Зелениот чај, сам по себе, не значи брзо слабеење

Според лекарите и стручњаците, зелениот чај помага во согорувањето на мастите, но тоа само по себе не е доволно, објаснува Бетан Краус, нутриционистка на Универзитетот Лафборо во централна Англија. Тоа е, всушност, процес којшто ги топи мастите, што пак, води кон слабеење и добивање мускулна маса, но не без вежби и малку подолг труд, пишува британски „Гардијан“ (The Guardian).

– Кога зборуваме за „согорување на мастите“, говориме за оксидација на телесните масти. Тоа е разградување на липидите во масни киселини коишто се користат како гориво. Редовното вежбање може да ја зголеми стапката на оксидација на мастите. Кога вежбаме со низок до умерен интензитет, мастите обезбедуваат поголем дел од тоа гориво за мускулната функција. Како што се зголемува интензитетот, ова се префрла на користење повеќе јаглехидрати, појасни Краус.

Сепак, таа додава дека не постои такво нешто како храна што согорува масти. Јадењето, вели, во тој случај, би морало да „ги има ефектите од вежбањето“, за храната да оксидира масти.

– Па од каде замислата дека зелениот чај согорува масти? Кофеинот – којшто се наоѓа во зелениот чај, ја зголемува оксидацијата на мастите во релативно високи дози, во некои околности, вели Краус.

Кофеинот, имено, го зголемува ослободувањето на хормоните адреналин и норадреналин коишто ја поттикнуваат енергијата.

Сепак, лекарката вели дека истражувањата не нѐ советуваат дека треба да се користи само кофеин заради промени во телото. Ова, особено затоа што дури и кога вежбаме интензивно и оксидираме многу масти, и ако сме во енергетски вишок и консумираме повеќе калории отколку што согоруваме, нашата телесна маса нема да се намали.

– Апсолутно, можете да согорувате масни киселини наместо јаглехидрати, а сепак да не изгубите телесна маса. Така што, не се потпирајте на возбудата за суперхраната и додатоците во храната! Тоа се многу големи, смели тврдења, вели Краус.

Наместо тоа, докторката советува: Зголемете ја физичката активност и постепено намалувајте го бројот калории што ги внесувате.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close