби во Владата, што малку наликуваа и на македонска битова драма, до викендов е за очекување таму да финишира процесот на меѓупартиско консолидирање по оставката на Заев. Би било во рамките на политичката пристојност во текот на идната недела демисијата да се поднесе и во Собранието, па „дебатата“ за името на новиот/та мандатар/ка да се пресели во СДСМ. Во тајмингот на собраниските рокови за изгласување нова влада, владејачката партија треба, во наредните десетина дена, да излезе со јасна понуда за името на премиерскиот наследник на Заев.

Во самиот СДСМ ќе треба да решат дали новиот мандатар ќе биде и тој/таа што ќе ја предводи и партијата по Заев, но тоа за македонската јавност е помалку битно, бидејќи комплексноста на нивните партиски кујни, дворски игри и фракциски конфронтации никогаш не треба да се потцени, особено кога лидерот, по своја волја, заминува на долгорочно „мешање ајвар“. Дали изборот на наследникот ќе се одвива на плебисцитарен партиски конгрес на кој ќе гласа целото нивно членство – уште едно нешто по што ќе остане Заев запаметен во македонската (партиска) историја – ќе треба да се види, иако тоа им стои во Статутот. А и тоа дали таа евентуална внатрепартиска изборна трка ќе се води помеѓу повеќе кандидати. Од кои едниот, на пример, би бил Чак Норис, како контра-тежа на Б.Ц.

Како и да е, јасно е дека Заев нема да биде на извршното чело на државата кон средината на декември, кога Софија ќе одлучува „какво става“ со прашањето за продолжувањето на македонската интеграција во ЕУ. Колку што успевам да следам, во бугарската јавност (повремено со триумфализам – што би рекол, во сличен самозадоволен контекст, еден легендарен балкански лузер каков што е Шешељ: „Така завршуваат слугите на Западот!“) е јасен впечатокот дека тие одиграа една од поважните улоги во падот на Заев. Истиот впечаток се споделува и во Брисел, иако е за очекување и ова лицемерие европејците брзо да го „преболат“.

Но, меѓународниот притисок врз Бугарија не е намален. Сигналите од македонската опозиција за намерата, во догледен рок, да ги поништат договорите со Грција и Бугарија се практично и политички јасно испратени, поддржани од голем број македонски гласачи на локалните избори. Климата за затегнување на односите со соседите од „груевистички тип“ – многу проевропско и прозападно блаблабла, со практична изолација на земјата од западната меѓународна заедница (минус источно-западниот Орбан) – овде е веќе растечка. На оние кои се грижат за регионалните безбедносно-политички аспекти, со ескалирањето на нестабилноста во БиХ, на Косово, а до некаде и во Црна Гора, сега им е појасно значењето на претходните предупредувања дека Бугарија „мора да испорача“.

 

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close