А? Автономија?!

Во чудо е оставен Универзитетот, со новиот Закон за високо образование. Пишувам во име на одбрана на Универзитетот, за философијата на Универзитетот и за вредностите на слободната критичка мисла и еманципацијата, што ги градиме со векови. Универзитетот е онтолошка категорија. Агора на слободната мисла. Универзитетот не е ваш. Ние ги имаме сите епистемолошки аргументи за одбрана на НАШИОТ Универзитет. Универзитетот е наш Дом, на сите професор/к/и, филозоф/к/и, уметнич/к/и, научнички и научници, студент/к/и кои животот го посветуваат на учење и знаење, на наука, истражување, уметност, тоа се мислечките битија кои го менуваат светот, а не уште една запишана бројка во вашите студиски програми што и онака ќе ги сечете. Автономијта не е саксија со цвеќе, па ќе ја поткаструвате, зависно која сезона е. Од каде доаѓате вие? Оставете го законот за високо образование да го прават филозофите и филозофките! А не кралевите. Секако, ова специјално го вреснувам за вас во духот на Платоновата Држава, која се темели на систематично образование кое води до вистината и до душата – вели Платон. Универзитетот е жива, немерлива категорија, уметност на критичкото мислење, а не плева од монопол на вистината – унифицирана и конфискувана – затоа што некому така вилаетски му се може! Автономијата е совршена во сопствената несовршеност, тоа значи – Автономијата постои ко диво осцилирање помеѓу мноштвото значења / С. Хол, дури и погрешното мислење има вредност и ја зајакнува мислата во име на вистината.

Што дисциплинира овој закон? Автономијата како пракса на слобода. Bell Hooks во книгата Teaching to Trangsgress зборува за високото образование како способност на субјектот да мисли критички надовор од наметнатите идеологии, како храброст, пркос да се создава интелектуална и духовна самодетерминација, а не само институционална независност. Што дисциплинира МОН? Амбивалентна сум во однос на сите законици, но вџашена од овој, во кој не се остава простор за место на трансформација, во кој Универзитетот е втурнат во брутална вртоломина на корпоратизација и бирократско раштимување. Студент/к/ите наместо критички да читаат, или пак херменевтички да контемплираат, да не кажам сонуваат – за својата иднина – они ќе одат на пазар, зашто се ачик потрошувач/к/и, откако претходно им се камшикувани и дисциплинирани критичките слободи на мисла, преку институционални поставени евалуациски системи и хиерархии – што ги надминуваат границите на академската автономна сфера. Што правите? Ако Универзитетот станува инструмент на пазарот на државна моќ – ја губи моќта на еманципација. Контролата од власта се префрла врз укинување студиски програми, нормализација на одредени знаења – кои одат во прилог на власта, пригушување на прогресивни струи во академијата, контролата е невидлива и одвратно културно прикриена. Но, како долгогодишна професорка и носителка на првите постдипломски студии по култура и културологија – Вовед во студии на културата – во Македонија, како дел од професоркскиот пленум – сега повторно кажувам, критичката мисла е отпор, а вие сакате да ја дисциплинирате со Законот.

Универзитетот ги чува сите сили за востание за академска слобода, зашто е еманципаторски, стои помоѓу критиката и дисциплината. Универзитетот е амбивалентен како институција – простор за дијалог, трансформација, солидарност, но и простор за дисциплина, мамузан од структурите на моќта и комодификација на знаењето, во хегемониска Грамшиева смисла. Во позадина на овој закон има мачна либерална реторика за слобода – онаа сива густа непробојна зона – која ја мимикрира структуралната зависност.

Зборувајте ми за Универзитет na 21 век, ко современ дијалектички простор, модерен технолошки развој, со напреден софтер/ хардвер на секоја универзитетска единица, со елементарни услови за работа и живот на професор/к/ите и студент/к/ите, со економски влог во меѓународни инвестиции во науката, уметноста и образованието за истражување, низ технолошкиот развој, низ нови физички и метафизички платформи, онлајн/ хибридни училници – кои не се дописни школи! – ко што е пејоративно сугерирано – туку тоа се динамично хибриди простори за совладување гео-дистанци и меѓународна соработка со виситинг гости кои се вклучуваат во живо во тек на организирани предавања, јавни настани, со суштествени соработки што го подигаат рејтингот на Универзитетот. Ве молам зборувајте ми за дигитално високо образование – во законот спомнато едвај два пати – во кое живо ќе се живее критичката мисла за придобивките од технолошката цивилизација, Вештачката интелигенција, новите интердисциплинарни предизвици пред прагот… за кои овој закон за високо образование не зуцнува ништо. Нема ништо од ова.

И сега наместо да го браниме јавниот простор за мислење и дејствување, одново треба го натераме МОН да учи за тоа што е 1) онтологијата на Универзитетот, 2) автономијата на отпорот од внатре 3) еманципацијата и критиката на државната контрола.

Кому му е нелагодно да го чуе ова – но јасно е – Универзитетот постои да ја критикува власта. Само така има смисла. И ако има процепи во знаењето, некогаш и некаде, за тоа треба јавно да се разговара во процесите на создавање закон, а не отпосле. Нема наука и нема учење, таму каде што има тенденција за монопол на вистината, сведен во бројки и нормативни индекси, под стапчето на моќта и опашувањето. Уништена е Автономијата со новиот предлог закон за високо образование – ако стапи на сила. Зашто демонстрира моќ и тврда контрола, зашто МОН така сака.

Се сеќавате ли на она што Делез и Гатари го кажуваат… има едно Дувло… сепак, Дувлото во новоста на ова име, излегува дека не не ништо друго туку влез…, дотолку повеќе што ѕверот мисли на можноста за втор влез кој би ја имал функцијата на НАДГЛЕДУВАЊЕ. Тоа е скоро ќор-сокак, сифон, тесно грло. Тоа е сепак надзор со варијабилни степени на автономија, сепак, ќе забележите … тоа е е наведната глава на еден чувар, кој чува – да речам – мене ми личи сега … на академски работник. И оттука почнува таа фамозна функционална блокада, едно експериментално неутрализирање на желбата и дисциплина и моќ, академскиот субјект под пендракот на минисерот.

Со моите студент/к/и по Филозофска естетика и политичка филозофија, денес разговаравме за Хана Арент – 120 години од нејзино раѓање- и чинот на актерската игра во општеството како сцена. Знаете, тоталитаризмот никогаш не започнува со логори, туку со уништувањето на академската автономија. Таму е ужасот. Скршете ја автономијата и таму направете опело за автономната зона. Тенка е границата помеѓу насилството и она што власта го прави со протуркувањето на нацртот на Законот за високо образование, без притоа да бидат поставени пред широка јавна расправа – потребите на сите аспекти во академската заедница, подобрување, модернизација, на сите академски субјекти и аспекти, без цензура на мисла, со најтранспарентни капацитети за потребите на сите единици за одбрана на Автономијата на Универзитетот, без хиерархија, од професор/к/и до студент/к/и.

Автономијата вклучува грижа за репродукција, за знаење и политичко дејствување во јавноста. Автономијата е антитоталитарна, го брани јавниот простор ко простор на мислење и дејствување – во процесот на создавање – не отпосле. Автономијата е живо спротиставување против хомогенизацијата. Тоа што сака власта да го направи сега е контрола. Политичкото дејствување што треба да се случува во јавноста – го пренасочува во администрацијата.

Бев поканета на Самит на Жени филозофки од Југоисточна Европа, на Институтот по филзофија во Загреб, на кој се постави прашање во еден миг – каква слобода во долга исрпувачка транзиција и жесток капитализам? И, да. Која е таа слобода? Кога државата сака да го контролира Универзитетот, тоа значи само едно – ве буткаат во калап и трансактивна вредност. Синхронијата ни кажува едно – тоталитарните системи не започнуваат со забрана на мислење, туку со институционална регулација на тоа што се смета за валидно и компетитивно знаење. Тоа власта го нарекува – имапкт фактор. И така додека светските универзитети го напуштаат ова како вреднувачки систем, Македонија се лепи за. Решението за вреднување на научноистражувачката и уметничка дејност мора да овозможува интердисциплинарна синтетичка, концептуална и интерпретативна разработка што не може соодветно да се сведе во ригидна формулација оценувана преку библиометриски индикатори. Оттука, законската рамка треба да овозможи еквивалентно рамноправно и квалитативно вреднување на авторски книги објавени од реномирани меѓународни академски издавачи со рецензентска (peer-review) постапка, од домен на хуманистиката на странски јазик, при што оценувањето би се засновало на научната оригиналност, релевантност и влијание во дисциплината, а не исклучиво или доминантно на библиометриски индикатори, како што е сега во законикот. Објавување книга кај високо репутирани странски издавачи – создава долгорочна научна вредност, влијае врз дебати, има транснационална циркулација. Книгата е облик на длабочина што импакт-фактор системот не ја препознава. Вистинската евалуација мора да вклучи: престиж на издавач, рецензентски процес, академска рецепција, преводи и цитираност во монографии. Но, тоа е и финансиски џеб за МОН, зашто за да издадеш книги за странски издавачи треба да претходат тон меѓународни соработки, панели, дискусии, контакти, собири, меѓународни комитети, влог на долги патеки – а тоа чини финансиски и категорија време.

Мора да постојат и еквиваленти на уметничките дела и аудио-визуелни уметнички продукции со исклучителено значење, како и учество на фестивали со исклучителна важност што ќе одговараат со свој импакт, во свој домен, и соодветен систем на академско вреднување. Тоа не е мерлива категорија – во во законот – за напредок, туку тоа мора да се препушти на слободата на академските субјекти и факултетските единици кои и онака треба да имаат прогресивни грижливи политики за напредокот во складност со потребите и тајмингот.

Во UNESCO Recommendation on Science and Scientific Researchers (2017), European Charter for Researchers & Code of Conduct, Bologna Process / European Higher Education Area (EHEA) или Lisbon Recognition Conventio се земаат предвид квалитетот, оригиналноста и разновидноста на научно-уметничките резултати, како и специфичноста на дисциплините, без сведување на оценувањето на унифицирани квантитативни индикатори и impact-factor редукционизам. Или, Лисабонската конвенција за признавање нагласува дека академските квалификации и научно уметнички достигнувања треба да се вреднуваат во нивниот академски и интердисциплинарен контекст, а не исклучиво врз основа на формални или унифицирани критериуми.

Во соработка со UCLA и разговор за овој фантомски Закон, моите универзитетски соработнички спомнаа дека UCLA ја следи DORA – иницијатива започната во 2012 година на годишниот состанок на American Society for Cell Biology во Сан Франциско. Нејзината централна позиција е: Journal Impact Factor не треба да се користи како замена за проценка на индивидуални истражувачи или институции. DORA се зазема да не се користи квантитативното влијание во развојот, да се оценува содржината на трудот, не престижот на списанието, да се развијат квалитативни критериуми за истражување. Сличен е и Leiden Manifesto – 2015) кој формулира клучен принцип – квантитативната евалуација треба да ја поддржува, а не да ја замени квалитативната експертска проценка. Во оваа комбинација со МОН како контролор, импакт факторот е само дисциплинарен механизам, со пазарна нормализација на знаење, далеку од иманентно вредната продукција на академските субјекти.

Освен овој антитехнократски аргумент, постои и втор, конституционален аргумент. Тоа е дека Универзитетот мора да одбие секаков тип инструментализација, зашто е против концентрацијата на моќта. Автономијата е децентрализација на знаењето, пред се!

Контролираниот Универзитет е интелектулано мртов. Автономијата на универзитетот не е привилегија на академската елита, туку е структурен предуслов за демократска легитимност, за епистемологшка одбрана и валидност на политичката слобода. Во овој предлог Закон нема место за алтернативни нормативности. Законот само става калапи на она што е метрички мерливо, само она што може да е испеглано и навидум хомогено. Но, вистинската Автономја е жива тогаш кога е хетерогена, таа произлегува од плуралноста и јавната расправа – што во овој чин на создавање на законот – ја нема. Универзитетот е институционализиран облик на јавната мисла, ако државата го контролира Универзитетот, како што е сега направено во овој предлог закон, тогаш се уништува плуралноста на Универзитетот, се укинува критичкото мислење, знаењето е ништовно, министерот е локалниот шериф, има тука по некоја бед гај / гуд гај варијанта што им е забавно да се проследува од од МОН, зашто ем учени ем на нишан – овие од академијата, а се друго преминува во инструмент на идеологија и метричко мерење бројки, додека академските субјекти се ставени со исплазени јазици да претркуваат време.

Но, зошто власта стравува од Автономија? Зашто очајно сака, а не може да ја мери критичката мисла. Пред неколку години додека престојував на научна конференција во Сан Диего, за Етика, во панел со Марта Нусбаум – разговаравме – НЕ – ЗА ПРОФИТ во високото образование, или зошто на демократијата и требаат хуманистичките науки? Ако постои критичко мислење за создавање аргументација, тогаш побрзо стасуваме до градењто вредносни системи низ вчувстување и емпатија за здраво општество. Срамно е! Го исфрливте овој повампирен закон, а на Универзитетскиот простор нема елементарни услови за развој на просторни капацитети, нема основни стандардни за странски виситинг професори – не можеме да ги сместиме странците професори и професорки да поминуваат повеќе семестри со нашите студент/к/и, нема кабинети за виситинг гости, нема кабинети дури ниту за домашните, со години се укажува дека некои од нашите гости и студентки кои имаат специфична потреба да пристапуваат алтернативно до своите работни зони – не се во можност – зашто нема лифтови насекаде каде што треба по Универзитетскиот капус – факултетската единица може да има пристапност, но севкупниот Универзитетски кампус – нема, или останатите институции со коишто се соработува, како Министерствата. А, немањето пристап до јавни зони на Универзитетот – за кои има притоа законска одговорност за релизација, е директна дискриминација поради немање основни услови за елементарни научно – уметнички и истражувачки меѓународни активности кои се во тек. Ужасот има име.

Власта е легитимна само ако може да е критикувана од јавната сфера. Универзитетот е институционализирана форма на таа јавна сфера. Ако власта го контролира универзитетот тогаш, таа го контролира просторот каде се испитува нејзината легитимност, тоа е затворен круг на моќ – вели Шејла Бенхабиб.

Зошто толкава контрола? Низа одредби се крвопијни, неуставни и дискриминаторски. Власта сака капиталистички монопол на вистината, сака регулација на истражувачките агенди, зависност на факултетските единици преку финансирање. Универзитетот е во суштина – контра- моќ на ваквите структури, а не робинка на државата. Финансирањето не смее да биде условено, зашто така истражувањето станува идеолошко зависно, а науката пропаганда. Неолибералната редукција на образованието и квантитативната метрика, не ја мери длабочината на мислата, универзитетот се претвора во квантитет а не стратегија за вистина, тоа е технократска контрола, технократијата.

Кренете го рејтингот на Универзитетот со меѓународна интелектуална видливост, има како – поканете Visiting emeritus професори – отворете работни позиции за виситинг странци – за тоа треба буџет минимум 120.000 долари годишно за секој академик, отворете меѓународни истражувачки центри, вложете во глобална видливост, напредните академски субјекти на нашиот Универзитет. Тое е поврзано со отворање заеднички докторски и постдокторски програми заедно со наши постдиплом/к/ци, во сооднос со меѓународните истражувачки центри, тоа значи квалитативна академска политика и култура, интерни peer review панели, академска репутација. Законот изобилува со пазарен облик на контрола, а државната интервенција е политичка форма на контрола. Автономниот универзитет мора да се ослободи од двете. Ама, не е ни тоа изгледа важно за МОН, најважно е да се отворат скратени технички школи – кои ќе ја заменат академијата, за да се стигне побрзо до пазарот на трудот. Без модернизирање на високото образование постои тонење во технолошка и геолокациска изолација, губење конкурентност, самобендисаност и арогантност, интелектуална маргинализација. Во глобален контекст, Универзитет што одбива дигитална трансформација ја губи релевантноста во слободен пад.

Универзитетот како автономен простор на знаење е против политичка и метричка контрола, ДА, за дигитална трансформација и критичко мислење на вештачка интелигенција и интердисциплинарно вреднување на научно-уметничката продукција, како и за отворање нови автономни зони во дијлог помеѓу природните, општествените и хуманистичките науки. Инаку се додека критички ја мислиме дигитална сфера, се до тогаш може да ја облагородуваме со прогресивни аспекти на цивилизацијата, во спротивно сме ја предале на дискурсите на моќта и технофеудализмот.

Автономјата не е административна категорија, туку онтолошки предуслов за постоење на вистина. Кога државата го контролира Универзитетот — преку управување, преку забрана на одредени наставни форми или преку наметнување критериуми — таа го затвора просторот во кој може да биде преиспитана вистината и слободата. Не го втурнувајте Универзитетот во пазарна институција. Ако знаењето станува стока, критичката мисла ја нема. Тогаш зошто Универзитет? Што правите?! Слободата на мисла е СЕ. Технократски ви е Законот, тргнете го.

 

 

Професор Д-р Сенка Анастасова

редовна универзитетска професорка, авторка на книгата Политичка Наратософија Ратлиџ Пресс, 2024

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close