Кастеланета: Западен Балкан не може да биде изоставен од интеграцијата во ЕУ, во спротивно постои ризик од надворешни влијанија

Западен Балкан не може да биде изоставен од интеграцијата во Европската унија. Земјите чекаат на интеграција од 2003 година, порача генералниот секретар на Јадранско-јонската иницијатива, амбасадорот Џовани Кастеланета на денешниот форум за Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот Регион (ЕУСАИР) што се одржува во Скопје.

– Проширувањето е инвестиција во иднината на Европа. Доколку ги одложуваме ваквите активности ќе треба да се плати цена односно постои ризик од потпаѓање на надворешни влијанија. Токму затоа се обидуваме да воспоставиме процес кој ќе овозможи предвидливи активности. Пред неколку дена имавме средба во Братислава каде се потврди важноста на проширувањето и се утврди дека треба да се преземат постепени мерки за интегрирање на Западен Балкан во Европската унија, рече Кастеланета.

 

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски со порака дека проширувањето на ЕУ е геостратешки приоритет што е од суштинско значење за регионот.

 

Ние, рече Муцунски, сакаме процес на пристапување заснован врз основа на заслуги истовремено извршувајќи усогласување со европските стандарди.

 

Осврнувајќи се на нашето претседателство со ЕУСАИР кое сега преминува во рацете на Италија, Муцунски рече дека земјава и понатаму ќе го поддржува овој процес и активно ќе учествува во него.

 

– На почетокот на нашето претседателство се обврзавме на многу јасна визија – да ја зајакнеме регионалната обединетост со перспектива кон европската иднина. Сега може да се види дека ова било преточено во значаен напредок. Ова нема да биде само платформа за дијалог, туку и момент на реализација. Во изминатата деценија работвме заеднички да ја зајакнеме соработката како двигател на евроинтеграциите. Ставивме особено силен акцент врз неевропските земји од нашиот регион кои се блиски до Европската унија со активна поддршка од земјите членки во рамки на ЕУСАИР. Сето тоа е преточено во Скопската декларација и тие обврски се сведошства за нашите заложби, рече Муцунски.

 

 

 

Според првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, проширувањето на Европската Унија останува стратешка инвестиција за мирот, стабилноста и просперитетот на Европа, при што земјите од Западен Балкан треба да продолжат да напредуваат на европскиот пат преку кредибилни реформи и регионална соработка.

 

– ЕУСАИР не е само регионална платформа за соработка, туку конкретен мост кон постепена европска интеграција. Во време на сериозни геополитички и економски предизвици, на регионот му се потребни повеќе координација, поголема поврзаност и повеќе заеднички инвестиции, рече Сали.

 

За градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, регионалната соработка во време на брзи промени, геополитички предизвици, економски притисоци и демографски трансформации, повеќе не е избор, туку неопходност.

 

– Само преку заеднички, координирани и одговорни напори можеме да градиме стабилен развој, посилна економска поврзаност, подобра инфраструктурна и институционална соработка, како и поголема општествена кохезија во целиот регион. Годинешниот форум е насочен кон клучни приоритети за нашата заедничка иднина, како што се унапредувањето на спроведувањето на ревидираниот Акциски план на ЕУСАИР и зајакнување на соработката во контекст на проширувањето на Европската Унија, како заедничка стратешка цел и природен пат за земјите од регионот. Особено важно е што во фокусот се и младите. Тие не смеат да бидат само тема на разговор, туку активни учесници, носители на идеи и двигатели на промените. Демографските предизвици бараат сериозни политики што ќе создаваат можности, ќе ги задржат младите во регионот и ќе им дадат причина својата иднина да ја градат токму тука, посочи Ѓорѓиевски.

 

 

 

Македонија го презеде претседавањето со ЕУСАИР лани, во мај од Грција.

 

ЕУСАИР е иницијатива на земјите членки на ЕУ поднесена до Европската комисија и има цел промовирање одржлив економски и социјален просперитет во регионот. ЕУСАИР опфаќа 10 земји – четири од нив се земји членки на ЕУ (Хрватска, Грција, Италија и Словенија) и шест земји, кои не се членки на ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Сан Марино, Црна Гора и Србија). ЕУСАИР исто така цели и кон поддршка на пристапувањето во ЕУ на земјите од Западен Балкан, кон создавање синергии и поттикнување на координацијата меѓу сите територии во Јадранско-јонскиот регион.

Back to top button
Close