Порив за самоуништување

Имам чувство дека очајно се обидуваат да ги прикријат трагите на својот криминал, дури и по цена на распаѓање на нашата држава.

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на Еуростандард банка, сакам да го споделам со вас мојот личен впечаток, кој што полека но сигурно длабоко се врежува во мојата свест.

Ова е веќе сѐ поочигледен синдром, така наречениот синдром на себеуништување, свои против своето.

Еуростандард банка беше формирана во 2001 година, кога не се знаеше иднината на нашата татковина, бидејќи се водеше војна. Одлуката за ваква инвестиција беше и порив да го покажам пред себеси и јавноста својот патриотски однос, родољубивите чувства кон татковината. Донесов свеж капитал во банката. Можеби беше единствена банка во Република Македонија формирана токму со свеж капитал. Имав мисија со банката. Сакав да покажам пред јавноста, и во Македонија и надвор од неа, дека мојата татковина е отворена за странски инвестиции, очекувајќи дека после војната во 2001 година нештата врзани околу функционалноста на нашата држава ќе се средат.

Демократијата сама по себе е борба во која треба да победи партијата која нуди посилен и побрз развој на земјата, како и поквалитетен и силен стандард на граѓаните. Борбата за власт е синоним меѓу партиите, учесници во изборните циклуси. Некогаш важеше правилото дека партиите се борат за власт и пари. Денес, особено во изминатите скоро две децении, очигледно е дека партиите во сите изборни циклуси на локално и централно ниво се борат првенствено за пари, а преку парите за власт.

Без лажна скромност, за себе можам да кажам дека сум хуман човек и човекољубец. Секогаш сум бил спремен да помогнам без двоумење кога е во прашање човекот како поединец, како и во сите сфери на нашиот општествен и социјален живот

Јавноста ме доживува како најголемиот донатор во нашата самостојна Република Македонија. Очигледно е дека мислењето на јавноста не допира до креаторите на организираниот криминал кои што денес владеат во Република Македонија, партиски распоредени во сите институции на системот. За нив мојата хуманост е небитна. Битно е да си го истуркаат и заташкаат криминалот врз туѓ грб.

Чувството дека се трудат да ги покријат трагите на својот криминал дури и по цена за распад на нашата држава е сѐ посилно. Се надевам со тек на времето ќе биде и докажано.

Организаторите на организираниот криминал се моќни поединци и групи кои зад себе имаат армија на послушници кои што мораат секојдневно да ги исполнуваат наредбите и желбите на своите претпоставени, газди на нивните продадени души.

Социјалните мрежи, кои што се наша неминовност, се алатки преку кои се обзнануваат вистини и лаги за многу нешта од нашето секојдневие. На социјалните мрежи влегов токму пред 50 месеци. Целта ми е единствена, да ја докажам вистината за стечајот на Еуростандард банка, која силно ме погоди како човек. Не можам, не сакам да го разберам поривот на поединци и групи кои од петтни жили се трудат да ме сместат во друштвото на криминалци. А впрочем тие се криминалците! Не сум и никогаш нема да станам криминалец, да се приклучам на големата криминална банда без мрвка совест.

Упорно се борам со таканаречените ботови, лажни профили на поединци и групи на социјалните мрежи, зад кои што стојат луѓе со поматени умови. Ќе се потрудам да ви доловам, преку примери од комуникацијата со мои сограѓани, кои што очигледно живеат надвор од реалниот свет, без суштинско познавање на основните принципи како функционира општеството.

Во недостиг на аргументи, ме обвинуваат дека сум ги ограбил: Технометал-Вардар, Порцеланка-Велес, Силика –Гостивар и многу други правни субјекти со кои што сум имал соработка или сум бил вработен во нив.

Како може да се ограби еден Технометал-Вардар, кога не сум бил на врвна позиција? Никогаш во мојот работен стаж во Технометал-Македонија, а потоа Технометал-Вардар, не сум имал допир со финансии. Бев испратен како делегат во Варшава, како втор човек, без да имам контакт со финансиите на тоа претставништво. Обвинувањата се чисти лаги и манипулации, на злобни луѓе со заматени умови кои што од неукост и злоба мислат дека парите во Технометал се држеле во сеф или во некоја канцеларија.

Голема група на мои сограѓани ме осудуваат дека сум бил виновен за пропаѓањето на Порцеланка-Велес. Порцеланка-Велес ја преземав под моја контрола по желба на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, кога Порцеланка години наназад не работеше и имаше проблем со вработените за неисплатени лични доходи. Кога ја преземав Порцеланка беше руина со уништена опрема, уништени градежни објекти и хали. Како може некој да ме обвинува дека јас сум украл од Порцеланка кога јас донесов нова свежа инвестиција од 8 милиони евра? Започнавме ново производство на плочки со многу висок квалитет, меѓутоа светската криза од 2007 година си го наплати данокот, кога некретнините и градежната оператива беа тотално урнисани.

Владата на Груевски со прст не мрдна да ја спаси оваа фабрика. Предложив концепт до Груевски и Министерот Јанакиевски да инвестирам во еден крак на гасоводот од СВ.Николе до Велешката индустриска зона, бидејќи енергенсот беше најклучниот фактор во самото производство на плочките и дефинитивно за опстанокот на фабриката. Бев одбиен со неразбирлив коментар кој гласеше: „зарем на Трифун ќе му дозволиме да се богати?”

Случајот со ,,Силика” е жалосен, дури и смешен. Во мојата изградба како стопанственик, ,,Силика” има најклучно значење во мојата кариера. Бев посветен на огноотпорната индустрија во ,,Технометал-Вардар”, а преку продажбата на овој огноотпорен материјал влегов во контакти со клучни луѓе кои работеа во црната, обоената металургија, цементната индустрија и косарите низ светот. ,,Силика”е мојот учител низ професионалниот развој.

Ме напаѓаат луѓе од тој крај дека сум бил еден од актерите кои ја уништил ,,Силика-Гостивар”. Луѓе кои што ја познаваат историјата на ,,Силика-Гостивар” знаат дека во времето на мојот делегатски статус во Варшава, Полска, ,,Силика” ги доживеа најубавите моменти од нејзиното постоење.

Цела деценија продавав кокс на ,,Силика” за коксарите низ Полска. Основната суровина на оваа коксна силика е кварцитот, по потекло од Струшкиот регион.

Денес вградената коксна силика низ коксарите во Полска сѐ уште е функционална во производството на цирка 20 милиони тони производство на кокс во текот на годината. Замислете производот на силика сѐ уште е во функција, а ,,Силика-Гостивар” веќе не постои, (опстојува само дел кој се занимава само со доломит).

Наведените лични примери се само дел од една многу грда слика која што денес се отсликува во нашата македонска реалност.

Недостаток на образование и уште побитно, лошата карма меѓу нас Македонците, се како некое проклетство за нашето сопствено само-уништување.

Цели 80 години Македонија е самостојна држава. За овие 80 години самостојност, самите себе не си дадовме почит.

Не направивме сопствена историја од клучните фигури на кои што требаше да им се даде признание и почит за направеното, за градењето на нашата самосвест.

Не може да градиме силна нација и народ само со Илинденците од дамнешните времиња, кои што длабоко ги почитувам. Во изминатиов период од 80 години не изнедривме ниту една личност која без поговор ќе биде почитувана како симбол на нашата посебност.

Не може само со Илинденците да ја креираме сопствената и иднината на генерациите кои што доаѓаат. На нашата држава ѝ се потребни и други силни имиња од сите сфери на нашето живеење кои по заслуга би добиле пиетет на длабока почит.

За жал, не сум единствениот во нашава држава со кого институциите на системот си поиграле. Но сакам да сум последниот. Сакам да дојдат политичари со изградено образование, искуство и карактерни црти, професионалци кои што ќе овозможат брз развој на нашата држава каде ќе владее правдата за секој поединец, без разлика на неговата етничка и верска припадност.

Непреземањето чекори против организираниот криминал и неговото сосечување во корен, може да доведат до сериозни проблеми за нашето опстојување. Криминалот нема боја, нема нации и религии. Има само боја на пари.

Барам почит. Од моите институции за моите дела. Поединците злонамерници треба да научат да се почитуваат себеси и да не се кријат зад лажните профили ширејќи лаги. Лагата ќе ги стаса.

Трифун Костовски

Back to top button
Close