Каде беа сиромасите на ручекот во „Хилтон“?
Денко Малески
На покана на премиерот, претставници на власта, црковните великодостојници, бизнисмените и новинарите се собраа на ручек во хотел „Хилтон“ во Скопје, по повод христијанскиот празник Велигден. Недостасуваа само претставниците на сиромасите. Оти, да не заборавиме, прославата е во чест на „Исус, шампионот на сиромашните“. И повеќе од тоа: Исус Христос е еден од тие сиромасите.

Некој кој, како што кажуваат преданијата, постојано ги прозивал религиозните и политичките елити за нивното лицемерие и експлоатација, особено кога се злоупотребува религијата за да се оправда нееднаквоста меѓу луѓето. Некој кој го бранел достоинството на сиромасите и се борел против неправдата и лагата. И конечно, некој кој своеволно се изложил на страдање, распнување и смрт за да ги откупи гревовите на човештвото.
Гледајќи ги фотографиите од свечениот ручек во хотел „Хилтон“, мислите ми одат кон вистинското значење на денот кој Христијаните го обележуваат како Голем ден. Разбирливо, во оваа дигитална ера, прво помислувам на сцените од филмот „Страдањето на Христос“ во режија на Мел Гибсон, а потоа се потсетувам на некои прочитани литерарни фрагменти.
Во Библијата пишува: „Кога дојдоа до местото наречено Черепот, го распнаа, заедно со криминалци – еден на неговата десна страна, еден на неговата лева. Исус рече ‘Татко, прости им, зашто не знаат што прават’“. Во својата книга „Последното искушение на Христос“, пак, Никос Казанѕакис го нуди следниот литерарен опис за тој ден Велигден: „Небото се стврдна како олово, а светлината на сонцето паѓаше безмилосно. Ридот наречен Голгота стоеше соголен и незаинтересиран како да чекал за овој единствен чин од почетокот на времето.
Го фрлија долу врз дрвото. Звукот на чеканот одекна – остар, метален,финален. Секој замав како да удираше не само месо. Туку по тишината на светот.Толпата се помести неугодно, некои навиваа, други гледаа како хипнотизирани, немоќни да го свртат погледот.
Болката дојде како оган – ненадејна, целосна.Неговите раце, растегнати врз грубата греда се тресеа под железото. Неговото дишење се искрши во делови. Сепак, неговите очи останаа отворени барајќи по лицата пред него – не како обвинување туку во едно чудно, неразбирливо сочувство.
Крстот беше кренат.
За момент се чинеше како самата земја да се тргна назад во ужас. Лебдејќи помеѓу небото и прашината, тој висеше – не целосно меѓу живите и сеуште не меѓу умрените. Времето успори, се згусна. Секоја секунда се растегна до вечност.
Се слушнаа гласови: потсмешливи, молебни, незаинтересирани. Војниците играа коцка.Една мајка плачеше.Еден од осудените покрај него го псуеше светот; другиот прошепоти скршена желба.
Неговата жед гореше. Неговото тело ја издаде сопствената тежина свлечена врз клинците.Секоја воздишка беше борба, секој момент одлука да се издржи…“.
Честит празник.






